Кинезите доаѓаат во Македонија во потрага по евтина работна рака!

08.07.2014 09:08
Кинезите доаѓаат во Македонија во потрага по евтина работна рака!

Текстилната фабрика „Веибо“ од далечната Кина, каде што деновиве е во посета премиерот Никола Груевски, објави дека планира во Македонија да гради цела текстилна зона со 5.000 вработени, која ќе работи исклучиво за извоз.

„Одлучивме да реализираме инвестиција во Република Македонија во вредност од 400 милиони долари, на површина од 400.000 метри квадратни, која ќе обезбеди вработување на повеќе од 5.000 работници во интегрирана текстилна индустриска зона. Успехот на нашата компанија е базиран на поврзување на снабдувачкиот канал со маркетингот, од суровина до производство и од дизајн до продажба и маркетинг“, изјави Селчук Алперин, директор на „Веибо“ групата.

„Веибо“ вработува 14.400 лица и има фабрики во Кина, Турција и во Камбоџа. Деновиве Здружението на европски организации за подобрување на работничките права „Кампања за чиста облека“ објави обемен извештај според кој земјите од источна и југоисточна Европа, меѓу нив и Македонија, произведуваат облека на прочуени брендови, во услови налик на оние во Азија. Во извештајот се потенцираше дека законски одредената минимална плата во Бугарија, Македонија и во Романија во 2013 година сѐ уште била под нивото на кинеската.

Од Организацијата на работодавци на Македонија потврдија дека со производна цена од 7-8 евроценти за минута, текстилот во Македонија се произведува со слични трошоци како оној во Кина.

Минатата година, пак, во јавноста бурни реакции предизвика говорот на министерот без ресор Џери Наумоф, кој на презентацијата во МНР во Скопје, ги повика кинеските компании да дојдат во Македонија за да инвестираат во земја во која платата е најниска во однос на сите држави во Европа. За да биде поуверлив, Наумоф тоа го презентираше со табела на голем видеобим, а на дното од табелата беше Македонија.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња