Писма до Пабло Пикасо

13.12.2014 13:15
Писма до Пабло Пикасо

Париз, 13 ноември 1946.

Драг Пабло Пикасо,

Напишав пет песни откако стигнав во Париз и тие ме направија среќен: Списанието La Rue сакаше да објави две, но пропадна. Трите останати песни одбија да ги објават некои други списанија и весници.

Но, најдов издавач: господинот Пјер Бордас кој сака да ги објави, во една книшка, сите пет песни, ме замоли да ве прашам дали би сакале да ги илустрирате со пет-шест бакрорези или литографии. Тоа за вас е многу работа, но сепак ви ги испраќам песните. Можеби ќе сакате по читањето на песните, вие, Пабло Пикасо, да кажете неколку зборови за нив.

Бидете уверен дека сум ви искрено верен од срце.

Антонен Арто

*

Париз, 20 декември 1946.

Драг Пабло Пикасо, драг пријателе,

Ви доверив пет песни напишани на машина.

Пјер Лоеб ви кажа дека би сакал да ги објави Пјер Бордас: 300 примероци на луксузна хартија и 1.000 примероци, на мое барање, на обична хартија, за да можат студентите и сиромашните поети, младите луѓе без пари, да ги читаат, а не само луѓето кои се збогатиле на црната берза. Американците од двете Америки и ламите кои не виделе војна веќе сто илјади години освен мажјаците кои успеале да ја совладаат женката, итн. итн...

Со ова сакам да ви кажам дека тие песни за мене се повик со кој сè уште ја довикувам совеста, не наоѓајќи подобар збор за тоа, зашто, каде сè уште постои совест од времето откако господари злото; само неколку ретки екстремитети од телото на човечката совест не направиле некаква свињарија?

Ова што го правам не е уметничко дело наменето само за познавачите на уметност, и мислам дека Пабло Пикасо ќе се потпише со длето или ноже, како и јас, под она што го ужаснува.

Би сакал да ве видам во сабота напладне, освен ако не бидете спречен од нешто.

Ваш,

Антонен Арто

*

Сабота, 3 јануари 1947.

Пабло Пикасо,

Не сум почетник кој бара илустрации од еден голем сликар за да ги лансира своите први напишани песни. Веќе доволно страдав и се препотував во животот за да напишам песни кои не се баш многу повредни од ужасот од кој настанале, но кои си се доволни самите на себе и не им е потребна ничија заштита ниту потпора, од кого било, кој и да е тоа, за да го живеат својот мал живот.

Од сè што напишав откако излегов од душевната болница во Родез, ги издвоив тие пет песни кои го привлекоа вниманието на еден издавач, кој изрази желба песните да бидат илустрирани со неколку ваши бакрорези или литографии, бидејќи самиот никогаш не би се сетил на тоа. И јас сум исто така способен да направам свој портрет и да ги илустрирам своите текстови со вињети кои престануваат да бидат цртежи за да станат живи суштества. Во Родез неуморно фабрикував цртежи, тие живи суштества кои им станаа повод, на службениците од полицијата на душевната болница во која се наоѓав, без престан да ме малтретираат.

Имам педесет години. Живеам во Иври. Поминав девет години затворен во душевна болница, запознав во неа помија од храна и глад, три години поминав во самица, противзаконски уапсен, бев во ќелија со лудачка кошула, и пет месеци бев систематски труен со калиумова киселина, на што треба да се додаде дека во Родез две години бев лечен со електрошокови, пет пати бев во кома, на грбот носам лузни од убоди со нож, и трпам неподносливи последици од ударите со метална шипка поради кои, во Даблин, во септември 1937 година, ми го оперираа рбетот, што би треебало да значи дека едвај се влечам ваков каков што сум, и дека не е премногу пријателски да ме терате веќе пет пати да го влечам своето тело од Иври до улицата Гранд Огистен, без никаква потреба.

Можно е моите песни да не ве интересираат и да сметате дека не сум вреден за трудот, но тоа требаше барем да ми го кажете и да ме почестите со вашиот одговор, каков и да е.

Тешко време е, Пабло Пикасо. Книгите, ракописите, платната или кое било друго уметничко дело повеќе не се ништо; она што зборува за еден човек е неговиот живот, а не неговото дело, иако тоа во најмала рака е барем крик на неговиот живот. Моето дело е дело на човек кој страда но кој е чеден; живеам сам и убеден ум дека причината поради која не одговоривте на моите писма е најмногу тој демон кој во вашите години сè уште ве држи потчинет на не знам кое предубедување или напаст, робувањето на сексуалноста.

Совеста на омразата, која управува со сите, знае многу начини како да ги поседува луѓето кои понекогаш доверуваат дека се спремни да направат напор да ја прескокнат бестијалноста, а меѓу тие луѓе, благодарение на еротизмот кој зема повеќе отколку што дава, е роден бог, тогаш кога јас се вратив на клучната коска на сексот, и оттука се нарекол себеси дух, а не тело, и не останува само на неколку ретки луѓе кои поверувале дека се родени непријатели на пакоста, да ја остварат, служејќи се со финтите на сексот, таа изопачена игра на вечниот фашизам на бога.

Извор: Gledišta

Слични содржини

Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото