Бразилски уметник со порака до власта: фудбал во чинијата?!

27.05.2014 11:54
Бразилски уметник со порака до власта: фудбал во чинијата?!

Бразилскиот уметник Пауло Ито на вратата на едно училиште во Сао Паоло наслика мурал со кој иронично ги илустрираше условите во земјата во која наскоро ќе започне Светското првенство во Фудбал. Сликата на прегладнето дете кое во чинијата нема ништо освен фудбалска топка им испраќа силна порака на бразилските власти.

Бразилците веќе со месеци протестираат против организирањето на светското првенство „тешко“ милијарди долари, нагласувајќи дека на бразилското општество наместо фудбалски натпревари му се потребни подобро здравство, станови, образование и борба против сѐ поголемата сиромаштија.

„Кога владата најави дека ќе го организира Светското првенство во фудбал, се надевавме дека тоа ќе значи и подобри услови за живот на Бразилците, но тоа не се случи. Тие го организираат Мундијалот за туристите, а Бразилците живеат сѐ полошо“, вели Марија дас Дорес Циркера, координаторка на Движењето на бразилските работници бездомници.

Според некои проценки, светското првенство ќе чини најмалку 15 милијарди долари, а за обезбедување на мундијалот ќе бидат ангажирани 170.000 работници, дури 22% повеќе отколку во Јужна Африка во 2010 година.

Извор: Independent