35% од паричките за Бадник се паднале кај државата

07.01.2015 11:56
35% од паричките за Бадник се паднале кај државата

Скопје, 7 јануари 2014

Според информациите до кои дојде екипата на Пара вести, дури 35% од паричките во лепчињата кршени на Бадник се паднале кај државата, во новото парче кое верниците од оваа година го кршат на празничната трпеза.

Го посетивме домот на семејството Поповски од населба Аеродром, кое ни дозволи да бидеме сведоци на нивната свечена празнична вечера.

„Малата новина со одвојување 35% од лепчето за државата не ни пречи, дури мислам дека е убаво одвреме-навреме обичајот да се освежи со нови елементи. Не ни е криво што паричката се падна кај државата. Ако на државата ѝ тргне, на сите ќе ни биде убаво оваа година“, рече Миле, главата на семејството Поповски.

Успеавме да стапиме во контакт и со премиерот, кој ни објасни дека паричката се паднала кај него, но ни откри и дека не исекол парче за државата.

„Среќен сум што годинава паричката од лепчето се падна кај мене, како впрочем и многу други парички што досега исто така се паѓаа кај мене. Мислам дека тоа е добар знак за целата земја“, рече Груевски.

„Инаку, ние дома не исековме парче за државата. Не затоа што црквата ги ослободи државните функционери од сечење такво парче, туку затоа што беше исечено парче за мене, а државата - тоа сум јас“, објасни македонскиот премиер.

Во домот на Иванови, неофицијално, домашните заборавиле да исечат парче за претседателот Ѓорге Иванов, кој се заиграл со војничиња во својата соба и ја пропуштил вечерата, а домашните, откако по два часа се сетиле на него, се договориле дека ќе му ја наместат паричката на Василица, под услов да не се заигра со учебникот по хемија, броејќи кои сè хемиски елементи ги има на територијата на Казахстан.

Што се однесува до кршење посебно парче за државата, и во домот на претседателот тоа не било направено, затоа што Ѓорге Иванов е ослободен од сè.