Отворено писмо до идната власт

08.04.2014 12:46
Отворено писмо до идната власт

Очекуваме во првите 100 дена ова да го преточите во закони, конкретни политики и одлуки, отворени истраги и обвинителни акти, и веднаш да им покажете на граѓаните дека овој начин на владеење престанува на 27 април.

Дозволете да ви се обратам лично, драги идни привремено вработени лица во ова наше мало „предузеќе“, заглавено во долгови, омраза и поделби, заробено од недоучени и насилници, и лишено од рационалност, паметење, памет и разум. Баталете скромност, имајќи предвид дека фирмата што ви се нуди на владеење е со неограничена неодговорност, без оглед на позицијата - претседател, министер, шеф на сектор, советник или директор, веројатно се радувате што успеавте да се сместите во убава фотелја. Море, не радост, сигурно рипате до таван од среќа. Простете вака, но ќе морам малку да ви ја расипам забавата.

Не е важно дали имате претходно работено во фирмава, или сте некои нови. Би сакал да ви претставам еден тазе куќен ред. Иако можеби не сте на ниет да го почитувате, бидете сигурни дека не само јас, туку една растечка група граѓани сме на ептен сериозен ниет да го спроведеме. Кога-тогаш. Не за друго, ни здодеа нашево „предузеќе“ да биде вечен загубар, а во 21 век да бидеме едно од оние места на Земјината топка каде службениците газдуваат, а газдите, оние што плаќаат, ем сами работат, ем се тртат и се наведнуваат. Па, за редот, одиме по ред.

Прво, сакаме луѓето што ќе ги именувате на клучните позиции во институциите да бидат со соодветно работно искуство и образование. Не мора да бидат најдобрите, но мора да бидат меѓу најдобрите од понуденото во која било област, оти ќе преземат одговорност да влијаат врз општествениот развој на тие области. Без оглед дали се работи за право, економија, земјоделие, здравство, образование, социјална политика. Доста ни е од „шефови“ на кои тоа им е прва или втора работа во животот. За таквите и Шоиќ е поим за успешен „руководилац“.

Понатаму, сакаме нов, отворен концепт за општествените односи и за јавноста. Повеќе дијалог, пронаоѓање и градење што повеќе точки на заеднички интерес и соработка помеѓу луѓето. Она што го гледаме во јавноста, она за што зборуваат влијателните, треба да биде сочинето од дебата, аргументи и факти, пристојни соочувања помеѓу луѓе што се разбираат и знаат, но не мора да мислат исто. Не сакаме продлабочување на разликите, туку демонстрирање одговорност од оние што велат дека се способни да го водат општеството. Ако е така, би требало да ги бива и за муабет, и за градење компромиси околу битните прашања за јавниот интерес. За тоа ни требаат слободни и етични медиуми и исто такви јавни личности. Тргнете ги уличарите од медиумите и институциите. Ги има и во пристојни општества, но не се главни ѕвезди, туку живуркаат на маргините на јавноста, или во таблоидите. Со таквите, вашите најистакнати претходници шуруваа, им делеа тендери и привилегии, се сликаа и патуваа, седеа сербез со саати трачарејќи како пред гранапче на национални телевизии, додека други вистински медиуми и новинари се затвораа и се газеа. Така веќе „неќе моќи“. Сакаме отчети, ама не со наши пари да го плаќате тоа што сте должни бесплатно да ни го кажете, оти веќе ве плаќаме. Со можност да поставиме прашања и да добиеме одговори.

Сакаме нашите службеници да им одговараат и ги услужуваат пристојно сите. Да не казнуваат и наградуваат луѓе селективно, да не се однесуваат дрско, да овозможуваат пристап до јавни информации, да не создаваат дополнителни пречки, и да не ја кријат вистината од нивните работодавачи, т.е. од нас граѓаните.

Секако, кога сме кај криењето на вистината и кршењето на правата на граѓаните, сакаме веднаш да се реализираат барањата на граѓаните кои маршираа заедно за мир, протестираа против полициската бруталност, кражбата на столетието - Скопје 2014, поскапувањата и социјалната неправда, газењето на правата на жените, маргинализираните заедници, стечајците, лекарите, земјоделците, бруталното кршење на Уставот на 24 декември, затворањето медиуми и новинари, уништувањето на природата. Сите од овие движења и протести произведоа конкретни принципи, барања и решенија. Очекуваме во првите 100 дена ова да го преточите во соодветни закони, конкретни политики и одлуки, отворени истраги и обвинителни акти, и веднаш да им покажете на граѓаните дека овој начин на владеење престанува на 27 април.

Не би ве онерасположувал дополнително со другите точки од куќниот ред. Ако сте умни, ќе си знаете и зошто, и како. Ако не, не ви гинат протестите и барикадите, и јавниот срам, без оглед дали до вчера сме биле на истата или на спротивната страна. Сѐ додека не „пораснеме“ доволно за да ве натераме вас или некои идни службеници, од зорт барем, да ни го почитувате тертипот. Или додека не ве најдеме асолни за да не се тормозиме, и ние, и вие. Јас, ете, да ви пишам вака, предвреме. И пред избори. И да ве потсетам, како што овие сегашниве ваши колеги ги потсетуваат новопечените административци, пред избори. И вашиот договор е на определено време. Барем во мојов есап, односно гласачко ливче. За да го продолжите, ќе треба, што би рекле по штабовиве, малку повеќе да се потрудите.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото