1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
Универзитетот е институција што нуди највисоко школско образование, го проверува стекнатото образованието на поединецот и го „оверува“ со универзалниот сертификат, наречен диплома. Освен ако, како во македонскиот случај, поинаку не се нареди, односно државата (поточно државната администрација) не се постави над универзитетската автономија и не реши да ги оспорува дипломите на високошколските институции што сама ги акредитирала.
Без оглед дали станува збор за екстерно испитување (како што беше порано најавено) или за државен испит како што сега е преименувано (пре)испитувањето на универзитетското знаење, овој потег е контроверзен од повеќе аспекти. Пред сè, кој, како и зошто e тој што ќе го проценува знаењето добиено на македонските универзитети (а зошто не и на странските?), добиено од професори со изборни звања, доценти, доктори, магистри итн. Ако го прифатиме и тврдењето на официјалната власт дека многумина добиваат дипломи без потребното знаење (иако ова тврдење не е поткрепено со ниту еден емпириски податок, туку е прашање на впечаток), кој тогаш го има потребното знаење со истите дипломи – државната администрација? На крајот на краиштата, нашите дипломци редовно полагаат екстерни испити, иселувајќи се во некој понормален свет, кој на овој или оној начин знае да го цени нивното стекнато знаење токму тука. Конечно, тие го положија својот важен испит и излегувајќи на оној прекрасен протестен марш против будалаштините на Владата.
Без оглед на нашите романтичарски тврдења за Школата на Свети Климент Охридски како за прв европски универзитет (патем речено, што се случи со обновата на Климентовиот универзитет на Плаошник?), такви школи постоеле и пред и по Климент (да не го споменуваме сега Гимназиумот на Платон), првиот универзитет, во модерната смисла на овој збор, се појавува (а каде на друго место?) во Болоња. Токму на 900-годишнината од формирањето на овој Универзитет (1988) 430 ректори на европските универзитети ја потпишуваат таканаречената Magna Charta Universitatum, со која се отпочнати реформите во европското високо образование, познати како „болоњски процес“ или „ЕКТ систем“ (европски кредит трансфер систем). Токму оваа реформа (3+2+3, високо образование-магистерски студии-докторат), која Македонија сесрдно ја прифати, денес се смета како една од главните причини за падот на квалитетот на високото образование. Целата идеја на реформата, всушност, е лесна хоризонтална и вертикална проодност, за да не мора едно општество на свој грб да поднесува многугодишни студии, туку бргу да оспособува високообучени кадри кои ќе ги апсорбира во стопанскиот живот во нивните најпродуктивни години.
Инаку, Универзитетот во Болоња е формиран во 1088 година од група аспиранти по право (главно нотари), кои ги вложуваат своите средства за да ангажираат наставници и заеднички да обезбедат книги (universitetas litterarum). Во Париз во 1160 година универзитет формира Црквата (во негов состав во 1253 година се отвора колегиумот Сорбона), а во 1224 година римско-германскиот цар Фридрих II во Неапол отвора universitates studiorum како државна лаичка установа. Сите три концепти на високото образование (приватен, религиски, државен) постојат и денес.
Една од најважните премиси на универзитетското живеење е токму академската слобода, односно академската автономија. И таа се врзува за Болоња, односно за одлуката на овој Универзитет од 1158 година (Constitutio Habita), со која се гарантира слободното патување на студентите и професорите на Универзитетот во сите краишта во интерес на науката. Оваа одлука практично е зачеток на овозможувањето универзитетите слободно (автономно) да решаваат за прашањата од интерес на науката. Пак ќе повториме, додека поинаку не реши македонската влада.
Зборот „универзитет“ потекнува од латинскиот „universitates“ (севкупност, целовитост), а во конкретниот случај означува тело составено од „студенти и учители со еднакви законски права што ги гарантира власта на територијата каде што се наоѓаат“. Во некаква животно-метафоричка смисла некому универзитетот му е улицата, некому затворот, некому самиот живот, а некому, богами, универзитетот му е универзитет.
Во речиси сите светски јазици се појавува зборот „универзитет“ (или варијации од истиот корен). Некаде, како во хрватскиот, тоа е „sveučilište“ (сеучилиште), што, интересно, е србизам (иако универзитетот и на српски е универзитет) и претставува превод на византиското име „Pandidakterion“ (име на Царската школа, основана во 425 година).
Она што е тука важно е дека прашањето на екстерното тестирање на студентите (ајде нека биде: државен испит) не е само прашање на студентската комоција, ниту се однесува само на сегашните и идните студенти, туку тоа е прашање на еднаш стекнатата (академска) неприкосновена слобода. Значи, прашање на сите нас, на нашиот праг на трпеливост и нашата волја да се откажеме од сопствените придобивки.