50 години обнова и изградба на Скопје (1)

13.12.2013 12:28
50 години обнова и изградба на Скопје (1)

Во средината на 60-тите години од минатиот век, во Македонија, како рамноправна членка на СФР Југославија, се случуваат два важни настани кои се директно поврзани со развојот на архитектонската дејност. Тогаш започнува да се спроведува првата економска реформа во земјата, со која привремено се забранува инвестирање во објекти од нестопанските дејности, односно во оние од високоградбата, што многу го стеснува просторот на архитектонското проектирање. За среќа, од таа забрана се поштедени станбената изградба во земјата и широката обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Секако дека југословенската архитектура својата шанса за афирмација ја бара токму во тие слободни полиња за дејствување.

Вториот важен настан претставува воведувањето на престижната Борбина награда за архитектурата (1965), која уште повеќе го поттикнува натпреварувачкиот дух меѓу архитектите во земјата. Прогласувањето на годишните признанија се одвива најпрвин во секоја од републиките со доделување на плакета, а потоа од тој потесен избор се прогласува главната (сојузна) Борбина награда. Една од главните цели на тој натпревар е ,,да се афирмира архитектурата и да се наградат напорите за рехабилитација на домашниот градителски израз“.

Без сомневање е дека овој натпреварувачки дух придонесува за создавање архитектонски дела со големо значење, кои остануваат во историјата на архитектонското творештво во Југославија. Меѓутоа, искуството покажа дека таа институција не создаде прочистени ставови и не воспостави една конзистентна архитектонска етика. Од друга страна, категоријата ,,домашен градителски израз“ може да се стави под дилема, бидејќи не е сосема јасно на што се однесува. Со постоењето повеќе државни единици и региони во СФР Југославија, кои претендираат на релативно јасно издиференциран ,,свој“ домашен градителски израз, тешко може да се зборува за создавање некаков заеднички градителски израз на државно ниво.


Панорама на центарот на Скопје пред земјотресот во 1963 година. Лево е Народната банка, а десно Офицерскиот дом

Развојот на модерната архитектура во Македонија од средината на 60-тите години е директно зависен од општествено-политичката состојба во Федерацијата, но и од економските услови кои владеат во Републиката. Со економското зајакнување на земјата, во средината на 70-тите години започнува позасилена архитектонска активност, со што се создаваат релативно голем број разновидни квалитетни објекти и во Македонија. Кон тоа придонесува размената на архитектонските идеи на сојузно и меѓународно ниво, пред сè преку големиот број јавни архитектонски и урбанистички конкурси. Тогаш започнуваат и првите настојувања за создавање современи регионални архитектонски школи во рамките на југословенската архитектура, што е карактеристично и за Македонија.


НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ

Третиот период во развојот на модерната архитектура во Македонија, всушност започнува по земјотресот од 1963 година, во кој се уништени преку 85% од станбениот фонд и преку 80% од културно-историските објекти во Скопје. Обновата на градот е овозможена со материјална помош од тогашните југословенски републики и од странство, со што Скопје станува град на меѓународната солидарност. Во 1965 година е прифатен новиот Генерален урбанистички план, изработен од домашни архитекти во соработка со Полсервис од Полска, а под раководство на Адолф Циборовски. Планот содржи: три главни станбени зони, индустриски и деловни зони, како и зона за масовна активна рекреација. Посебно внимание му е посветено на сообраќајното решение со издвојување на транзитниот сообраќај.

Генералниот урбанистички план на Скопје (1965) изработен под координација на Адолф Циборовски: 1. станбени зони, 2. индустриски зони, 3. јавно зеленило и парк-шуми, 4. општествени центри, 5. магистрали, 6. улици, 7. железничка пруга

Централното градско подрачје на Скопје ја добива својата физиономија по меѓународниот конкурс за негово урбанистичко решение. На конкурсот земаат учество четири југословенски и четири странски тимови. Тие имаат задача да одговорат на следните конкурсни барања:

Да се добие достоинствен центар на главниот град, кој би одговорил на традиционалните карактеристики на градските центри во Македонија, a истовремено да биде современ и пригоден за градски живот. Влезот во центарот од страната на новата железничка станица да се предвиди низ специфична порта, оформена со повеќекатни административни објекти. Сообраќајот да биде комбиниран (моторен и пешачки) на различни нивоа. Со решението треба да се создаде релативно изолиран (мирен) центар, но со добри врски со другите делови на градот. При сето тоа, треба да се зачува Старата чаршија, а тврдината Кале да учествува во урбаната композиција. Како композициска оска на ова комплексно решение се јавува коритото на реката Вардар.


Морис Ротивал. Конкурсното урбанистичко решение за центарот на Скопје (1967). Макета

Од странство, на конкурсот земаат учество претставници на различни урбанистички и архитектонски насоки: Морис Ротивал од САД, Ван ден Брук и Бакема од Холандија и Луиџи Пичинато од Италија. Во своите решенија тие се залагаат за чистота на композицијата, но во извесна мера ги занемаруваат реалните локални услови. Во нивните високопрофесионални планови не се чувствува некој вид решение на градски центар како општествен форум со неопходните откриени плоштади и еспланади за масовно пешачко движење.

Извор: ПОРТА 3

Слични содржини

Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото