Комунистички Дизниленд

05.12.2013 12:20
Комунистички Дизниленд

Дали „најснажната манифестација на постмодернизмот во Европа" се случи токму во Букурешт?

 

Планот за Булеварот на победата на социјализмот и Домот на Републиката е резултат на урбанистичко планирање чија цел е „рационализацијата" и монументализацијата на органските градови во Европа. Такви вештачки „имплантирања" во средновековните „ткива" се правени според утописки проекти уште од времето на Француската револуција и времето на просветителството. Значајни градови во Европа во периодот помеѓу двете светски војни, вклучувајќи ги и Рим, Берлин, Москва и Букурешт, беа „монументализирани" не само во плановите, туку делумно и низ нивната реализација.

Токму на локацијата на возвишението Арсенал, каде и во планот од триесеттите години беше предвидена содржина со слична намена, и новиот план на Букурешт предвидуваше изградба на комплекс чиј централен објект беше Домот на Републиката.

Употребените композициски средства во реализацијата на комплексот: класичните/еклектичките елементи кои не водат сметка за евокативната/естетската функција; употребата на identikits, величањето на урбаната фасада се несомнено аналогни на она што го величаше и постмодерната архитектура. Сепак, недостасуваат неколку основни состојки на постмодерната, како на пример ироничноста, двојното кодирање, назнаки кои треба да ги посочат направените отстапки со кои се потенцира масовната кич култура... Всушност, станува збор за една уштиркана групација на згради кои требаа да изгледаат сериозно како припадниците на тајната полиција, облечени во темни костуми, со првут на рамењата и бели чорапи во лакирани црни чевли. Се разбира, ова сфатете го само како несакан излив на хумор: иронијата им припаѓа на критичарите, не на авторите; на интерпретацијата, не на креацијата.

Роберт Вентури одамна го има анализирано неуспехот на модерните монументални зданија кои сакаат да ни се „обратат" со неадекватен речник. Таквите згради тој ги нарече „мртви патки". Новиот општествен центар во Букурешт е таков пример, кој следејќи го примерот на советското „џуџе", за жал, стана најголемата „мртва патка" на светот.

Палатата, Дом на Републиката, која е предмет на конкурсот „Букурешт 2000" си го смени името по Револуцијата од 1989 година и се претвори во омилено чедо на романските парламентарци. Многу е веројатно дека резултатите на конкурсот нема воопшто да влијаат на нив. Тие не се единствените кои веруваат во тоа дека, ако ги занемариме политичките разлики, таа е значаен израз на градителскиот гениј на ДакоРоманците... Досегашните незначителни измени на објектот се површни и се однесуваат на додавањето на концертна сала, галерија во подрумот и колонада на антитерористички специјалци во влезниот хол... Недостасува уште да се преселат претседателските простории, па урбанистичкиот тестамент на Чаушеску да биде во потполност исполнет.

Досега многупати оваа зона беше предмет на испитувања и предлози од страна на домашните архитекти, но сите нивни предлози беа во суштина „утописки" зашто не се занимаваа со основниот проблем: сообраќајот и комуникациите, унаказувањето на уличното ткаење, прекинот помеѓу реалноста и проектот...

Од друга страна, никој сеуште не предложил решение за она што досега е утврдено како неможност да се доврши зградата. Оптимизмот што го носат распишувачите на меѓународниот конкурс веројатно се темели на живописните измени на фасадите на околните булевари. Карактеристична е појавата на една псевдовернакуларна архитектура со која се кријат трагите на „победата на социјализмот" од фасадите и се заменуваат со (вештачки) мермер и гранит, со разладни уреди на фасадите, со рекламни таблоа. Засега, постмодерното решение е најдено во еден американски тип на Дизниленд или главна улица каква што ја опишува Вентури во Поуките на JIac Вегас... Градот веќе поседува еден можен комунистички Дизниленд. Се’ што треба да се направи е да се редуцира на минимум апсолутната функција на Домот на Републиката со умножување на центрите на активност во пошироката зона, со уништување на политичкото влијание на зградата, со поткопување на тоталитарниот симболизам во колективната меморија... Доколку сето се направи доволно консеквентно, зградата може да се претвори во постмодерен успех, со домување, трговија, забава и, секако, со сѐ што подразбира масовната култура...

Дисконтинуитет, фрагментаризам, еклектицизам тоа се етикетите кои можат да му се прилепат денес на Букурешт. Затоа е неопходно да се утврдат конзистентни урбанистички правила кои ќе бидат основа на урбанистичкиот план на овој дел на градот кој е сега во руини. Ако такви неподносливи проекти можеа да бидат реализирани во постојната зона на историскиот центар, скоро и да не може да се замисли што сѐ може да се случи, во отсуство на една кохерентна урбанистичка визија, на местата што се сега празни.

Конкурсот за центарот во 2000-та година е затоа ризичен зафат, на тенкиот раб која ги раздвојува некултивираниот Букурешт полн со ацефални кули, не многу различен од Хонгконг или Сингапур, од една добро артикулирана европска метропола, која од урбанистичка гледна точка може да биде и флуидна и интелигентна.

Тимовите се натпреваруваат, но резултатите наскоро по објавувањето ќе бидат под силно влијание на финансиската политика: тогаш урбанизмот ќе има само посредно влијание.

Извор: Аршин, бр. 3, 1996 година

Слични содржини

Јавни Простори / Скопје 1963-2013
Јавни Простори / Скопје 1963-2013 / Историја
Јавни Простори / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото