Зошто го сакам ГТЦ

22.04.2015 11:07
Зошто го сакам ГТЦ

За вкусовите не се расправа. Тоа би можел да биде одговорот на прашањето „Зошто го сакаш ГТЦ?“, но само во случај кога од нас би се очекувал одговор за некаков индивидуален впечаток за зградата која ја доживуваме како воздух, како вода, како зеленило, како слобода, како светлина. И како материја, но и како дух. Можеме да кажеме дека „ГТЦ е најубав“ и тоа ќе претставува индивидуален став, исто како и „ГТЦ е најгрд“. Но, ГТЦ е најдобар - е аксиома. ГТЦ е општо добро кое постојано го користиме и не размислуваме за неговите квалитети. Не се препрашуваме зошто го сакаме. Едноставно ни е дадено, а ќе сфатиме колку ни значело, само доколку го загубиме. Исто како личност. Затоа што ГТЦ е личност.

Не сум израснал покрај ГТЦ, но неколку емотивни моменти (еден од нив - чекањето на резултати од приемниот испит на архитектонскиот факултет) ме врзуваат толку силно, што го чувствувам подеднакво мој, како и сите што израснале со него. Тој ми бил засолниште, автобуска постојка, трпезарија, чекална, продавница, читална, кино сала, место каде што сум чекал, пречекувал, испраќал, каде што сум сакал да се дружам и каде што сум сакал да бидам сам. И сигурен сум дека единствено ГТЦ, точно ваков каков што е, може(л) да ми ги овозможи сите тие моменти. Ниту една друга зграда, ниту еден друг трговски центар не може да бидат ГТЦ, токму поради квалитетите кои единствено тој ги поседува. Само запрашајте се, низ кој друг трговски центар во градов може да движите ‪#‎НаТочак‬? Низ кои трговски центри се шетате со домашните миленици? Во кој друг трговски центар ќе сретнете музичари и забавувачи кои слободно работат, а никој претходно не ги организирал, или уште повеќе што никој не им забранува слободно да се изразуваат?

Решението за Градскиот трговски центар на архитектот Живко Поповски е избрано како најдобро помеѓу 23-те пристигнати решенија на меѓународниот конкурс во 1967 година. Бил најдобар тогаш, помеѓу сите пристигнати решенија од еминентни светски проектантски бироа на конкурсот, а денес, кога своите квалитети сè уште ги потврдува, само нè прави повеќе убедени во исправноста на ова решение. Лежи на (тогаш новата) аксијала исток-запад, која станува позначајна во градот со постземјотресната обнова, аксијала која пред сè подразбира движење кое го генерира овој објект. Слободното и непречено движење се испреплетува и се збогатува со најразлични содржини (комерцијални, угостителски, културни). Единственото движење во градот каде што си истовремено надвор, но и внатре. ГТЦ те штити од (не)времето, но истовремено ти дава да уживаш во него. Затоа влезот во ГТЦ е без врати. Без оглед дали ставањето врати на ГТЦ би се извело на начин што тие ќе бидат незабележливи или нагласени, тие би претставувале бариера, макар и ментална. Врати поради кои некој ќе се почувствува непожелен, некој недобредојден, некој недоволно пристојно облечен, некој неуреден. Врати кои ќе му ја одземат демократската идеја – да биде покриен јавен плоштад. Врати кои ќе ја укинат другата генеричка идеја – ГТЦ да биде современа интерпретација на Старата Чаршија. Да биде улица која претставува јавен простор, со полујавни дуќани покрај улицата.

ГТЦ е истовремено и скромен и искрен. Скромен е, затоа што и покрај тоа што е објект кој се простира на најголема површина во Скопје, сепак е речиси незабележлив. Скромен е, затоа што секогаш, и покрај својата големина, тој се прилагодува кон различните делови од градот. Поинаку комуницира со плоштадот, со еден фин гест на отвореност и скали со кои сака повеќе да се спои и претопи со плоштадот. На различен начин комуницира со реката, отвореноста и строгоста го образуваат кејот кој претставува едно од најпријатните места во градот. Влезот од исток со натстрешницата, која постојано пречекува и испраќа посетители и, секако, јужната страна кон Жена парк, каде ГТЦ и паркот се испреплетуваат. Каде зелениот жена парк е ГТЦ и ГТЦ е зелен парк. Тој под земја е целосна инфраструктура на сообраќај за автомобили и автобуси, а терасата најгоре (се надевам дека некогаш повторно ќе стане) отворен плоштад. Скромен е и прилагоден во новиот архитектонски контекст на плоштадот. Искрен е, затоа што тој изгледа онака како што и се однесува. Мермерот на подот, неговата текстура и боја му даваат една скромност и достоинственост. Металните профили со вградени светла на плафонот кријат, но не сокриваат што има под плочата. Белите монтажни плочи лебдат на челичната конструкција, која е и статичко откритие на своето време. Стаклените излози, проектирани да внесат најголемо количество светлина и погледи во дуќаните, без профили, сè уште фасцинираат со својата големина.

ГТЦ е отворен, пријатен и гостољубив. Внимава никого да не исплаши или да дискриминира.

Единствени недостатоци на ГТЦ кои ми пречат се промените кои се правеле низ времето и отстапуваат од оригиналниот дизајн. Затворањето на атриумите со челична конструкција и поликарбонатни плочи ги спречија дождот и снегот да паѓаат внатре, го исушија зеленилото од жардињерите во атриумот и ја избришаа совршената слика на врамено небо во оградите со зеленило. Ми пречи и тоа што рамната тераса на покривот е затворена и непристапна за посетителите, како и тоа што излозите на дуќаните новите сопственици ги прават со стакла во рамки. Единствено новите промени го нагрдуваат. Дури и нашата негрижа кон него – оштетените и непроменети (или заменети со друг тип) мермерни плочи од подот, незаменетите метални профили и светла на плафонот, му даваат поинаков шарм на објектот кој се менува и се бори со времето. Затоа што ГТЦ има совршен дизајн. Дизајн на кој ништо не може да му се додаде или одземе. Затоа, тој е македонскиот iPhone, македонската Barcelona Chair. Проектиран од македонски архитект, изграден од македонски градители. Со елементи од македонската традиција. Со фино препознаени квалитети на македонската архитектура (улички, тремови, чардаци, чаршија) и ставени во функција на неговата намена.

Според проф. Гоце Аџи Митревски, „ГТЦ е, навистина, 'Архитектура на град', еден покриен 'плоштад', можеби би се сетил на една античка Агора, и секако, на Чаршија!“. ГТЦ е македонскиот придонес во светската култура. Можеме да кажеме „гостољубив“, „пријатен“, „отворен“, „мирен“, „скромен“, „искрен“ – и сето тоа ќе се однесува и на македонскиот народ и на ГТЦ. Оној од кого и за кого е овој објект. И затоа, ГТЦ е наше културно наследство. Нашиот придонес кон светската архитектура и култура.

ГТЦ е објект-личност. Личност која живее и комуницира со светот. Личност за која користиме зборови како „тој“, „него“, „искрен“, „скромен“, „комуницира“, „отворен“, а притоа да не мислиме само на неговите архитектонски атрибути. Многу ретки се архитектонските објекти кои се личности. Уште помалку се оние кои се добри личности. На ист начин како што и градот Скопје е личност, отворена и пријатна, со бурно минато, која секогаш има да раскаже приказна од минатото. Таква личност е и ГТЦ, прекрасна личност. Нека си остане таква.

Авторот е архитект

Извор: gosakamgtc.mk
Слики: Кома

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори / Филм
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото