Интервју со Даниел Јанев: Типографски експерименти со македонската кирилица

04.10.2021 18:13
Интервју со Даниел Јанев: Типографски експерименти со македонската кирилица

Конечно нова свежина во македонскиот типографски простор!

Повод за ова интервју се твоите „Типографски експерименти со македонската кирилица“ https://www.instagram.com/dezenmk. Конечно нова свежина во македонскиот типографски простор! Ти благодарам за овој преубав експеримент. Те молам, кажи ни како настана?

Фала. Всушност е спој на она што го предавам на курсеви за да им покажам на идните дизајнери да не се плашат да експериментираат со македонската кирилица заедно со она што го следам на Дрибл и Инстаграм од светски дизајнери што користат кирилица.

Од што се инспирираш, дали наоѓаш некоја стара ретро кирилица, па ја „разработуваш“ или модернизираш, или експериментираш од „глава“?

По малку од сето тоа, ама најчесто инспирацијата почнува од нов фонт, понекогаш од една буква, и замислувам како би била адаптирана во мк кирилица, па се разработува во цел збор или реченица. Во последно време и офлајн, додека шетам и ќе налетам на стар напис, реклама па и книги, почнувам со прецртување и искрено не знам каде ќе заврши, ама најчесто на крај е некој уникатен експеримент, некој спој на ретро и модерно.

Правиш одлични споеви на содржината на текстот и фонтот, супер „лежат“ еден со друг. Кажи ни нешто за тоа?

Понекогаш тој дел да се спои содржината и фонтот е потешкиот дел, и со денови седат „буквите“ додека не смислам соодветен напис. И да, некои споеви се подобри, некои не баш, мoже треба да анагажирам копирајтер во иднина.  (се смее)

Некои тврдат дека кирилицата не може да биде убава како латиницата. Што мислиш ти?

Убавината на латиницата сметам дека е во поголемиот избор на писма и поголемото влијание насекаде околу нас, посебно во нашава мала земја. Мора да се направат кампањи, закони и стандарди за заштита на кирилицата, нешто како во Русија, бидејќи најголем дел од новиве помлади генерации комуницираат и читаат на латиница, кирилицата дури ја сметаат за застарено писмо. Мора тоа да почне да се менува, луѓето кај нас да почнат да ја сакаат кирилицата, да видат колку е убава, најубаво писмо од сите. (се смее)

Дали некои од овие експерименти ќе станат комплетни писма, па веднаш потоа и фонтови со кирилица, па еве и со латиница?

Тоа најмногу би сакал. Конечно и ние да имаме поголем избор на нетипични и уникатни фонтови надвор од стандардните. Ама добар фонт си бара многу време кое, за жал, го немаме за вакви проекти. Можеби откако ќе се пензионирам, може и предвреме. (се смее)

Познат си како еден од најдобрите летеринг (буквоцртачи, како би рекле на македонски) мајстори во Македонија. Дали новиот „геометриски“ проект ти е поинтересен, или слободата на раката не ја менуваш за ништо?

Има убавина и во двете. Кога сакам да се опуштам и пишувам слободно без никакви ограничувања, гридови и гајдови, ракопис или летеринг може да има фина линија и да отиде во многу интересна насока. Додека со геометриските линии и перфектни форми има некоја стабилност, се чувствувам како „архитект на букви“ и градам проекти. Понекогаш споделувам и wireframes или цел скелет како е дојдено до финалниот дизајн.

Во Македонија не постои архива на графичкиот дизајн. Може ли да се направи нешто посериозно во тој поглед или сѐ останува на ентузијастите? Твојот блог со натписи во јавен простор од Скопје „Type of Skopje“ https://typeofskopje.tumblr.com/ е баш пример за зачувување на дизајнерското наследство кое исчезнува.

Не треба многу да очекуваме од државата да направи во тој поглед. И она што го правиме сите ние е премалку за тоа колку многу историја и дизајн наследство имаме. Ама подобро нешто отколку ништо. Најдобро е ние самите да се организираме, и да користиме дел од нашето слободно време за ова, за да имаме макар скудна архива за следните генерации.

Кои се твоите омилени фонтови?

Ова е тешко прашање, ама ќе кажам секој фонт што има и мк поддршка кај мене добива плус поени.

Затоа Typetype https://typetype.org/ сеуште ми е омилено место кога барам фонт, посебно нивните Commons, Travels, Norms...во последно време често ги користам.

Она што е тренд сега се humanist сан серифни и варијабилните фонтови.

Кои се твоите омилени фонтови со кирилична поддршка?

За ова ќе договориме посебно интервју, и да сум лимитиран на топ 10 писма, оти ќе ми требаат денови.

Дали имаш некој совет за употреба на кирилица за младите дизајнер(к)и?

Прво, секогаш одговорно и умно да ја користат кирилицата. Второ, секаде каде што ќе наидат на грдо и вулгарно користење на кирилицата, да реагираат и корегираат. Понатаму, да го збогатуваат својот фонд со кирилични фонтови и за секој проект прво да бараат сосем нов фонт, а не веднаш да почнуваат со тие неколку омилени кои ги имаат. Со еден збор - треба да експериментираат!

И за крај, сите јавни институции, министерства и посебно училиштата, треба да почнат графички да се „брендираат“, за да се изградат стандарди, бидејќи ние сега имаме официјални документи, па и цели учебници со погрешни фонт карактери кои просто не постојат во македонскиот правопис.

Разговорот со Д. Јанев го водеше Небојша Гелевски - Бане

 

ОкоБоли главаВицФото