Голтачи на сонцето

27.09.2013 13:20
Голтачи на сонцето

Пријателе?

Се разнежнувам кога те гледам
Со сеќавање на детството
Ти упатувам насмевка
На моето големо плишано мече
Потрчувам и те прегрнувам
И тогаш сфаќам
Дека твоето навидум меко плишано суштество
е (ис)полнето со игли.
И кој си, всушност ти?


Не пушам

Не пушам а запалив цигара
Не те сакам
А сакам да те видам.
Се барам
А не сакам да се пронајдам.
Ја прескокнувам оградата
Запнувам со нозете
Намерно.
Бидејќи се плашам
Се плашам што би можела да пронајдам од другата страна.
Можеби би било полесно ако имам крила?


Зора

Прекрасни птици
Го шараат пејзажот
Јата и јата
На кремастото небо
Зошто и ние не можеме
Толку лесно да се сложиме за правецот?


Голтачи на сонцето

Уште еден ден на берзата
Уште еден празен inbox
Целото време на светот-
А уште еден изгубен ден.
Велат дека треба да се пронајде нова сила,
И дека таа доаѓа од сончевите зраци.

И што друго да се направи освен
На насипот
На брегот на езерото
На ледината
На бетонскиот мост
Да се стои пред сонцето
Со отворени дланки, да се затворат очите и
Да се повторува во себе до зајдисонце
„Помагај како знаеш“


Ќе има револуција?

Велат дека гори во Атина
Велат дека се пролева крв во Мадрид
Сирија врие
И Египет исто.
А Хрватите се сончаат.


Бадеми

Мирисаш како свадбена торта
Што ќе се распадне под тежината
На марципанските младенци
Лесен како латиците на цветовите на бадемот
Ме прашуваш „каде сум“?

Тука сум и те гледам
Само што е мрак
И не ме гледаш.

Прегрни ме како тогаш во возот
Кога беше зима и не работеше греењето.
(и мислевме дека засекогаш ќе останеме заедно)
Само бунди ни недостасуваат
Топли, меки, слатки
Како чоколадно-кокосови колачи.


Не-места

Од аеродром до аеродром
Со целиот свет
А со никого
Сквотирајќи по клупите,
спиејќи со телевизиските проповедници
и гласот на Големата Сестра од звучникот.

Куп паднати ангели
Во облакот од парфемски тестери
И прибор за јадење за една употреба.
Единствената точка каде крилата се добиваат
и губат толку брзо.

Јака Приморац е родена 1977 година. Живее и работи во Загреб.

Превод од хрватски: Иван Шопов
Слики: Julien Pacaud

ОкоБоли главаВицФото