Три билети за Данска

30.09.2014 10:36
Три билети за Данска

Кога во 1989 година го објави есејот „Крајот на историјата?“, во списанието The National Interest, Френсис Фукујама се најде во центарот на јавната дебата. Иако, често погрешно сфатен и злонамерно толкуван, текстот всушност изнесе честит и смислен аргумент: со падот на комунизмот, либералната демократија остана единствен облик на владеење, компатибилен со социо економската модерност. Со текот на годините, Фукујама продолжи да го брани својот став и тие настојувања сега се собрани во двотомно дело кое го следи глобалниот политички развој од праисторијата до денес. Четврт век подоцна, Фукујама и понатаму е убеден дека ниту еден друг политички систем не е одржлив на долги патеки, но своето истражување ќе го заклучи со трезвен пресврт: иднината на либералната демократија е нејасна, но заради сопствените внатрешни проблеми – а не заради некој надворешен опонент.

Првиот том, „Потеклото на политичкиот поредок“, објавен 2011 година, Фукујама го почнува со забелешката дека за современите земји во развој предизвик е како да „стигнат до Данска“ – односно, како да изградат просперитетна, уредена либерална демократија. За возврат, тоа бара разбирање што всушност значи „Данска“ – либерална демократија. Потпирајќи се на согледувањата од својот ментор, Семјуел Хантингтон, Фукујама тврди дека политичкиот поредок во целост е работа на институциите и дека либералната демократија особено зависи од чувствителната рамнотежа на три впечатливи својства – политичка одговорност, силна делотворна држава и владеење на правото. Одговорноста бара механизми кои лидерите ги прават подложни на влијание од сопствената јавност, што подразбира редовни слободни и праведни повеќепартиски избори. Но, самите избори не се доволни: на вистинската либерална демократија ѝ е потребно одговорностите на нејзините институции да бидат дополнети со централна влада која ги извршува работите и тоа во согласност со правилата и законите кои важат за сите подеднакво.

Фукујама покажа дека во текот на целата човечка историја овие три фактори често се јавувале независно или во различни комбинации. На пример, Кина развила држава далеку пред да се појават државите во Европа, но не постигнала владеење на законите ниту политичка одговорност. Наспроти тоа, во Индија и поголемиот дел од муслиманскиот свет рано е развиено нешто што наликува на владеење на законите, но немало силна држава (или политичка одговорност, во муслиманскиот свет). Дури во одредени делови од Европа, кон крајот на 18 век, забалежува Фукујама, сите три аспекти ќе почнат да се движат истовремено.

Вториот том, „Политичкиот поредок и политичкиот распад“ го води читателот на вртоглава турнеја низ современиот развој, од Француската револуција до денес. Фукујама е многу амбициозен. Сака да направи нешто повеќе од едноставно опишување што претставува либералната демократија; сака да утврди како и зошто се развива таа (или не). Како и во претходниот, и во овој том авторот покрива огромен простор, сумирајќи извонредна количина истражувања и изнесувајќи разновидни аргументи во вчудоневидувачки распон од теми. Некои од тие аргументи не се убедливи, додека повременото присуство на тешки генерализации и магични формули сведочи дека Фукујама не е наклонет историјата да ја изложува на лабораториски услови.

На тој начин сугерира дека военото ривалство може да ги турне државите во модернизација, повикувајќи се на древна Кина и, во неодамнешната историја, Јапонија и Прусија. Меѓутоа, тој наведува и многу случаи во кои военото ривалство немало позитивен ефект на изградбата на државите (Латинска Америка од 19 век) и многу во кои имало негативни последици (Папуа Нова Гвинеја, како и други делови од Меланезија). Тој сугерира дека е важна постапноста на политичкиот развој, тврдејќи дека „оние земји во кои демократијата била претходник на изградбата на модерна држава имале многу повеќе проблеми во постигнувањето висококвалитетна управа од оние кои ја наследиле модерната држава од апсолутистички времиња.“ Меѓутоа, примерите што ги наведува не се совпаѓаат најдобро во овој аргумент – бидејќи пруската држава, сепак, со маки преминала во рацете на цивилните власти, додека почетната слабост на италијанската држава била причинета од недостаток, а не вишок демократија. Освен тоа, Фукујама секако разбира дека авторитаризмот ќе биде причина за слаби држави, повеќе отколку демократијата, затоа што без слободни медиуми, активно граѓанско општество и редовни избори, авторитаризмот има повеќе можности да ги искористи корупцијата, клиентелизмот и грабежот.

Можеби најинтересен сегмент од книгата претставува расправата на Фукујама за САД, која ја зема како илустрација за заемното делување на демократијата и изградбата на државата. Во текот на 19 век, забележува Фукујама, САД имале слаба, корумпирана и патримонијална држава. Меѓутоа, од крајот на 19 до средината на 20 век, американската држава се транформираше во силен и делотворен независен актер, прво благодарение на прогресивците, а потоа и на New Deal-от. Двигател на оваа промена беше „општествената револуција предизвикана од индустријализацијата, која собра цела генерација нови политички актери кои немаа интерес да го одржуваат стариот клиентелистички систем.“ Американскиот пример покажува дека демократиите навистина можат да изградат силни држави, но за тоа, тврди Фукујама, потребно е многу напор на долг временски период, кој го вложуваат можните играчи кои не се врзани со стариот поредок.

Ако САД го илустрираат развојот на демократската држава, тие, исто така, илустрираат како демократската држава може да ослаби. Повторно повикувајќи се на Хантингтон, Фукујама потсетува дека „сите политички системи – минати и сегашни – се изложени на пропаст“, затоа што постарите институционални структури не успеваат да се развијат за да ги исполнат потребите на променетиот свет. „Фактот дека системот некогаш бил успешна и стабилна либерална демократија, не значи дека така ќе остане засекогаш“, и предупредува дека ниту САД не се трајно имуни на институционалното слабеење.

Во текот на изминатите неколку децении, американскиот политички развој тргна наназад, вели Фукујама, а државата стана послаба, неефикасна и корумпирана. Една од причините лежи во растот на економските нееднаквости и концентрацијата на богатството, што на елитите им овозможи да акумулираат огромна политичка моќ и така да манипулираат со системот во корист на сопствените интереси. Друга причина е попустливоста на американските институции за интересните групи, овозможувајќи цела низа разни фракции кои „колективно не се претставници на јавноста како целина“, да вршат непропорционално влијание на владата. Резултатот е магичен круг во кој американската држава лошо излегува на крај со крупните предизвици, што поттикнува недоверба кај јавноста во државата – а државата ја лишува од ресурси и авторитети и тоа уште повеќе го ослабува нејзиниот учинок.

Ни Фукујама не може да предвиди каде води тој круг, но доволно е да се каже: не води кон добро. Фукујама стравува дека проблемите на Америка сè повеќе ќе бидат обележје и на другите либерални демократии, вклучувајќи ги и европските каде „развојот на Европската унија и преместувањето на политичкото одлучување од националните престолнини во Брисел“ направија „европскиот систем како целина – сè повеќе да наликува на оној во САД.“

Читателот на Фукујама ќе биде препуштен на депресивен парадокс. Либералната демократија останува најдобриот систем за совладување на современите предизвици и тешко е да се помисли дека кинеската, руската или исламистичката алтернатива би можеле да понудат разновиден спектар економски, социјални и политички добра кон кои тежнеат сите луѓе. Но, доколку либералните демократии не успеат некако да се реформираат и да го совладаат институционалното пропаѓање, историјата нема да заврши со тресок туку со лелек.

Френсис Фукујама, Политичкиот поредок и политичката пропаст: од индустриската револуција до глобализацијата на демократијата; Farrar, Straus & Giroux (излегува од печат кон крајот на септември 2014)

11.09.2014

Извор: http://www.nytimes.com

ОкоБоли главаВицФото