Систем по мера на неуките

27.01.2014 09:44
Систем по мера на неуките

Не ни оди лошо затоа што со нас владеат неспособни, незналици и некомпетентни. Неспособните, незналиците и некомпетентните владеат затоа што токму тие најдобро ги исполнуваат барањата на системот (Растко Мочник)!

Разорувањето на општеството и на неговиот ’рбет во системот на независните и компетентни институции на власта и на самата власт во сите аспекти освен во аспектот на голата сила, како и растурањето на културниот и посебно на образовниот модел, не се страничен ефект или колатерална последица на некомпетенцијата или на неукоста на оние што владеат, туку тие владеат затоа што ја приложиле својата ментална гаранција дека срањето што ни се случува не може да не ни се случи!

Варијациите на драматичната стварност во мојата усрана државичка се совршена потврда на тезите на Мочник и за таа и таква суштина што се крие под дневната политичка парада, сме пишувале тука не еднаш. За таа, сакам да кажам, безмилосна и вулгарна десубјективизација и декапацитација на општеството, за тоа превентивно спуштање на општествената омажа пред криминалните и апашки повеќе отколку неолиберални пенетрации и геополитичките калибрации што ќе следат или се веќе во тек.

Сѐ што гледаме, а особено невидливата страна на македонската политичка месечина, сѐ е тоа обилна мочка врз тоа што некогаш беше икона, дури, би рекол, ако ми дозволи Анте Поповски, секира врз тоа што беше била икона! Од урбанизмот и архитектурата, до грозните радиски и телевизиски емисии, од роботизираниот неговор на политичките шалабајзери во државнички одори до примитивизираната култура која дополнително се карикатуризира под товарот на барокната фасада, од бесконтролните и јавни грабежи на државната каса преку разни домашни и странски Ивони, до фарсичните деформации на изборните процедури при што, еве, гледаме, пијандурата ветил дека ќе биде пристоен шанкер и дека вмровскиот зајак ќе ја чува македонската зелка (од измените во изборните нормативи)! Да не говориме за трагикомичната хистеризација на темата за името и идентитетот!

Глобалните примитивизирачки тенденции, во Македонија се фантастично синхронизирани со неповторливата историска шанса што во рамките на демократизацијата ја доби Внатрешната македонска револуционерна организација: да ги ослободи Македонците од нивната национална и државна посебност јавајќи на два конјунктурни брана од кои едниот е општиот стремеж против општествените кохерентности, а вториот е антикомунизмот! Во таа комбинација примитивноста на вемерето, неукоста квадрирана со амбициозност и месијанство, не беше невен хендикеп туку најтопла препорака!Примарната идеја на лустрацијата, да речеме, не е битката против инакумислечките, макар што и тој аспект не е за потценување, туку тоа e одржувањето на атмосферата на прогон односно на непријателското сеприсуство како генератор на политичките процеси и битката против Македонија проектирана во лабораториите на вемерето како производ на тоталитарна свест и односи со такво нарушување на човековите права и слободи што непоправливо ја дисквалификуваат и неа и нејзината внатрешна суштина, а не само недемократскиот систем кој произвел не мал број неправди од кои некои се ненадоместливи!

Во таа, смисла лустрацијата не е замислена како инструмент за прочистување на општеството туку за разорување на неговите темели.

Се разбира, никој тука нема намера да го доведува во прашање страдањето на голем број поединци и потребата од нивна комплетна рехабилитација, ниту пак некој релевантен има намера да го брани тогашниот систем како тоталитарна категорија, но зачудува што никој, вклучувајќи ја тука и опозицијата, не ја елаборира топлата македонистичка клима во која се рехабилитираат поборници на политиката за обединета Македонија во услови кога таа политика на најелементарен начин ја доведувала во прашање асномската државност на Македонија. Ченто, Брашнаров и некои други истакнати фигури би заглавиле во која било не тоталитарна, туку правна држава дури, можеби и денеска, во режимот на Никола Груевски, а ако фати некој скопски или битолски баталјон по примерите на оние од скопското кале да оди на Солун, јас не ја исклучувам можноста да падне и некоја глава. Или не?! Или ние, односно власта наша од неуки и некомпетентни, не мисли дека идејата за обединета Македонија е работа со која во политичка смисла се занимаваат само лудаците!

Ако мене ме праша некој, јас ќе кажам дека тие не мислат дека е тоа прашање само на лудаците! Тие можеби не се спремни со друштвото за армиски активности (АРМ) да тргнат на Солун и Олимп ама се спремни таа идеја да ја цедат сѐ додека не добијат гаранции дека консолидацијата на Скопје не е можна! Опозицијата ќе ја врати самодовербата и својата релевантност кога ќе реши да го прати по ѓаволите комплетниот вмровски македонизам од сите 120 години како елементарна, не само антимакедонска туку и антинормална појава. А особено денешните политички пројави какви што се лустрацијата и изборните реформи. Без тоа тие ќе останат заглавени во својата политичка шизофренија да ја градат Македонија како нива во која ќе садат тикви со ѓаволот!

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња