Оставка на Нимиц?!

07.08.2014 09:41
Оставка на Нимиц?!

Со автобусот број 67 во Орешани стигна веста дека Нимиц успеал да ја детектира конструктивната улога на државното раководство на Бившата југословенска република во спорот за името! Како напредната фаза на ракот, коментираа продавачите на лубеници и дињи на патот под Моране! Не се сомневам дека со својот ултрамодерен стетоскоп, слична или уште поизразена конструктивност, човекот на Бан Ки Мун, ќе дијагностицира и во Атина.

На тој начин тој покажува дека еден проблем не може да остане нерешен или да претендира да биде нерешлив без конструктивноста и посветеноста на локалниот државен и, особено, парадржавен бандитериум акомпаниран од бетовенската милозвучност на меѓународната заедница!

Мојата магнетна резонанца покажува слични резултати, имено, дека целиот спор, заедно со поведението на двете страни, сосе улогата на Американецот во служба на Обединетите нации, претставуваат конструктивна разработка на тезата дека народот што ќе дозволи да го ебат 20 години, кај и да е ќе сврши, а меѓународната заедница која како врвен израз на својата досада го беше организирала овој ебарник, ќе мора да се погрижи за несаканиот пород?!

Што е друго темата за името и за таканаречениот идентитет?!

Во еден статус на Фејсбук напишав дека името е важно за посмртниците во весниците на Срѓан Ќерим и за надгробната плоча на која, сепак, треба да пишува кој почива во тој необично голем гроб, а не е Александар Македонски?! Близината на смртта може да го забрза изнаоѓањето на решението, а идентитетското прашање да го сведе на прашање на пристојноста во траорни моменти. Мислам на нашата смрт, не на Нимиц! Освен ако некој во последен момент не сфати дека промената на името во услови на разнебитен идентитет може исто како и одбраната, да му ја зацврсти, а не да ја проблематизира власта!

Ако се преговара за името, а не и за идентитетот, тоа е добро за името и многу лошо за идентитетот. Новото име ќе нѐ легализира на меѓународниот пазар на државите, а недоговорениот идентитет ќе нѐ остави исклучени од берзата на нациите! Може да се каже: та преку таквото ако нѐ исклучат, но таа безгрижност би била фатална за идентитетот како разлика кон другите, како прашање на признавањето од другите, а не на постоењето како такво!

Можеби Нимиц треба да размисли за еден малку порадикален потег. Да размисли за оставката што утре би му ја оставил на масата на Бан Ки Мун со кратка порака: чао, Банки, ако имаш некое друго име, јави се, ти гарантирам дека нема да го решиме барем дваесет години?!

Зашто, проблемот со неуспешната мисија не е само отвореното прашање со името туку инсталацијата и зацврстувањето на еден режим и културните и егзистенцијални проблеми што преку името им се случуваат на два милиона луѓе во Македонија! Името, меѓу другото, ги блокира алармните системи на нацијата така што општата пљачка се одвива покомотно отколку што се одвива градскиот сообраќај во Скопјанг! Дисквалифицирани се демократијата, правната држава и слободниот пазарен натпревар. На цели генерации им се уништени по 20 години од животот плус вербата и надежта дека ќе живеат во нормална, модерна, европски интегрирана држава на слободата и правдата!

Не знам дали господинот Нимиц ги има предвид овие импликации од неуспехот на библиски развлечената мисија? Понекогаш ми се чини дека човекот се чувствува крајно непријатно кога мора да ги репетира ординарните бесмислености како висока школа на дипломатијата! Зашто, тој ја знае играта. Јас мислам дека би требало да ги има и поаѓајќи од нив да поднесе оставка не само како морален чин и израз на високото чувство за одговорност туку и како акт на радикализацијата на прашањето како последен обид да се излезе од кругот на бесмислата и „конструктивноста на двете страни“! Со отворање на картите, со еден, јас би рекол, геополитички стриптиз! Конспирацијата го пумпаше прашањето за името со вишок значење и затоа е време работите малку или, можеби, скроз, да се разголат!

Освен ако играта не е прашањето за името да остане отворено сѐ додека не се затвори прашањето на идентитетот! Оти, многу индиции говорат дека се движиме во таа насока: името да му ебе мајката на идентитетот така што ќе одбива да се смени! Најпознатиот светски експерт за прашањата на имињата и идентитетите, Ристе, значи, Никовски, Македонец по потекло, вели дека без име нема идентитет! Јас, пак, мислам обратно, тоа што го викаме идентитет ќе го загубиме, а името ќе ни остане како курот в рацете на сите несреќници! Макар што не сум никаков, а камоли не, пак, светски експерт!

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото