Кажете ми како се умира и ќе знам како се живее

07.12.2013 12:31
Кажете ми како се умира и ќе знам како се живее

На пат од Нигер до Алжир, сè на сè триесетина километри од спасоносниот бунар, бегајќи од уште една лоша жетва, од жед умреа 133 луѓе, меѓу кои 33 жени и 52 деца. Биле подготвени на секаков ризик, па и на смрт, за да побегнат од гладта, непоимливата сиромаштија и безнадежноста во Субсахарска Африка, местото кое се наоѓа на врвот од светската хиерархија на очајот.

Правливите, врели и хронично сиромашни гратчиња на југот од Алжир не се разликуваат многу од европската визија за пеколот, места во кои е страшно да се живее. Но, за луѓето кои живеат во Нигер, само неколку стотици километри појужно, алжирскиот Тамаресет, изолирано гратче полно со напнати војници и искусни шверцери, претставува слика и прилика за подобар живот, единствен излез од убиствената беда. Имено, оваа година Нигер и официјално е прогласена за земја во која се живее најлошо. Оваа хронично гладна пустинска држава и два пати поголемата Конго го делат последното 186 место на листата составена според „индексот на човечкиот развој“, која ја објавува Програмата на обединетите нации за развој.

Кон крајот на октомври од Зиндер, големиот град на југот од Нигер, кон Тамаресет тргнала група од 113 луѓе, главно семејства со многу жени и деца. Иако денес едни тврдат дека сакале „да ги посетат роднините во Алжир“, а други веруваат дека заминале „за да живеат од питачлак“, имајќи предвид дека во групата имало многу тинејџерки, најверојатно планирале да бараат слабо платени домашни или услужни работи. Сепак, сите во Нигер знаат која е вистинската причина за патувањето кое го преживеа само 21 личност. Тие се обидуваа да „побегнат од уште една лоша жетва“, рече Риса Фелту, градоначалник на Агадез, задолжителната станица за сите Африканци кои ќе тргнат по патот кон „ветената земја“ на северот.

Меѓу мртвите биле 33 жени и 52 деца. Нивните тела се најдени раштркани на пустинската патека која води од местото каде без бензин останал еден од двата камиони, до бунарот оддалечен триесетина километри. Неколку часови претходно возачите им наредиле на патниците да ги закопаат покрај патот роднините кои веќе умреле од жед и чии тела биле на камионот кој неколкупати се расипувал. Изгледа дека ниту стариот камион ниту нервозните „шверцери на луѓе“ не ја издржале тридневната игра мачка и глушец со алжирската полиција. Оставиле еден камион како и луѓето кои ги превезувале со него, побарале пари за да купат гориво и веќе не се вратиле.

Тоа била најголемата поединечна трагедија од мај 2001 година, па наваму, кога 140 луѓе умреле од жед на пат кон Либија. Меѓутоа, возачите и воените патроли во овој дел од Африка постојано наидуваат на човечки скелети кои умреле пред да стигнат до Либија или Алжир. Полковникот Гарба Маикидо изјави дека „пустината зема животи и секогаш ќе ги зема“ и дека властите во Нигер не можат да направат ништо повеќе, освен да се обидат „да го намалат ризикот“.

Раст без просперитет

Водата е реткост и луксуз – дури и употребените, празни пластични шишиња се продаваат на парче на пазарите ширум Сахел, но за повеќето луѓе дури и тие се недостапни. Преку овој сè посув регион, кој се простира од Мавританија на запад до Судан на исток, поминуваат речиси сите патишта кои ја поврзуваат Субсахарска Африка, најсиромашниот дел од светот, со Западна Европа, најбогатиот светски регион.

Во камиони и покрај правливиот пат во Нигер, минатата недела од жед умираа луѓе кои заклучиле дека веќе ниту еден ризик не е преголем, дека и смртта е подобра од животот што го живеат и целосната безнадежност што го следи. Еден експерт за Субсахарска Африка ја изрази фрустрацијата за состојбата во големиот регион на тој начин што рече дека не треба „да зборуваме за тоа како луѓето живеат таму, туку како умираат“.

Минатиот месец, неколку дена по трагедијата недалеку од италијанскиот остров Лампедуза, каде повеќе од 300 емигранти го изгубија животот, младиот Сомалиец, кој некако стигнал до Лондон, го остави без зборови домаќинот на емисијата World Have Your Say на BBC. Не стигнав да го забележам неговото име, но на сосема рутинското и бенигното евроцентрично прашање за „трговијата со луѓе“ и лошите „шверцери на луѓе“, младиот гостин во студиото одговори дека за него и за многумина негови сонародници тие лоши луѓе во исто време биле и добродетели и единствена надеж. Згодниот Сомалиец им е благодарен затоа што, во замена за пари, му овозможиле да побегне од пропаднатата држава која постои само на хартија и која е толку неуспешна што за неа веќе подолго од две децении нема статистички податоци.

Во гладните субсахарски околности многу нешта добиваат поинакво значење. Тешко е на жителите на Европа да им се претстави што значи апсолутната беда, живот со помалку од 1,25 долари дневно, како што Светската банка и агенциите на ОН ја дефинираа безнадежноста. Под оваа граница на бедата во „црната Африка“ живеат половина од граѓаните – помеѓу 47 и 50,5 проценти, во зависност од истражувањата. Од друга страна, во „белата Европа“, во ваква, „вистинска“ беда и хронична оскудица живеат помалку од една десетина од еден процент на населението. Затоа, никаде на Стариот континент, опкружен со блага клима и хармонична морфологија, нема нешто што може да нè подготви за средба со животните услови јужно од Сахара.

Тие не се промениле значително ни во текот на последните години од нагласениот „афрооптимизам“, кога западните медиуми често објавуваа текстови со наслов „Подемот на Африка“. И покрај тоа, „растот без просперитет“ денес претставува еден од најголемите африкански парадокси. Иако во многу земји во претходната деценија се забележани рекордни стапки на економски раст, главно профитирале малубројната средна класа и еден грст богати луѓе. Со други зборови, оние кои пред десетина години живееле добро, денес живеат многу подобро – останатите главно останале или хронично гладни или се плашат дека сушното лето (на пример, во Сахел, дождливо е исклучиво од јуни до септември) ќе ги однесе во беда и ќе ги натера да тргнат или во пренаселените градови или на север, кон Европа или (помалку сиромашниот) арапскиот свет.

Хиерархијата на очајот

Не само што Субсахарска Африка претставува најсиромашен дел од светот, туку збунувачки голем број жители сметаат дека состојбата е безнадежна, дека развојот е завршен и сè што сакаат е некако да си заминат оттаму. Причината зошто главно страдаат луѓе од земјите во Западна Африка и Африканскиот Рог е тоа што останатите држави се премногу далеку и тоа што нивните граѓани главно немаат никакви шанси да стигнат ниту до Сахара, а камоли до Медитеранот.

Сепак, стотици од нив секоја година се обидуваат да се вовлечат во лежиштата за тркала на патничките авиони кои летаат кон Европа. Замрзнатите тела кои понекогаш испаѓаат од авионите пред да слетаат на Хитроу, по правило се африкански, трагични сведоштва за размерите на тешко поимливиот очај. Благодарение на тоа што мобилниот телефон на Хозе Матадеа „преживеа“ пад од авион, во април BBC успеа да ја реконструира животната приказна на овој млад човек од Ангола, кој на својот 26 роденден во Лондон стигна мртов со мобилен телефон и една фунта во џебот. Умрел некаде попат од хипотермија и недостаток од кислород.

Иако и многу Арапи се обидуваат по секоја цена да стигнат во Европа, Субсахарска Африка остана сржта на проблемот, појдовна точка на сите хиерархии на очајот. Дури и оние глобални показатели кои денес делуваат розево, речиси исклучиво се последица на многу поинклузивниот економски раст на Далечниот исток, првенствено на единствениот успех на кинеските комунисти во искоренувањето на екстремната беда. На пример, една од главните Милениумски развојни цели на ОН, бројот на луѓе кои живеат со помалку од еден долар дневно да биде намален за половина, до 2015 година ќе биде остварен главно заради развојните успеси во Источна Азија.

Африка речиси и да ја нема ни во наизглед тривијалните, но моќни показатели во светот во кој одамна важи максимата „конзумирам, значи постојам“. Во субсахарските метрополи дури неодамна се појавија првите „вистински“, иако главно не толку големи, шопинг молови, но, освен во неколку од вкупно 48 држави, уште нема Мекдоналдс. Што и да помисли некој за храната и задоволството, овој ланец стана важен статусен симбол за средната класа во создавање во целиот Трет свет, потврда за „реалниот“ просперитет и предолго одложуваното потрошувачко влијание од западот. Од аголот на големите фармацевтски компании, земјите и регионите во кои живеат луѓе кои немаат ниту за Биг Мек не претставуваат релеватен пазар – старите болести за кои сè уште нема лек, главно се тропските, првенствено „африкански болести“.

Зошто си дошол тука

Субсахарската реалност и трагедиите кои ја следат ретко стигнуваат на насловните страници од западните медиуми. Но, тоа не се само „африканските приказни“, тие го илустрираат значењето на некои (глобални) економски лекции кои сме склони да ги прескокнуваме или забораваме. На прво место, дистрибуцијата на растот често е многу поважна од стапката на раст со која станаа опседнати и медиумите, политичарите и нивните богати финансиери. Во Африка, огромниот „раст“ во последните години главно завршува во џебовите на оние корпорации и играчи кои сакаат брза заработка или голема заработка која може брзо да се изнесе од земјата.

Од друга страна, не е помалку важно ни тоа од кои стопански гранки доаѓа растот, дури и тогаш кога е многу голем. На пример, во Африка, според истражувањата на Меѓународниот фонд за земјоделски развој на ОН, се покажа дека растот во земјоделството е единаесет пати поефикасен во намалување на сиромаштијата, отколку растот на бруто општествениот производ кој е остварен благодарение на другите стопански гранки. Земјоделското производство во регионот веќе три децении опаѓа заради различни причини. Клучната улога често ја имало инсистирањето за избрзано и контрапродуктивно отворање на пазарите, но и последиците од климатските промени и недоволните инвестиции во земјоделството. Иако жителите од најсиромашните земји на периферијата од Сахара најмалку придонесуваат за климатските промени што ги предизвикуваат, ја плаќаат најголемата цена заради „климатските екстреми“.

Во Србија, Африка постои како политичко страшило, неважно и далечно место за нацијата која, речиси цела, неодамна се заврте кон Брисел. Пред неколку години во еден текст го споменав Нигер, но вредната лекторка го промени називот на државата во Нигерија. Тешко е да им се зборува на луѓето кои веруваат дека „тука е страшно“, дека „сме го допреле дното и дека не може да биде полошо“, за местата на бреговите на далечниот Нигер каде навистина е страшно, каде не може да биде полошо или каде на „вистинското“ дно вообичаено се наоѓа дупка во која може да „пропадне“ една цела земја.

Некогаш се обидував да се замислам себеси – како би се однесувал во сурови и поразувачки околности? Не знам што ме збунуваше повеќе. Дали гладните и тажни луѓе кои, не барајќи ништо немо зјапаа во мене додека некаде во Етиопија возачот го менуваше тркалото, или децата во Буркина Фасо кои нечујно одеа неколку чекори зад мене чекајќи да ја испијам водата од пластичното шише? Дали недохранетото дете на северот од Бенин на кое му дадов неколку бонбони од кои тоа им даде две на изгладнетите девојчиња од номадскиот народ Фулани, кои заедно со мајките клечеа покрај патот. Или девојчето во Того, кое не бараше ништо, но длабоко се поклони кога му дадов неколку бонбони?

Сепак, можеби најмногу ме шокираше тинејџерот во едно село во Етиопија, во кое застана возачот за да купи ќумур (многу поевтино отколку во Адис Абеба), кој не веруваше дека постои некој што сака да дојде во неговата земја и кој ме праша згрозено: „Што има овде да се види? Зошто си дошол овде?“ Не стануваше збор за тоа дека не разбрав зошто тоа ме прашува. Тоа што ме остави посрамотен и без текст е немоќта да направам нешто за да се промени реалноста во која таквите прашања се легитимни.

Мртво време

За жал, многумина како одамна да се откажале и живеат некакво суспендирано, практично мртво време. Не сум сигурен дека многумина од оние што ги среќавав сè уште веруваат во што било, па ниту во чудо, „добрата вила“ која ќе ги префрли во Европа, местото каде живеат просперитетот и модерноста, збор кој во Африка, ми се чини, се слуша многу почесто отколку во другите делови од светот. Притоа, имав среќа да не бидам јужно од Сахара за време на најстрашните години во кои завладеаа „епидемиите од глад“ – famine на англиски, ужас за кој не постои вистински збор на јазиците на Балканот благословен со климата.

Не е лесно да се мери бедата и безнадежноста на поединците во денешниот, државоцентричен свет. Но, не станува збор само за анегдоти, случајни слики од еден огромен простор. Кон крајот на септември беа објавени резултатите од големото истражување „Афробарометар“, спроведено во 34 субсахарски земји на примерок од 50 000 луѓе. Авторите заклучиле дека не само што поголемиот дел од жителите „живеат во сиромаштија“ и дека „малку се променило“ во однос на тоа прашање, туку и дека „постојат причини да бидат доведени во прашање стапките на раст кои ги пријавувале“ државите од регионот.

Денес цела Субсахарска Африка троши струја колку и Њујорк, а Чад, државата која е двојно поголема од Франција, користи помалку електрична енергија отколку зградата на Светската банка. Во повеќето земји малкумина патуваат. Патиштата главно се празни, а возилата се многу стари. Не се сеќавам дека видов некој да се изненади кога ќе се расипе автобусот и сите неочекувано ќе преноќат во некоја пустелија. По правило, јужно од Сахара, сè друго и понатаму е поскапо од времето. Автобусите поаѓаат кога ќе се наполнат. Ако се придржуваат до возниот ред, тоа значи дека станува збор за популарна линија на која картите се распродадени однапред. За бројни места превозот постои само кога е пазарен ден. Дури и во многу погусто населените земји од Нигер на многу важните патишта често со часови не проаѓа ниту едно возило.

„Економските“ и „климатските“ миграции, што во жаргонот на меѓународните организации се еуфемизми за бегство од бедата, претставуваат еден од главните двигатели на луѓето. Многумина остануваат заглавени некаде на долгиот пат на северот. Само во Агадез преку пет илјади луѓе живуркаат во импровизиран „логор за мигранти“, еден вид населби кои жителите ги нарекуваат „гето“ – во нив заедно се оние кои ги чекаат шверцерите или ја договараат цената, но и луѓе кои немаат пари ниту да го продолжат патот кон Алжир или Либија, а ниту да се вратат дома. Сите кои ќе стигнат до Либија барем можат да очекуваат дека ќе најдат некоја сезонска работа и за неколку месеци тешка физичка работа, да заработат доволно за да го продолжат ризичниот пат кон Европската унија.

Криминализација на правото на живот

Медитеранот, како некој огромен, широк „канал“, и Сахара, моќниот природен „бедем“, со векови го штителе и, во голема мера, го гарантирале просперитетот и стабилноста на денешната „тврдина Европа“. Многумина знаат дека немаат не само пари туку и доволно сила за еден таков пат. Иако невработеноста во Либија, Тунис и Алжир е огромна, многумина мигранти од „црната Африка“ се подготвени да работат за многу малку пари за да преживеат. Бедата во Алжир или Тунис е неспоредливо помала во однос на состојбата на истокот од Буркина Фасо или во Јужен Судан.

Најпосле и во Либија, спласна расистичката, „антиафриканска“ хистерија која го следеше падот на Гадафи и враќањето на неговите верни туарешки воини во Мали и Нигер. Либија лежи на „најлесниот пат“ помеѓу Субсахарска Африка и Западна Европа. Сè повеќе има црни Африканци кои на прометните раскрсници во Триполи чекаат некој да ги ангажира и спијат во мали картонски кутии во населби под големите надвозници.

За време на последните години од владеењето, Гадафи беше добар чувар на големата сахарска капија на „тврдината Европа“. Денес, либиската граница е поотворена и послабо контролирана, но многумина и понатаму се плашат од омразата и сомничавоста на Либијците кон црнците, од „Луѓето на Гадафи“. Од околу 5 000 Африканци кои, според проценките на ОН, секој месец се обидуваат преку Нигер да стигнат до Европа, повеќето одат кон Алжир, Тунис или Мароко. Оние кои доаѓаат од Сомалија и Еритреја, и не се поврзуваат со режимот на Гадафи, се најбројни, заедно со младите Сиријци, патниците со чамци кои од Либија тргнуваат кон Малта и Лампедуза.

Иако сè почесто зборуваме за „илегалните миграции“ во реалноста, по правило, станува збор за очајнички обиди за бегство од убиствената беда. Гледано низ африканската перспектива, користењето на таквите изрази претставува криминализација на единствената валидна алтернатива и делегитимирање на правото на потрага за живот достоен за живеење во сè подлабоко поделениот свет. Дури и Бан Ки Мун, одмерениот генерален секретар на ОН, минатиот месец предупреди дека има сè помалку канали за легална, „безбедна и уредена миграција“.

Така ниту граѓаните на Србија, израдувани со „белиот шенген“, не се грижат многу за тоа колку на граѓаните од африканските земји им станало тешко да добијат виза за Србија. На пример, Египќанка која во Каиро работи за голема западна корпорација, неодамна се откажала од обидот како туристка да ги посети Србија, Босна и Хрватска. Гарантните писма и потврдите кои овие три амбасади денес ги бараат, направиле едно такво патување на Балканот да стане невозможна мисија.

Пречките не се само административни. Премиерот на Малта неодамна предупреди дека Медитеранот, морето кое во овој дел од светот ги раздвојува богатиот Глобален север и сиромашниот Глобален југ, може да стане „гробница“ на очајниците. Главната поделба во денешниот свет е економска и Медитеранот и Сахара во овој дел од светот придонесуваат за нејзино одржување.

Полковникот Маикидо вети дека властите „жестоко ќе ги казнат“ шверцерите на луѓе, а портпаролот на владата во Нијамеј соопшти дека минатонеделната „трагедија била резултат на криминални активности кои ги водат различните видови мрежи за трговија со луѓе“. Како и официјалните лица во Нигер, и функционерите во ЕУ сакаат да зборуваат за „шверцерите кои го експлоатираат човечкиот очај“. Но, клучот за овој голем проблем не е кај шверцерите туку во очајот. За жал, станува збор не само за трагедија на која не ѝ се гледа крајот, туку за трагедија за која е сè потешко дури и да се замисли како ќе заврши.

07.11.2013

Извор: http://www.vreme.com