Француско-германската пропагандна војна

11.06.2014 12:52
Француско-германската пропагандна војна

Германците и Французите во 1914 година влегуваат во војна како т.н. „стари непријатели“. Повеќе векови германско-францускиот однос го карактеризира своевиден однос на љубов и омраза, за што сведочи и пропагандата.

 

Вилхелм II надмено влегува во војна. Монархот го следи неговата храбра, дисциплинирана и добро вооружена војска. Сепак, го нема гордиот поглед на германскиот цар на француската пропагандна разгледница, настаната набрзо по избивањето на Првата светска војна. Вилхелм седи на коњ-играчка, а коњскиот грб е некој вид када. Наместо вообичаениот германски шлем со острица, монархот на главата има нокшир. Својата војска царот ја влече на некакво јаже, како мали оловни војничиња, кои маршираат типично германски - дисциплинирано.

Целта на критиката е таканаречениот германски милитаризам, кој во Франција се исмевал, но кој истовремено ширел и страв. Соседот источно од Рајна ги плашел Французите поради својата воена моќ. Затоа исмевањето на германскиот цар како командант на војници-играчки имало цел да ги охрабри домашните војници.

Германско-француските војни

Историјата на меѓусебно оцрнување на Германците и Французите е исто толку долга како и нивното непријателство, а тоа е започнато многу пред 1914. На почетокот на Првата светска војна германските војници влегуваат во Франција. Сто години претходно ситуацијата е обратна. Францускиот цар Наполеон Бонапарта продрел длабоко преку Рајна и Мајна кон Прусија. Француските трупи влегле во Берлин. Во битката кај Лајпциг во 1813 е завршен походот на Наполеон во Германија.

Во Салата на огледалата во Версајскиот дворец, во 1871 година е прогласено Германското царство

Веќе во 1870 завојуваните нации повторно влегуваат во воен судир: Франција ѝ објавува војна на Прусија и нејзините сојузници. Прускиот канцелар Ото фон Бизмарк преходно ја искористил содржината на разговорот меѓу францускиот амбасадор и прускиот Крал Вилхелм I за свесно заострување на ситуацијата и со тоа придонесол за избивањето на војната.

По германската победа повторно уследила провокација, според мислењето на Французите - сосема неумерена. Токму во Салата на огледалата во версајскиот дворец во 1871 година е прогласено Германското кралство. Огорчените Француззи морале да се помират со анексија на регионите Алзас и Лорена. Оттогаш името на Бизмарк во францускиот јазик се користи како синоним за подлост.

Традиционално непријателство

Германско-францускиот однос оттогаш сѐ почесто почнува да се опишува како „традиционално непријателство“. Притоа, за Французите постојат „две Германии“: добрата духовна Германија со Шилер или Гете и воено-агресивната, чие отелотворување во очите на Французите била Прусија. Покрај восхитувањето од француската култура и Германците биле сомничави, плашејќи се од француска одмазда за поразот од 1871 година. Сепак, односите на двете земји се подобрувале. Од 1901 францускиот е прв странски јазик кој се учел во германските училишта.

Персонификација на Германија - Германија чува „стража на Рајна“ кон Франција

Процесот на помирување е прекинат во 1914 година, кога Германија на 3 август ѝ објавува војна на Франција. Германските трупи набрзо тргнале во поход. По искуството со убедливата победа од 1871 година, германската војска го гледала францускиот непријател како слаб, неорганизиран, лошо вооружен, но и плашлив, барем што се однесува до германската пропаганда. Од друга страна, Французите го памтеле обемот на разорувањата од претходните германско-француски војни. Тоа наскоро и се потврдило.

Германски варвари?

„Со вистинско задоволство, софистицирана суровост и немилосрдно дивјаштво, војниците на царот ги извршија разорувањата наредени од нивните воени господари“, пишува весникот Le Miroir во септември 1914. Сѐ почесто весниците и пропагандните летоци ги прикажувале Германците како уништуваат цркви, библиотеки и други културни добра. Пропагандната порака била јасна: Германија и нејзините војници се нецивилизирани и некултурни варвари, диви и насилни. Кружеле и слики од германски војници кои убиваат француски цивили.

Французите и Германиците се прикажувале едни со други во најцрни бои - на оваа карикатура станува збор за Бизмарк и Наполеон III

Еден германски новинар во 1914 пишува дека Германците можеле да се заштитат од „Французите желни за грабежи и крв само ако темелно им се искорени изливот на шовинизам и национална вообразеност“. Двата соседа, Германија и Франција, навистина четири години воделе крвава војна, а веќе во 1939 повторно се судриле меѓу себе во нова светска војна. Дури во 1963 година, со потпишувањето на Елисејскиот договор, прекинато е „традиционалното непријателство“. Старите непријатели конечно стануваат пријатели.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото