Фотографија

13.03.2015 03:27
Фотографија

ЛЕТО

Една летна вечер, кршејќи чаши во кафаната „Че Гевара“, Мите си ја исече левата подлактица и заврши во болница. Болницата беше негов втор дом, поточно негов прв и единствен дом. Мите немаше воопшто пари, ни покрив над глава. Мите не работеше никаде, ниту имаше роднини. Но, затоа имаше слободен дух и секоја цел која ќе си ја зацрташе во главата ја остваруваше. Целта му беше да танцува во кафеана и да пие ракија. Не му требаше друштво, доволно си беше интересен сам на себе. Пиеше ракија до затворањето на кафеаната, а на крајот на работното време секогаш му ја свиреа омилената песна, иако секој пат последната песна беше различна. Никогаш не се враќаше повторно во иста кафеана, зашто не сакаше да се повторува.

Исто така и овој ден, после повеќе забавни случки кои му се случија во „Че Гевара“, тепање со луѓето од соседната маса, водење љубов со постара дама во тоалетот, спор со келнерот поради малата количина сирење во шопската салата и други случки, дојде келнерот и му најави дека мора да затворат и му ја даде сметката. Тогаш ја пуштија песната „Ме боли стомачето“, песна која на Мите веднаш му стана омилена. Тогаш стана, скрши чаша и си ја исече подлактицата. Келнерот викна брза помош и го однесоа во болница.

Лежеше среќен во болницата гледајќи си ја новата лузна на подлактицата која му будеше спомени. Секоја рана си носеше сопствена приказна. Но кога дојде докторот и му кажа дека нема веќе место на неговото тело за нови конци и треба да биде премногу внимателен да не се исече повторно, насмевката од лицето на Мите засекогаш се изгуби. Така Мите немаше повеќе цел во животот и наредниот ден го најдоа замрзнат позади една зелена трафика, што е редок случај летно време.

ВОЈНА

Кочо и брат му долго време ништо не работеа, имаа само едно хоби, а тоа беше некој вид на резбање, копање на стеблата од дрвјата во шумата. Еден ден поп Џими се разбуди во шумата, мамурен и ги виде браќата како копаат по стеблата. Не знаејќи каде се наоѓа и како стигнал тука, беше збунет и ги праша како да стигне до главниот пат за да си оди. Тие му објаснуваа дека треба да оди само по патеката надолу и кога ќе забележи црн џип ќе знае дека стигнал до патот. Тој се насмевна и им кажа дека тоа е неговиот автомобил и ги запраша дали би сакале тие продуктивно да го искористат својот талент и да дојдат со своите алати да ја реставрираат црквата. Кочо и брат му се сложија и заедно со џипот отидоа до црквата.

Попот не им пречеше во реставрацијата, ги остави сами две недели. За тоа време тие ги исчистија иконите и целиот ентериер, но им се виде многу бледо па купија фломастери и ги засилија боите, наместо свеќи ставија неонки, а за проба вклучија и стробоскоп. Кога дојде поп Џими и виде што направиле од црквата, се израдува и ги нарече генијалци. Додека го анализираше новиот изглед на црквата, тие му нацртаа громови на џипот. Тоа уште толку го израдува поради фактот што џипот не бил негов, и не знае како дошол до него, едно утро едноставно се разбудил на возачкото седиште и од тогаш се плашел некој да не го препознае, иако ги зменил таблиците.

Преку таа модернизација на црквата попот и браќата го популаризираа одењето во црква. Новиот начин на комуницирање со Бога го нарекоа „ин Црква“. Сè повеќе млади доаѓаа, дури имаше толку гужва пред црква што навечер се правеше и селекција, пуштаа само секси облечени парови. А преку неделата имаше и три тематски вечери, секој четврток имаше „ергенска вечер“, секој петок „моминска вечер“, а секоја сабота „танга вечер“. За три месеци ова движење толку се прошири што 10 цркви веќе припаѓаа на „ин Црква“.

Едно неделно утро браќата и попот седеа во најновата црква, Кочо наивно му даде мала забелешка на поп Џими дека уште во 9 часот тој не е при свест и малтретира посетители, а потоа не се сеќава на тоа. Попот тогаш ги избрка браќата нарекувајќи ги неблагодарни сатанисти.

Браќата не се вратија на копање на стебла од дрвјата во шума, тие веќе имаа поважна цел и се поврзаа со други попови создавајќи ново движење наречено „ин Црква Вистинска“. Суштината на тоа движење беше иста но имаше различни тематски вечери, работа до подоцна, поевтина текила и други детали. Попот Џими почна да губи посетители од „ин Црква Вистинска“ и им објави војна. Војната траеше и после смртта на браќата и попот Џими, и уште трае иако веќе никој не се сеќава како започнала.

 

ФОТОГРАФИЈА

За разлика од своите врсници, кога Јово доживеа пубертет тој не посака да има девојка, да свири на бенџо или да убива жаби. Тој посака да гали јагуар. Никој не му веруваше, но него не го интересираше што мислат другите и отиде во зоолошка. Така Јово остана без дланки.

Кога Јово наполни триесет години и кога сите негови врсници посакаа да имаат жена и деца, тој посака да трча по кактуси. Тоа и го стори и толку ги разрани стапалата што до крајот на неговиот живот не можеше да гази.

Кога Јово наполни педесет години и сите негови врсници станаа гурмани, експериментираа со вкусови, учеа како се дегустира вино, тој посака ништо да не јаде и да не пие. Така после една недела Јово заврши на смртна постела.

Никој не му дојде во посета, лежеше сам и гледаше во фотографијата која беше закачена пред него. Тоа беше единствената негова фотографија. На сликата беше тој на четиринаесет години, два дена пред да оди во зоолошка. Последната вечер пред да умре, гледајќи ја фотографијата, Јово се присети дека тој всушност не сакал да гали јагуари, туку да има девојка.

ТАЧМИ

Крајот на животот на Јасна се совпадна со отворањето на првото казино во селото Тачми. Селото тој ден се подели на две фракции. Првата фракција ја сочинуваа Жалители – луѓе кои плачеа или во најмала рака имаа натажени лица и јадеа и пијеа во станот на Јасна, изразувајќи им сочувство на нејзините најблиски. Втората фракција беа Веселџиите – Тачмиџани кои беа на свеченото отворање на казиното и се радуваа на шарените светла и на деколтеата на вработените. Различниот начин на живот го подели селото на две речиси завојувани страни. Жалителите ги презираа Веселџиите поради нивната бесчувствителност, додека Веселџиите не ги почитуваа Жалителите поради тоа што не знаат да го живеат животот и да бидат среќни.

Војната се состоеше само од меѓусебен презир и некажување „Добар ден“, сè до моментот кога Перо премина од Жалители во Веселџии. Перо не предизвикан од ништо дента кога се одбележуваше 40 дена од смртта на Јасна, се опи и отиде во казиното. Најпрво Веселџиите беа внимателни и не беа сигурни што точно сака Перо, како еден од главните Жалители. Но откако видоа како се смее и како ја става главата во деколтеата правејќи „брррр“, го прифатија како свој член. Така Перо стана еден од најпознатите и најинвентивните Веселџии. Тоа на другата фракција воопшто не ѝ се допадна, па преземаше мерки. Го набија Перо на колец и со нож му напишаа на грбот Ж. Така Жалителите станаа задоволни и почнаа да се смеат и да бидат радосни, додека Веселџиите го жалеа Перо. Жалителите станаа Веселџии, а Веселџиите, Жалители, но и едните и другите немаа сили за посилни емоции, па интензитетот на жалењето и радувањето беше послаб. Дури започнаа и да си кажуваат „Добар ден“.

 

ШНИЦЛА

Шницла беше бушаво девојче со остар поглед и зелени трепки. Таа сакаше јадења, патувања, музика и немир. Немир имаше толку често, што дури ѝ стана досадно, па реши да има мир и си купи сирење. Сирењето го крсти Пепе. Пепе знаеше да разликува добро и лошо, ама не го користеше тоа. Шницла и Пепе имаа нешто заедничко, бујни гради. Но општопознато е дека тревата е поцрвена кај јатрвата, па затоа Шницла го тргна Пепе од фрижидерот оставајќи го да засмрди во една продавница за моторцангли. Така Шницла си се врати на немирот, а тревата на јатрвата стана бела како бело јаболко.

Слики: Hagar Keinan

ОкоБоли главаВицФото