Игри

04.12.2014 11:03
Игри

Пред играта

На Зоран Мишиќ

Се замижува на едно око
Се ѕирка во себе во секое ќоше
Се погледнува да нема шајки да нема крадци
Да нема кукавичји јајца

Се замижува и на другото око
Се чучнува па се скока
Се скока високо високо високо
До наврв на самиот себе

Оттаму се паѓа со целата тежина
Со денови се паѓа длабоко длабоко длабоко
На дното на својата провалија

Кој нема се да се разбие во парампарче
Кој ќе остане цел и цел ќе стане
Тој игра


Миженка

Некој ќе се сокрие од некого
Ќе му се сокрие под јазик
Овој го бара под земја

Ќе му се сокрие на чело
Овој го бара на небо

Ќе му се сокрие во заборавот
Овој го бара во трева

Го бара бара
Каде сè не го бара
И барајќи го него се губи себе


Пипни стој

Едни им одгризуваат на други
Рака или нога или што било

Го ставаат тоа меѓу заби
Потрчуваат колку што можат побрзо
Во земја тоа да го закопаат

Други се растрчуваат на сите страни
Душкаат бараат душкаат бараат
Сета земја ја раскопуваат

Ја најдат ли среќни својата рака
Или нога или што било
На нив е редот да гризат

Играта продолжува живо

Сè додека има раце
Сè додека има нозе
Сè додека има што било


Игра на семето

Некој ќе посее некого
Ќе го посее во својата глава
земјата добро ќе ја истапка

Чека семето да никне

Семето главата ќе му ја испразни
Ќе ја претвори во глувчешка дупка
Глувците ќе го изедат семето

На место ќе останат мртви

Во празната глава ветрот ќе се насели
И ќе коти шарени ветерчиња


Помеѓу игрите

Никој не се одмора

Овој постојано ги преместува своите очи
Ги става на грб
И сакал не сакал тргнува назачки
Ги става на табаните
И пак сакал не сакал се враќа главешкум

А овој цел во уво се претворил
И слушнал сè што не треба да се слушне
но му здосадило
И копнее повторно да се претвори во себе
Но без очи не гледа како

А оној ги открил сите свои лица
И едно по друго ги џитка преку кровот

Последното го фрла под нозе
И ја нурка главата во дланки

А овој го затегнал својот поглед
Го затегнал од палец до палец
Па чекори по него чекори
Прво полека после побрзо
Па сè побрзо и побрзо

А оној си игра со својата глава
Ја фрла во воздух
И ја дочекува на показалецот
Или воопшто не ја дочекува

Никој не се одмора

Слики: Kaye Blegvad
Извор: Непочин поље, 1956; циклус: Игре

ОкоБоли главаВицФото