Катастрофа на умот

20.01.2010 10:22
katastrofa-na-umot-ana.jpg

Додека Македонија слави „Водици - Богојавление“, илјадници километри западно од неа дојде и „помина“ уште една катастрофа која нашите медиуми ја покрија во рамките на типичниот воајеризам. Грозоморни слики од мртви тела, срушени објекти, осакатени деца, уплакани родители, проследени со пораки полни сочувство и повик до Бога во овие тажни моменти, но и негово кудење зашто уште еднаш некого „заборавил“. Во случајот, по којзнае кој пат „Господ ги заборави“ граѓаните на Хаити. „Умствената катастрофа“ од суштества вели: Судбина! - и заминува да му се поклони на Бога кој за „среќа“ не ги заборавил и нив, робовите на маленкоста на умот. Па поради тоа, речиси ниту еден македонски медиум не успеа да одвои барем две минути на проследување на трагедијата низ призмата на политичките одлуки кои со децении го следат островот, а кои и тоа како може (и треба) да послужат како аларм за освестување.

Хаити е земја чии политички лидери од 1984 година до денес имаат добиено 2.6 милијарди долари финансиска помош за изградба на инфраструктурата на земјата, и една милијарда само во перидот помеѓу 2004-2006. Но за жал, немаат многу што да покажат повратно. Доказ за тоа е состојбата на островот по минатонеделниот катастрофален земјотрес. Се предвидуваат над 50.000 жртви и неизбројани повредени кои се без покрив над главата и основни услови за живот како храна, вода и лекови. Да биде трагедијата поголема, ОН и безбројните невладини организации кои се упатија кон островот со помош, се онеспособени. Тие се соочуваат со непостоечка инфраструктура, нефункционална бирократија, непостоење на државен систем за јавни сервиси не само во разрушениот Порт-о-Пренс, туку и во остатокот на оваа 9 милионска земја која децениската политика на диктатура, елитизам, неспособност и алчност ја оставија на работ помеѓу сиромашните и најсиромашните.

Земјотресот во главниот град на Хаити, како и поплавите од минатата година секако дека не помогнаа. Но, мора да се забележи дека штетите и жртвите од природните катастрофи беа мултиплицирани поради децениското силување на земјата од страна на политичарите, нивниот криминал, кастриран разум и личен егоизам, проследен со неизмерна доза на некадарност. Земјотресот ја врами ситуацијата во една од најгрозоморните слики која водењето на земјата одамна ја навестуваше.

„Диктатура, проневера, корупција, подмитување, грабежи, банди, државна контрола на медиуми, притисоци, закани и линчување на политички опоненти, непотизам, висока стапка на невработеност, сиромаштија, несоодветно образование, преферирана елита и мнозинство, дискриминирана сиромаштија и малцинство, изборни нерегуларности, манипулација на тендери, нетранспаретност, урбана мафија, криминални банди заштитени од челниците кои ги тероризираат локалните бизниси и инфраструктура, нефункционално и од властите контролирано судство... политички и општествен систем кој постојано гради култ на личности, наместо функционален систем граден и одржан од граѓанството...“ ова е само дел од речникот со кој со години се опишува Хаити.

Доколку се погледне во политичкото и општественото водење на Хаити, станува јасно дека трагедијата со која целокупниот свет денес се обидува да се справи е резултат на природната катастрофа која е потпомогната од политичкиот и системски крах кој се провлекува со години. Со непланското инвестирање на буџетот, странските донации, грантовите и заемите и со нивно трошење за задоволување на лични хирови, политичарите на Хаити креираа земја која е неспособна да се соочи и справи со природните катастрофи. Властите на Хаити создадоа земја која нема капацитет да се справи со повредените од земјотресот не зашто истиот ги сруши болниците, туку зашто истите и пред земјотресот речиси и да не постоеја во поголемиот дел од земјата. Земјата се соочува со блокирани и нефункционални патишта со што им се отежнува работата на спасувачките екипи, но ваквата ситуација беше случај и пред земјотресот. Во Хаити недостасуваа основни средства како булдожери кои беа толку потребни во иницијалните часови по катастрофата за ископување и пронаоѓање на можните преживеани, не зашто земјотресот ги закопа под урнатините, туку зашто во булдожери државата и властите никогаш не инвестирале и речиси и ги немаат.

Некои деновиве сакаат да се утешат со помислата дека едноставно „Господ не ги сака“ Хаиќаните, за разлика од на пример Холанѓаните, кои никако да ги „поплави“, или жителите на Сан Франциско кои само пред 20 години преживеаа земјотрес со иста јачина но со минимален број жртви (63). Сепак, не ги сака Господ нив ништо повеќе од Хаиќаните, а ниту од Македонците на кои еден пороен дожд им поплавува цело централно градско подрачје поради незавршен одводен канал, како што неодамна, по којзнае кој пат повторно се поплави Струмица. Ниту ги заборавил Господ Хаиќаните, како што не ги заборавил ниту Македонците, чиј нефункционален и државно контролиран правен систем дозволува низ главниот град да дивеат разбојници и вооружени банди додека полицијата и целокупната власт одмара и слави „Богојавление“Св. Никола“, „Стари и нови години“, а во деновите кога не слави, времето и буџетот го троши на лиење „антички споменици“.

Не заборавил Господ никого. Некои се само заборавени од криминалците сместени во владините институции кои секој тендер за градба го даваат на политичките послушници и роднини, кои наместо градежни дозволи и планови побаруваат мито и корупција. Заборавени се граѓаните на некои земји од бирократите кои наместо инженери, градежници и стручни кадри во Министерствата за транспорт и врски и целокупната администрација вработуваат неспособни лица кои во 90 посто од случаите не знаат да прочитаат обичен закон, а во останатите10 едноставно не сакаат. Заборавени се многу луѓе од властодршците коишто наместо архитекти ангажираат профитери, наместо физичари вработуваат комшии.

Хаиќаните ги заборавија само оние коишто низ годините бескрупулозно ги уништуваа и сечеа шумите на Хаити и предизвикуваа лизгање на земјиштето со што ја уништија природната одбрана од природните катастрофи. Исто како што Македонците ги забораваат оние коишто го осакатуваат Пелистер, додека државните власти наместо да инвестираат во заштита на природното богатство од бандитите, инвестираат во претворање на земјата во споменик на кичот, неукоста и некадарноста. Никого не заборавил Господ, некои ги заборавил разумот, а од некои само избегал.

Граѓаните на Хаити ги заборавија само оние коишто мислеа дека градот и земјата им припаѓа ним, небаре им се подарени од Бога – до моментот кога тој не им го „сврте грбот“. Тогаш земјата и катастрофата со која не умеат да се справат повеќе не е нивно дело, туку е дело на „Бога“.

Хаиќаните, за жал, среќата ги одмина. Да се надеваме дека еден ден нема да нè одмине и нас, оти како што стојат работите само таа ни останува. Останува да се надеваме дека нема да нè пречека денот кога ќе се жалиме што нè заборавиле не само Господ, туку и сите останати, како што деновив,е воочи неверојатната трагедија, Хаиќаните ги заборавија властите на градот и земјата „познати по солидарноста“. Далечната 1963 светот не заборави, и несебично и миговно им подари помош на скопјани и Македонија. Деновиве Македонците и нивните политички претставницни немаа со што друго да му возвратат на тој свет освен со ветените 25.000 евра и со себичното игнорирање на маката на Хаиќаните, но и на сопствената свест и совест. Владините претставници и нивните поданици имаа друг приоритет - да се одморат пред да се искапат од гревовите на „Богојавление“ (а и да ги пречекаат лавовите коишто пристигаат во државата).

Со вакви лидери, останува да се надеваме дека Господ си ја пополни квотата „на заборавените“ помеѓу кои секогаш се само оние чиишто политичари немаат капацитет да ги согледаат приоритетите и, следствено, да го инвестираат своето време, човечките ресурси и капиталот во нивно исполнување.

Ана, а на 200 километри од

Ана, а на 200 километри од нас тоа не е хуманитарна катастрофа?

Иако секогаш имам негативни

Иако секогаш имам негативни критики за Окно, за овој текст сметам дека е штета што нема да допре до мнозинството. Само со мал дел не се согласувам потполно. Веќе одамна востановивме (особено овде во Окно) дека политичарите ни се за никаде. Затоа глупаво е во секој текст да се повторува колку се неодговорни и деструктивни. Можеби треба да смениме некои од пристапите (освен пишување...) на делување, за да понудиме алтернатива на затапувањето на свеста. Понекогаш се добива впечаток дека политичариве, вакви какви се, се златна кокошка за дежурните интелектуалци.
Треба малку подиректно да се искритикуваат и „невините обични“ луѓе „заведни и обесправени“ од политичарите.
Трајче
 

Што има на 200 km од нас?

Што има на 200 km од нас?

 и ти ја правиш истата грешка

 и ти ја правиш истата грешка "речиси ниту еден македонски медиум не успеа да одвои барем две минути на проследување на трагедијата низ призмата на политичките одлуки кои со децении го следат островот, а кои и тоа како може (и треба) да послужат како аларм за освестување."
само што за разлика од македонските медиуми ти мислиш дека правиш анализа или се обидуваш еден текст да го протуриш како анализа што е бедно. 
другарски поздрав

Што со двестоте километри?!

Што со двестоте километри?!

 Аман, поплавите во Албанија

 Аман, поплавите во Албанија се на 200km од нас! Ало!
 
Инаку off topic: Ана, а ќе се извиниш за оној написот во кој пропагираше вакцинирање против свинскиот грип? Оти дури и ЕУ започна истрага против фармацевтските гиганти и ги обвини за „лажна пандемија“?
 
Едно „извинете, погрешив“ ќе биде доволно. Повеќе не барам.

http://www.worldbulletin.net/

http://www.worldbulletin.net/news_detail.php?id=52802 http://www.reuters.com/article/idUSTRE6063X220100107

а имаше некоја формула во новинарството, важноста на бројот на жртвите опаѓа со квадратот од растојанието, или така некако...

Реакција

Мој пост што се надоврзува на темава:

Инаку текстов (на Ана) од денес е препорачан на насловната страница на Пинг.

Имате еден интересен освтр на вашиот текст:

Мислам дека би било интересно секој да може да ги прочита и двата текста.
http://sataniel.blog.mk/2010/01/22/zaboraveni-od-cnn-no-ne-i-od-ana/

Linkot pogore

Линкот погоре води до еден интересен и критички осврт на Блогерот Сатаниел за состојбите на Хаити, но и за текстот на Ана Ангелова на истата тема. Мое скромно мислење е дека читателите би требало да ги прочитаат и двата.

    Sataniel malkucka ja

 

 
Sataniel malkucka ja promashil poentata. Ama izgleda e obzemen od "dudlanjeto" po na za nego novootkrieni latinoamerikanski prostori pa pobrza da se pofali, bravurozno i jako samo na jazik, a tenko vo promotruvanje kako shto voobicaeno mu se slucuva koga se pali kako mlad petel.

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото