Пролет во декември

23.12.2014 02:09
Пролет во декември

Со веќе видена ароганција, убеден дека никој не му може ништо и решен по секоја цена да докаже дека неговата суета, инает и тврдоглавост се поважни од аргументите, принципите и судбините на сите други што не мислат како него и немаат приходи како неговите, премиерот Груевски викендов уште еднаш повтори дека ќе биде воведено екстерно тестирање (државен испит) за студентите и ќе се плаќаат придонеси за хонорарите.

Премиер што е способен да ги игнорира интересите на илјадници живи луѓе, за да може целосно да се посвети и да инвестира во десетина восочни фигури; кому не му е гајле што секоја втора куќа е иселена, напуштена, туку се гордее што во една од нив ќе живее минатото, само е гола, сурова демонстрација на власта како сила и на незнаењето како моќ. Многу позастрашувачко е сознанието дека тој во ваквиот однос, во ваквите свои постапки и приоритети веќе не гледа ништо ненормално, невообичаено, апсурдно.

Затоа, никој не треба да се колеба, да има каква било дилема дали денеска да излезе на протест и јасно и гласно да демонстрира, да ѝ покаже на власта дека заслужила првиот зимски ден да ѝ биде последен. Дека среде зима ќе ѝ се случи пролет, зашто времето на чекање промени одамна е изминато.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња