Во срцето на книгата

14.04.2009 11:03
Javier_Abdala.jpg

Неодамна книжевното талкање низ германското говорно подрачје ме донесе во Цирих. Цирих во минатиот век беше засолниште на многу големи писатели кои од хаосот од почетокот на векот се криеја во швајцарската оаза на мирот стара речиси илјада и нешто години. Томас Ман и Џејмс Џојс крајот на своите животи ги дочекаа во Цирих, каде што се и закопани. Сè уште може да се отиде во Кабаре Волтер, каде што дадаистите на чело со Тристан Цара ги изведуваа своите откачени перформанси, додека светот надвор од Швајцарија се рушеше во Првата светска војна.
Во Цирих поминав неколку дена, делумно во друштво на книжевниот свет, а делумно во друштво на добрата Јасмина, докторката за срце, како швајцарско така и сараевско. Јасмина ја познавам отприлика цел еден век, кога уште пред војната заедно бевме во непријателска и работна посета во удобните простории на Службата за државна безбедност.

По извршувањето на писателските задачи, добрата Џасмин и јас се најдовме и отидовме на шнапс, швепс и трач во кафеаната наречена Одеон, каде што некогаш излегувале многу познати жители на Цирих, меѓу кои Џојс и Владимир Илич Ленин. И двајцата во градот на Лимат се заштитиле од Првата светска војна и јас уште од младоста сакам да ја замислувам нивната можна, но никогаш забележана или докажана средба во Одеон. Можеби во малечкиот Одеон грбовите им се допреле, можеби поднапиениот Ленин на Џојс му држел предавања за ограничувањата на буржоаската литература, можеби Џојс се потсмевал на лабаво изфантазираните утопии на Ленин, можеби заедно се запиле и прегрнати се довлечкале до Кабаре Волтер, оддалечено само десетина минути од, за таму дадаистите да ги навредуваат и малтретираат.


Џасмин и јас во Одеон си ги испивме пијачките, а потоа преку реката се упативме во потрага по фондацијата Џејмс Џојс, во која има многу книги и ситници поврзани со ликот и делото на најголемиот мајстор на англискиот јазик.

Единствен конкурент за оваа титула му е Шекспир, но додека собраните дела на Бардот содржат околу 29.000 различни зборови, само Улис, ремек-делото на Џојс, содржи 31.000 зборови – без да се смета, значи, Бдеењето на Финеган, во кој речиси секој збор е нов, измислен од Џојс.
Фондацијата ја пронајдовме во Аугуштинергасе, на вториот и третиот кат во една неугледна зградичка. Фондација е громогласен збор кој некако асоцира на коцкести застаклени згради, но до малите канцеларии на фондацијата Џојс се качивме низ средновековно тесни скалила.
На ѕидовите на речиси сите простории имаше големи полици, полни со книги за Џојс или со негови дели. Во една од тие книшки простории налетавме на Фриц Сен, основач и шеф на фондацијата, кој на прошетка го повикал Петер Естерхази, еден од најголемите унгарски живи писатели, потомок на познатото унгарско благородничко семејство кое со векови се мотало низ хабсбуршкиот двор, ја поседувало пола Унгарија и од Хајдн нарачувало гудачки квартети. Господинот Естерхази има долга бела коса и не зборува англиски, па еден на друг само бесмислено си се смешкавме и кимавме со главата. Заедно со Естерхази беше и Илма Ракуша, која некогаш на германски го преведуваше Данило Киш, па потоа сите присутни, на три-четири јазици, во хаосот на меѓусебното разбирање, му одадовме почест на нашиот голем мајстор. Потоа Фриц Сен нè покани во својата канцеларија, во која едвај да можевме и да стоиме, а камоли да седнеме.
А во канцеларијата на Фриц, на еден од кабинетите се наоѓаа два излижани куфери на Џојс, поставени еден врз друг, како Џојс да му ги оставил на Фриц за да ги зачува ден-два. Во кабинетот се наоѓаа два-три бастуни на Џојс, исто така излижани, како и неговата посмртна маска, една од оригиналните, направена во Цирих 1941 година, кога умре. Посмртната маска ни малку не беше излижана, постојано е свежа и нова. Стоевме така, Џасмин и јас, над малечкото лице на големиот и мртов гениј, во канцеларија полна со негови мисли и книжевни потомци.


Фриц нè повика истата вечер да се вратиме и да се вклучиме во групното читање на Бдеењето на Финеган – група посветеници се наоѓаат еднаш неделно и потоа ги читаат, ги анализираат и разговараат за делата на Џојс – и јас ја прифатив неговата покана. Јасмина таа вечер мораше, кутрата таа, да оди на час по германски, а јас, подготвен, се појавив во малата просторија полна со книги, со околу петнаесетина присутни посветеници, на чело со Фриц кој раководеше со дискусијата и со читањето (и чија долга седа коса се римува со косата на Естерхази). Присутните внимателно го исчитуваа Бдеењето на Финеган, книга која не е ништо друго освен неверојатна колекција на јазични игри, алузии, каламбури и загатки, роман лишен од ликови, од заплет или од каква било препознатлива стварност, бидејќи, како што многумина веруваат, всушност се одвива во сонот на отсутниот, но сеприсутен лик наречен Финеган, или Шаун, или HCE (Here Comes Everybody). Бдеењето на Финеган е чудо, редок пример на целосна книжевност (која бара безусловна и апсолутна посветеност на читателот), ремек-дело кое далеку ги надминува способностите на поединечниот читател, така што групното читање не е само најдобар, туку и единствен начин на читање.

Групата на Фриц беше составена од разновидни поединечни читатели: професор од Беркли, кој е светски познат џојсовец, млади постдипломци од Франција и Америка, постара госпоѓа која не изусти ни збор, постар господин во костум, кој беше полн со знаења за античка Грција и на кој главата постојано му се тресеше од перкинсонова болест, виолинист од државата Индијана кој веќе десет години живее и свири во филхармонијата во соседниот кантон итн. Збор по збор, реченица по реченица, параграф по параграф, тие идеални, посветени читатели, за кои сонува секој писател, го отвораа, како хирурзи, срцето на книгата, ја ловеа секоја алузија, го расклопуваа секој налудничав неологизам, се присетуваа на одеци и лајтмотиви некаде другаде во книгата или во историјата на човековата мисла. За време од час и половина, колку што траеше сето тоа, прочитани се само два параграфи од почетокот на книгата. Потоа Фриц ми рече дека се потребни единаесет години за Бдеењето на Финеган на овој групен начин целосно да се исчита. Нему оваа му беше трето читање, почнал уште во 1986 година.
Во таа група на совршени читатели, како средновековни монаси, ми беше јасно дека додека трае човечката мисла некој ќе чита книги. И дека јас ќе ги пишувам, сè додека има барем еден жив читател, сè додека чука едно човечко срце.

Илустрации во текстот: Javier Abdala

извор: pescanik.net

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност / Живот
Пандалф Вулкански
Книжевност / Живот
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото