„Дивјаци со ножеви во забите“

07.08.2014 13:57
„Дивјаци со ножеви во забите“

Повеќе стотици илјади Африканци и Индијци морале да се борат во првите редови за време на Првата светска војна и тоа за „своите“ колонијални сили. Германската пропагандна машинерија ги нарекувала „дивјаци“.

 

Африкански војник војува за Франција вооружен до заби - но буквално. Го држи ножот во забите, а на грбот носи пушка со бајонет. Во раката има отсечена глава од германски војник. Ваквата слика во германските медиуми требало да создаде чувство на морничавост и била дел од немилосрдната пропаганда. „Жетвата на Буду-Бадабу“, потпис кој навестува потсмешливо поигрување со француски зборови. Германците со тоа сакале да изразат негодување поради француското ангажирање војници од колонизираните земји во Африка. Германската пропаганда ги претворила во бестрашни диви ѕверови, во секој момент спремни за масакрирање на противникот.

Во служба на колонијалистите

Уште на почетокот на војната која се водела во Европа, колонијалните сили почнале да прибегнуваат кон ангажирање борци од прекуморските колонизирани земји. Британците посегнале по војници од Индија. Околу 130.000 воници од оваа земја се бореле за Англичаните на Западниот фронт. Ако се земат предвид сите судири на Блискиот и Далечниот исток, вклучувајќи го и африканскиот континет и Османлиското царство, може да дојде до број од милион луѓе од Индија кои се бореле во име на колонијалните сили од Европа.

Индиски трупи во Првата светска војна

Откако избиле првите судири, во август 1914 година, Франција го префрилла првиот баталјон од колонизираните простори на западна Африка. „Заштитници од Сенегал“ - единицата која Французите најпрво ја ангажирале во Пикардија, во Исера претрпела огромни загуби. Околу 450.000 луѓе од северна и западна Африка се бореле на страната на Франција за време на војната во Европа. Многу од нив биле принудно регрутирани.

Црни против бели

За германската пропаганда борбата наречена судир на црните против белите била невиден скандал. Тоа го потврдува и карикатурата на која францускиот војник е крајно расистички прикажан. Со крвожеден поглед тргнува во варварска војна. Во рацете носи торба со натпис дум-дум (ознака за забранетите смртоносни куршуми). Сето тоа требало да ја долови суровоста и бруталноста на француските војници. Сите тие тешки расистички пораки, кои во времето на Првата светска војна ги пласирале германските медиуми, требало да го зајакнат моралот на германските војници во борбата против нечовечниот, варварски непријател.

Германскиот печат сè до крајот на војната бил преполн со статии кои ги подбуцнувале германските војници против африканските и азиските војници. Најмногу се зборувало за отсечени глави, уши - и наводно неуништливиот копнеж за бели жени. „Секогаш одново се потврдува ѕверскиот копнеж на црнечките војници“, тврди во 1914 година Волдемар Шуце, автор на статијата со наслов „Крвавиот долг на Англија во војната против белата раса“.

И Германците регрутирале војници од своите колонии во Африка

На сите страни можеле да се прочитат текстови преполни со злонамерни инсинуации. Еден од дневните весници кои предничеле во тоа е Germania. „Тоа е сосема поинакво човештво“, се наведува во еден текст објавен во ноември 1914, во кој се зборува за бенгалските борци во редовите на британската војска. Тие „ловат како мајмуни со брзи движења и убиваат брутално.“ Дури и германските интелектуалци, меѓу кои и Томас Ман - подоцна награден со Нобелова награда за книжевност - биле огорчени поради ангажирањето војници од колонизираните земји, на фронтовите во Европа: „Вие верувате дека имате право на Германците да пуштите Киргизи, Јапонци, Гурки и Хотентоти.“

Војната во колониите

До душа, и Германскиот Рајх во своите борбени редови имал војници од регионите прилично оддалечени од Стариот континент. Вооружените сили се регрутирани во четири германски колонии во Африка. Посебно во источниот дел на Црниот континент, Германците се потпреле на домородците Аскари (на свахили: борци). Еден плакат во прв план прикажува војник, кој би требао да стане германски херој во земјата разорена од војна. Генерал-мајорот Пол фон Летов-Форбек.

Офицерот со меч во раката самоуверено седи на коњ. Во позадина само делумно се гледа како маршираат војници Аскари. Во стварноста тие биле оние кој го поднеле најголемиот товар на војната. Тие биле оние кои се бореле и гинеле. Значи, Германците во својата воена стратегија всушност не се разликувале многу од Британците и Французите. Дури по завршувањето на Втората светска војна отворено се зборувало за вистинската улога на војниците од споменатите колонии, па така и за вистинската поделба на улогата во деструктивните судири. Воедно тоа било и крај на понатамошното вовлекување во војни за кои господарите биле одговорни.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото