Што остана од протестното движење?

19.05.2014 19:00
Што остана од протестното движење?

Обвинувања за корупција, цензура на интернетот, насилен советник на шефот на владата: една година по протестите поради плановите за реконструкција на паркот Гези, турската влада повторно е мета на критики. Меѓутоа, нејзината моќ не е разнишана.

 

Сликите се слични - со водени топови, солзавец и гумени куршуми турската полиција интервенира против бесната маса демонстранти. Новиот бран протести уследи по рударската несреќа во Сома. Пред една година еден планиран градежен проект во паркот Гези во Истанбул, предизвика демонстрации. И денес, исто како и пред една година, зад протестите има далеку повеќе од еден настан. Станува збор за длабоко вкоренетото незадоволство од шефот на владата Реџеп Таип Ердоган и политиката на неговата исламско-конзервативна партија АКП. Истовремено се чини дека зајакна моќта на премиерот. На локалните избори оваа пролет неговата партија освои 45% од гласовите и со тоа постигна уште подобар резултат отколку во 2009.

Цензура на интернетот

И најновите дебати за ограничувањето на слободата на изразување на мислењето во Турција преку привременото блокирање на Твитер и видео-порталот Јутјуб, не му наштетија многу на Ердоган. „Тоа е тема само за големите градови и студентите“, вели Мурат Ердоган, политиколог од универзитеот Хачетепе во Анкара. „Тоа не е тема за широкото општество“.

Многумина воопшто немаат поим што е проблемот и што е забрането. Сепак, како што наведува Мурат Ердоган, по протестите од пред една година, во владата постои некој вид „гезифобија“ - страв дека некој голем протестен бран не би можел да се контролира. За Ердоган е многу поедноставно да се бори во парламентот против слабата опозиција, отколку против масовните демонстрации на улиците.

Слаба опозиција

И токму таа слаба опозиција според мислењето на политикологот е една од главните причини за континуираниот успех на Ердоган. За слабоста на опозицијата постојат многу причини. Турскиот изборен систем за парламентарни избори, изборот на „Големото национално собрание“, предвидува минимален изборен праг од десет отсто. АКП на изборите првпат излезе во 2002. Иако освои само 34 отсто од гласовите, благодарение на законот доби речиси две третини од пратеничките места во парламентот.

Покрај тоа, вели Мурат Ердоган, опозицијата е заплеткана во идеолошки дебати: „Левичарската партија до сега покажа мал интерес за проблемите на обичните луѓе. За неа беа важни кемализмот и турската Република.“

Од улица во парламент

И протестното движење натанато за време на демонстрациите во паркот Гези до сега пропушти да ги обедини своите политички барања и да ги собере во една партија, вели Екрем Еди Ѓузелдере, политички аналитичар и новинар од Истанбул. Тоа од една страна има врска со тоа дека формирањето партии во Турција е многу комплицирано, скапо и административно тешко, а од друга со тоа дека тоа не беше организирана група која се собираше таму, туку заедница со различни хиерархиски центри.

Меѓутоа, Ѓузелдере наведува дека преку протестното движење барем е покренат процесот кој долгорочно го промени цивилното општество. „Но, додека тоа да се претвори во политичка форма или да стане повлијателно во постоечките политички струтури, би можела да помине и деценија.“

Непосредно пред претседателските избори

Во август во Турција ќе бидат одржани претседателски избори. Тогаш првпат народот директно ќе го избира турскиот претседател. Партиите имаат време до крајот на јуни да ги номинираат своите кандидати. Се претпоставува дека премиерот Реџеп Таип Ердоган ќе настапи како кандидат на АКП, бидејќи формално е исклучена можноста да добие понатамошен мандат на функцијата премиер.

Ергодан до сега не ја потврди официјално својата кандидатура. Меѓутоа, експертите ги оценуваат неговите поларизирачки настапи како јасен сигнал дека трката веќе почнала. Најновите известувања за неговите бесчувствителни настапи по рударската несреќа во Сома и фотографијата на која неговиот советник тепа еден демонстрант, тешко дека ќе имаат влијание на успехот на неговиот избор, смета новинарот Ѓузелдере. „Фотографијата на насилниот советник не е објавена во ниту еден весник кој е близок до АКП, така што многу нивни гласачи не знаат ништо за тоа.“

Извор: Deutsche Welle