1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Калемарите и јаболкницата
Во Сеќавање на македоноцидот
пред и по еден попис
Од скок се извлекоа од кании
лутите калемари со блесок на челик
и ја стиснаа во обрач јаболкницата.
Коренот на стеблото
ја надминува мерата на нивните разуми.
Премногу ѝ се жилите
премногу, рекоа, во водите туѓоземјански.
Засекоа и пак на точилата на суровоста
се обновија, ноќта на нив да се огледа.
Вејковитките превисоко се подаваа
како второ надминување на мерата.
Со сечењето и плодот го обраа.
Сега и стеблото со свој аршин го премерија
го доближија до височината на својата мисла
и кората да ја одерат
премногу месото да не е обвиено
премногу иднината да не се збогати со пупки.
Кога сето тоа го завршија
големите мајстори на сечењето
од скок им се вратија на каниите
калемењето да го досонуваат.
А срцето засечено на јаболкницата
осамено и премногу вистинско
се надрасна себеси
пуштајќи жили и цутења на сонце
крваво и поживо од животот.
И остана на тврда почва јаболкницата
со својата крв да се прехранува
да ја надмине мерата на кроењето
облаците на утрешнината и ветровите
раните со благост да ѝ ги измијат
корењата сами мелем ќе си побараат.
Итар Пејо за еден друг
место епитаф
Вепарски заби, секач и дерач,
пуздрава моја со рез ја мерат.
Сум сакал. Мразам. Мразејќи сакам.
Бедра ми лапа брадолик чакал.
Жед сон ми пие. Прав жеден пијам.
Сок сладок в жили ми розга змија.
Сабја ме стрела. Стрела ме сече.
Сонувам небо. Земја ме влече.
Кажи ми, земјо, вселенска мравко,
каква е трошка Јаневски Славко.
Кажи ми што е: Роб или владар.
И дали пее в скрб кога страда.
И што е - злодеј судија закон?
И што е што е? Глаголи, мако...
Ене го. Мини пеколни зема.
Под срце мина. Над глава свеќа.
Бил. Не е. Збогум. Веќе го нема.
Веќе го нема.
веќе го
веќе...
Од сите страни вдовици в црно
на гроб му носат вино и цвеќе.
Суша е.
Солзи затоа врнат.
Портрет на зборот
Смисла го извишила
небо до коленици.
Се креваш на прсти
ликот не му го согледуваш.
Еднаш и уште еднаш
на раменици свои се искачуваш
со нозе на свое теме се потпираш
пак си под него.
Ти на негова кота,
тој над неоткриеното.
Ќе чека поголем искачувач.
Ни пастув на урагани
од реченици не нè испретува.
Молчењето ќе нè доближи до зборот
и до малку леб и вино.
Балада за каменот
Камен од камен
камена жена ископал.
На левата цицка ѝ наместил
камен белутрак. Да го подои.
На десната камената глава ја потпрел -
камен на камен сонува.
Од допир со близнаци ја оплодил
секој близнак близначиња раѓа:
допри се камен до камен,
камен роди се.
Секој камен камен да оплоди.
Израсна нашата камена тврдина.
Камен однатре
камен однадвор.
Уште само срцето живо отчукува.
Мера
Педа небо чекор нива
сон на дланка
капка море
грст ’рж дива
беломагла нишка танка
здив на луња
ветар в грло
жеден бунар
гладно трло -
тоа е Македонија.
Од збирките: Евангелие по Итар Пејо, 1966 (Итар Пејо за еден друг, Мера), Астропеус, 1979 (Калемарите и јаболкницата, Балада за каменот), Оковано јаболко, 1979 (Портрет на зборот)
GIF: Thoka Maer