Слобода за слободата

08.08.2013 11:39
Слобода за слободата

Кога неправдата станува закон, отпорот станува наша должност. Но кај нас е обратно - колку повеќе навлегува неправдата, толку повеќе се делиме и разделуваме и ѝ оставаме празен простор за добар развој. Со самото наше егоистичко владение на нашиот живот, ние самите придонесуваме да се развие и инсталира неправдата во нашето општество и да се придонесе за уништувањето на нашата држава.

Граѓаните треба да разберат дека етикетирањето и напоредното организирање на разноразни манифестации имаат за цел само едно - да се анулира граѓанскиот активизам во нашата држава и да се спречат граѓаните да разберат дека само со слога се победува. Кога подобро ќе размислиме, ќе видиме дека на некого му одговара да нема демократија и слобода во нашата држава, и на тој начин добро да ги задоволи своите материјални апетити. Граѓаните повторно почнаа да веруваат дека сè уште има некои активисти кои се борат за нивните права, кои се спротивставуваат на секоја неправда во нашето општество и дека некој се грижи за нив.

Настаните кои се случија изминативе денови, нападот на пријавен мирен протест на граѓански активисти, кршењето на Уставот на Р.Македонија, малтретирањето и заканите на организаторите и т.н. граѓански сектор повторно докажа дека им се добри фотелјите и канцелариите и дека тие се пронаоѓаат само во хартио-активизмот, каде што многу добро се разработени сите наши проблеми, но за жал тоа е само добро пренесена мисла на скапо платена хартија. Која ќе оживее со некоја добро платена презентација во некое „сиромашно“ хотелче каде ако присуствувате и ако слушате добро, ќе поверувате дека во нашава држава сè е толку добро и средено благодарение на некои.

Граѓанските активисти и борците за човекови права моментално во нашата држава имаат работа за едно 2 до 3 илјади години и тоа уличен активизам, затоа што со занемарувањето и затајувањето на досегашните проблеми доведоа до нивна мутација и сега не се знае начинот на нивно искоренување.

Кај нас сите треба да разберат дека ако ние самите не се сакаме, не треба да очекуваме некој друг да нè сака. Тоа значи дека ако ние самите не си го изградиме мостот на солидарноста и единството, не треба да чекаме никој друг да го направи тоа за нас. Кога ќе разбереш или видиш дека на некој му се нанесува неправда, треба веднаш да реагираш и помогнеш, но тоа многу пати кај нас не се случи. Како може да се претставуваат дека се борци за правда кога ги тепаат граѓаните на улица, а кога ги апсат невините никаде ги нема. Но, кога ќе се средат работите и кога ќе видат поле за интерес, тие ќе бидат најоштетените од случката, затоа што кога гледале на телевизиските екрани како ги малтретираат граѓаните, тие се трауматизирале.

Со борбата за паркот кај Бристол се виде слогата кај граѓанските активисти, се виде добрата организација со која секогаш може да се пофалат одредени групи. Тоа се виде уште за настанот со Мартин Нешковски и ред други настани, но сепак никој не понесе одговорност. Тука треба да се постави прашањето: чекајте, кој овде се прави светец, а е сатана?

Одговорните веднаш треба да сносат последици, треба да одговараат и да се отстранат од нашите животи. Ако сакаат да си бидат главни нека си одат во оваа власт, таа такви како нив премногу сака. Треба да нè остават да си се избориме за нашето граѓанско општество затоа што ние немаме ни дебело конто на банкарски сметки, немаме ни вили, ни станови во повеќе градови. Имаме само желба за слобода.

Мене не ме болеа ударите нанесени од платениците на власта, мене повеќе ме болат лошите зборови и задните намери од оние кои се претставуваат како мои соборци, од оние во кои сум гледал брат, од оние кои секојдневно разговараат со мене, а од друга страна осмислуваат начини за мое уништување. Затоа сакам да кажам дека граѓанското општество го уништуваат и ќе го уништат лажните борци, оние кои излегуваат на улица само ако некој им даде финансиски надомест , затоа што тоа за нив било работа.

Сè додека сите не разберат дека треба вистинска борба, за вистинска слобода и се додека сите не го сфатат значењето на зборовите „Смрт на фашизмот-слобода на слободата“, ни нема спас.

Слободата има цена, ако не си решен да ја платиш - не ја чекај.

Влатко Ристески,

Граѓански активист

Претседател на ОДРАЗ