Зависник од типографија

15.12.2013 02:50
Зависник од типографија

Интервју со Ласко Џуровски, авторот на најпопуларната македонска кирилица „Скола“ и креаторот на 320 авторски фонтови.

 + мала галерија на неговите фонтови

 

Како би се претставиле во една реченица?

Ласко Џуровски, зависник од типографија.

Што значи да се биде дизајнер на фонтови и дали може да се живее од тоа?

Макотрпна, секојдневна, континуирана работа, беспрекорна дисциплина. Може да се живее, исклучиво и благодарение на соработката со странски компании. Кај нас никако! За жал, сè уште многу малку луѓе знаат што значи да се креира фонт. Преовладува мислењето дека фонтовите се нешто што треба само да го преземете од интернет, каде што се создава и мултиплицира магично, само од себе, чекајќи да дојде некој да го собере.

Колку вкупно писма (typefaces) имате создадено и колку фонтови произлегоа од нив?

Имам креирано околу 40-тина писма со вкупно 320 фонтови. Некои од нив се комерцијализирани, а повеќето од нив се во завршна фаза. Во првиот квартал на нареднава година почнува интернационалната дистрибуција со една фонт фамилија која ја креирав за една од најпознатите странски компании која се занимава исклучиво со продукција на квалитетни мултијазични фонтови. Според договорот кој веќе го потпишав, секој нареден квартал ќе треба да испорачувам нов фонт фамилија, што ми причинува задоволство, но истовремено ми создава и голема одговорност.

Еден од најверојатно најкористените писма во Македонија е вашиот фонт Skola. Што ве инспирираше да го направите и каков ви изгледа од оваа дистанца?

Skola настана како резултат на мојот личен револт кон недоследното користење на македонските кирилични букви. Се обидов да најдам начин да се побунам против тоа и за лично мое, а верувам и на задоволство на почитувачите на македонската кирилица наидов на разбирање кај Министерството за информатичко општество и администрација, кое го поддржа и го реализираше овој проект. 

Така, Skola се разви во писмо составено од две фамилии - Skola Sans и Skola Serif, во кои се вклучени и стеснети (condensed) варијанти. Фамилијата има вкупно 40 фонтови. Поминаа речиси 5 години од промоцијата на Skola и фонтот одлично се држи, задоволство е да се види дека го користат речиси 90% од македонските медиуми. Интересно е тоа што името на фонтот сите го поврзуваат со Школо, демек школски фонт, а одговорот на тоа е многу едноставен — Skola е резултат на комбинација на буквите од моето име La-sko = Sko-la.

Какво е чувството кога ќе видите ваш фонт во весник, на телевизија, на интернет?

Прекрасно. Ве исполнува со задоволство. Не знам зошто, првата моја реакција беше помислата на тоа колку многу време сум потрошил за да ги направам тие разновидни форми кои на некој необичен начин ме маѓепсуваа со својата сложена едноставност.

Што мислите за степенот на култура на употребата на типографијата во јавните простори (натписите, обележувањата на улици, насоки, установи, споменици) – кај нас и во странство?

Разочаран сум. Навистина. Деновиве подготвував предавање-трибина на тема „Ја убиваат ли компјутерите македонската кирилица?“ па за потребите на презентацијата снимив неколку табли со имињата на улиците и булеварите во Скопје. Кога ја зголемив фотографијата се фрапирав - од дваесетина букви употребени на таблата повеќето се различни меѓу себе, а употребени се во еден збор. Тоа е „уметност“ да се направи.


Употребата на типографијата на јавните простори е очајна, чест на ретките исклучоци. За жал, кај нас немаме изградена типографска култура која ќе ја претстави кирилицата во вистинското светло, кирилицата треба сите да ја сакаме, да се бориме за неа, да ѝ помогнеме да ги победи предизвиците со кои се соочува, и сигурен сум, таа ќе ни ја возврати љубовта. Во повеќето земји кои внимаваат на градењето и развивањето на својот визуелен идентитет, чиј основен елемент се буквите, типографијата е издигната на ниво рамноправно со останатите визуелни уметности, дури и повеќе, типографијата е составен дел на секоја уметност, секое уметничко дело содржи типографски елементи, замислете ги сликите на Ван Гог без неговиот карактеристичен потпис. Не би биле потполни, нели?

Што мислите за употребата на типографијата во домашните печатени медиуми, телевизијата, интернетот?

Ако направам паралела со ситуацијата од пред 5 години кога направив одредени истражувања, ситуацијата сега е многу подобра. Мислам дека луѓето станаа свесни за недоследностите во примената на кирилични карактери кои не припаѓаат на македонската кирилица и се трудат да го поправат тоа, се разбира, затоа е неопходно да продуцираме што е можно повеќе квалитетни кирилични фонтови кои тоа ќе го овозможат.

Каква е состојбата со лиценирање и купување фонтови во Македонија?

Мислам дека кај нас никој не ни помислува да купи фонт. Секоја чест на исклучоците, мислам дека маркетинг агенциите ги лиценцираат фонтовите кои ги користат, најверојатно поттикнати од сродните странски компании со кои соработуваат. Тоа е за почит и според мене треба да стане практика на сите сериозни компании и институции.

Дали прво продадовте или купивте фонт?

Купив — FF Meta од Ерик Спикерман (Erik Spiekermann). Meta тогаш не содржеше кирилични карактери па морав сам да ги адаптирам за потребите на еден мој дизајнерски проект. Почнав да продавам мои фонтови 7-8 години потоа.

Ја водите Типокујна – работилница за фонтови. Задоволен ли сте од работилницата? Дали ќе видиме некој од фонтовите што се продукт од оваа работилница? Дали ќе има нови изданија и дали можеби ќе ја видиме Типокујна надвор од Скопје?

Типокујна ги раздвижи чувствата на почитувачите на типографијата во Македонија. Ова е прва работилница од ваков вид кај нас. Настана како резултат на еден интересен разговор со Петар Павлов на FB групата Creative exchange. Нафрливме некои идеи кои на наше големо задоволство успеавме да ги оствариме во потполност. Работилницата собра 20 млади дизајнери од Македонија кои за само десетина дена направија свои фонтови, индивидуално или во групи. Типокујна во своето тенџерче подготви 12 „вкусни“ македонски фонтови зачинети со многу креативност. Резултатите од Типокујна ќе ги презентираме на изложбата која ќе се одржи во изложбениот простор на Архитектонскиот факултет во Скопје, на 18. овој месец, со почеток во 19.00 часот. Ги поканувам сите заинтересирани да ја погледнат изложбата. Фонтовите изработени на Типокујна ќе бидат достапни за преземање од сите заинтересирани на страната на групата Creative exchange. 

Покажаниот интерес и резултатите ги потврдија нашите очекувања и заедно со Петар и Creative exchange веќе работиме на плановите за наредната епизода — Типокујна 2, во 2014. Благодарение на ангажманот на Петар имаме најави за презентација на изложбата во соседните држави, се надевам дека ќе се реализираат.

Кои се тајните состојки неопходни за создавање на врвен фонт?

Трите основни форми - квадрат, круг, триаголник, компјутер, софтвер (по можност лиценциран), талент и стрпливост во нивното креативно комбинирање, за да победите во невозможната мисија - создавање нешто поново и поинтересно од новото и интересното, и да, секако треба и малку магија.

Кои се вашите омилени фонтови?

Meta и Unit на Ерик Спикерман (Erik Spiekermann), Skolar на Давид Брезина (David Březina), Chino и Chino Display на Ханс ван Дорен (Hannes von Döhren), Museo на Јос Буивенга (Jos Buivenga) и многу, многу други…

Кои се вашите омилени фонтови со кирилична поддршка?

Фонтовите на Александра Королкова (Alexandra Korolkova), Елена Новоселова (Elena Novoselova), Вера Евстафиева (Vera Evstafieva), Андриј Шевченко (Andrij Shevchenko)...

Кои кирилични фонтови треба со закон да се забранат?

Ха, ха, ха, ниеден фонт не треба да се забрани, доколку содржат недоследности тие можат да се исправат и фонтовите успешно да продолжат да егзистираат. Најголемиот број дизајнери изјавуваат дека го мразат Comic Sans, да бидам искрен, и јас спаѓам во таа група, но сепак тоа е еден од најупотребуваните фонтови во светски рамки, ја содржи, според мене, најлошо дизајнираната кирилична голема буква „Ф“ на сите времиња. 

Мојот одговор на овој фонт беше фонтот Lasco.

Кои ваши фонтови се слободни за преземање?

Фамилиите SkolaSansSkolaSerifLasco и Alexa, која не е мој оригинален фонт туку адаптација во која се интегрирани македонски кирилични карактери.

Дали во моментов работите на некој нов фонт?

Да, не само на еден. За да се одморам од работата на некој фонт, почнувам да работам друг. Според мене ниеден фонт не е никогаш завршен, секогаш има нешто за корекција, доработка...

Кој е вашиот херој?

Мојот MacBook Pro.

____________

Мало претставување на дел од фонтовите на Ласко Џуровски:


 

За Окно интервјуто го водеше Небојша Гелевски - Бане

ОкоБоли главаВицФото