Воспитувани за војна

15.03.2014 01:47
Воспитувани за војна

Десетици илјади германски средношколци и студенти го дочекале август 1914 во целосен занeс поради почетокот на Првата светска војна. „Војната мора да ни донесе“, пишува Ернст Јингер во „Челична бура“, неговиот роман од 1920 година, „големина, сила, веселба. Ни се укажува машка задача, радосна одбранбена војна на процветаните, крвави ливади.“ Десетици илјади младинци отрчале на фронтот, во рана смрт. Весникот Птица преселница (Wandervogel - германско младинско движење) во 1914/15 прикажувал војници на коњ со штит и копје. Овие храбри витези во следните неколку години гинеле од митралези, гранати и бојни отрови.

Во „годишниот извештај“ на пруските гинмазии (гимназијата Вилхелм во Шчеќин) можеме да прочитаме дека почетокот на војната ги погодил учениците „како огнена молња“. Младинците се чувствувале како учесници во „борбата на германскиот народ за зачувување на своите најголеми светости од светот полн со непријатели – со победа и подем до статус на светска сила или славна пропаст“ (гимназијата Фридрих во Берлин). Сакале да се докажат, но не размислувале во што. Тие за кајзерот, Рајхот и генералите биле само потрошувачка стока во четиригодишната позициона војна на западниот фронт.

Многу современици со своите слики, песни и книги ја предвиделе оваа војна многу пред нејзиниот вистински почеток. „Стана оној кој спиеше долго/во муграта стои, силен и загадочен/ дробејќи ја месечината во црната рака.“ Ова се стихови на 24-годишниот берлински поет Георг Хајм од песната „Војна“ од 1911. Слични воени визии опишува и Лудвиг Меднер во своите „Апокалиптични предели“ од 1912: „Пожарот во светот го најавува неговиот крај, небото експлодира, од земјата избива оган голтајќи луѓе и градови.“ Вилхелм Ламзус, хамбуршки учител со дисидентски ставови, уште во 1912 многу прецизно ги опишува ужасите на војната во својата новела „Човечка кланица“.

Во август 1914, младинците конечно ја добиле „нивната“ војна. Едвај чекале да одат на фронтот. Дали подлегнале на колективното лудило?

Никако. Тие биле жртви на перфидниот систем на ментална милитаризација, посебно изразена во Прусија по доаѓањето на Вилхелм II на власт. Дошло до политизација на предметите „за формирање на личноста“ како германскиот јазик и историја, особено во средните училишта. Инструмент за националистичка индоктринација (секако, се викала „патриотска“) бил „слободен есеј“ при полагањето на матурскиот испит. Темите гласеле: „И војната има добри страни“, „За што вреди да се умре?“, „Правдата го возвишува народот, но грев е неговата пропаст, што го докажува историјата на Израел и Прусија“ (малку антисемитизам не е на одмет), „Животот не е највредното богатство“, „Смрта има прочистувачка сила“.

Освен тоа, секоја година на 2 септември, на Седанскиот ден, одржувани се комеморации по повод победата над Франција во војната од 1870/71. Воени паради, запаливи говори, нови оди за кајзерот и Рајхот, биле составен дел од патриотските државни празници, па и во училиштата. Пеени се „Стража на Рајна“ и царската химна „Те поздравуваме, победнику“, следеле свечен говор и игри: „Од славната Германија“, „Молитва за кајзерот и Рајхот“, „Германска стража на Рајна“, „Германскиот патриотизам пред 100 години и денес“ и „За големиот благослов на општата воена обврска за германскиот народ“.

Меѓутоа, обожувањето на оружјето не било вообичаена појава само во училниците на средните школи. Истото се однесувало и на новооснованата област на државната грижа на младите, каде врвен приоритет било воспитувањето на работничките деца за борба. Во тоа посебно се истакнувал Централниот одбор за промоција на народните и младинските игри основан во Берлин 1891. Едни сметале дека тука станува збор за вечната борба против „расипаните и антидржавни социјалдемократски активности“, додека други верувале дека задача на Одборот е да ја заинтересира младината за одбранбените вештини и воените игри. Било неопходно да се поправат „кобните недостатоци во образованието помеѓу училиштето и касарната“ кај работничката младина, бидејќи помеѓу завршувањето на образованието на 14-годишна возраст и заминувањето во војска со 18 години, немало никакво државно обликување на ставовите. Кон крајот на 90-тите години на XIX век се основаат локални Младински одбранбени здруженија за доброволна предвојничка обука. Следи основање на баварското Одбранбено здружение, кое заедно со германскиот Сојуз на извидници ја спровело програмата „Народната сила преку одбраната“. Сојузот на извидници во 1914 имал 90.000 членови.

Најделотворен социјално-психолошки инструмент во придобивањето на младите работници биле авантуристичките викенди. Тие опфаќале прошетки, игри, спортски активности, читање и разговори, но и марширање и вежби со оружје. Тоа било доживување на заедништво со тренирање дисциплина и послушност. На тој начин имплицитно се пренесувале и политичките цели чијашто внатрешна прифатливост растела со интензитетот на доживувањето на заедништво.

Во 1911 на предлог на војската се основа Сојузот на германската младина како покривна организација на сите младински здруженија за одбрана. Овој сојуз веќе во 1913 опфаќал 500.000 млади луѓе, за бројот во 1914 да порасне на 750.000. Книгата на германската младина, објавена во 1913, почнува со илустрацијата „Германската младина го слави кајзерот“, потоа следат сеќавања на доброволците од војната против Франција во 1870, а се завршува со илустрацијата „Дочек на хероите во Валхал“ каде - неповредени и во раскошни униформи - ги дочекува Фридрих Велики. Во манифестот „Закон на германската младина“ пишува: „Германската младина во добри и во лоши времиња е верна на кајзерот и рајхот. Мораме да бидеме спремни на борба и верни на вистината. Се плашиме само од бог и од никој друг.“ Потоа следи заклучокот: „И за нас еднаш ќе одѕвони големиот час на борбата. (...) Нечујно и длабоко во германските срца мора да живее радоста на војната и копнежот по неа, бидејќи имаме многу непријатели, а победата ќе дојде кај оној народ кој со песна оди во војна.“ Она што им се случувало на овие младинци од август 1914, било масовно убиство инструирано и организирано од државата.

Меѓутоа, дури и критичките умови тешко се спротивставувале на менталната мобилизација. Кога во октомври 1913 во Лајпциг е одржана комеморација по повод 100-годишнината од ослободителните војни против Наполеон, Птиците преселници и Слободарските германски студенти се собрале на контрапротест на висорамнината Мајснер кај Кесел. Но, и меѓу нив владеел духот на милитаризмот, дури и ако го сметале за старомодно „татковинско уверување“. Тоа најдобро се гледа од тоа што и кај нив биле многу популарни воените игри. Затоа не треба да нѐ чуди што гимназијалците од Птица преселница и Слободарските германски студенти, во август 1914, масовно навалиле во касарните за да стигнат први на фронтот.

Денес во анализите за почетокот на Првата светска војна многу се зборува за „месечарите“. Таков впечаток можат да стекнат историчарите кои не излегуваат од своите кабинети или свечените сали. Но, ако погледнеме повнимателно во самата општествена структура, училиштата и универзитетите, ќе добиеме сосема поинаква слика. Наместо „месечари“, ќе видиме воени подбуцнувачи. Во Прусија исто така долго се работело на менталната подготовка за војната, која тогаш, во август 1914, конечно можела да се осолободи. Сосема и беспоштедно.

Историјата на образованието на младите во XIX и раниот XX век дава нова перспектива на епохалната 1914, врз основа на која може да се постави поинакво прашањe за вината за Првата светска војна: што е со вината на оние кои ги воспитувале другите за омраза и војна? Германија е земја која верува во образованието и не смееме да ја потценуваме неговата сила. Смртта на Ипра и Верден, во кои се испратени стотици илјади млади луѓе, не донела „прочистувачка сила“ туку претставувала ужасна смрт, која изнедрила нов ужас преточен во европско самоуништување.

Улрих Херман е професор по општа и школска педагогија и историја на педагогија на Универзитетот во Тубинген.

Извор: Die Zeit

ОкоБоли главаВицФото