Дебакл на претседателот

09.06.2015 13:03
Дебакл на претседателот

Турските гласачи одлучија демократски: постојат двајца недвосмислени губитници и една партија која доби. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и неговата партија која ја поддржуваше со својата сила, религиозно-конзервативната АКП, спаѓаат во губитниците. А курдската партија ХДП (Halkların Demokratik Partisi, Демократска партија на народот) прв пат го премина цензусот од десет проценти и заслужено влезе во Големото народно собрание во Анкара.

За Ердоган таквиот резултат е всушност вистински дебакл. Тој стави сè на една карта, со намера да ја претвори Турција во президијална република. Кршејќи ја обврската за неутралност на претседателот на државата, со недели крстареше низ земјата и агитираше за АКП. Истовремено, не се воздржуваше да ги изложи противничките политичари и партии на најтешки вербални напади, па и да ги оцрнува. Гласачите, освен тоа, го казнија и него и неговиот наследник на местото партиски шеф, Ахмет Давутоглу, за злоупотреба на верата во политички цели.

АКП во 2002 под Ердоган прв пат победи со 34% гласови, пред четири години за оваа партија гласаа речиси 50%, а пред една година Ердоган на првите претседателски избори каде граѓаните директно бираа претседател, освои 52% од гласовите. Сега мора да се задоволи со 40%. Ердоган посакуваше двотретинско мнозинство кое би му овозможило сам да менува уставни одредби. Тоа ќе остане утопија. Јасното губење на апсолутното мнозинство ќе ја присили АКП на коалиција, зашто инаку партијата би морала да оди во опозиција, па судбината ќе ѝ биде неизвесна. Последниве две децении силните владејачки партии во Турција сосема беа маргинализирани откако нивниот шеф стануваше претседател на државата.

Гласовите позајмени на курдската партија ХДП

Курдската партија ХДП сега не би смеела, понесена од успехот, да ја прецени својата сила. Во спротивно, на следните можни вонредни парламентарни избори уште на есен би можела да стане вонпарламентарна опција. Двајцата ко-претседатели на партијата, Селахатин Демиртас и Фиген Јиксекдаг, мораат да имаат на ум дека гласови им „позајмија“ многу традиционални гласачи на другите партии, па и на владејачката АКП. Имено, во сите општествени слоеви владееше голем отпор кон планот на Ердоган да ја зацементира својата моќ со уставни промени и да ја оддалечи Турција од плуралистичката демократија.

ХДП мора да докаже дека е демократска партија на сите турски народи, како што кажува и нејзиното име. Мора да ги убеди гласачите дека не е политичко крило на милитантната курдска организација ПКК. Во војната помеѓу ПКК и турската држава од 1984 загинаа 40.000 луѓе. Затоа десните и левите турски националисти гледаат можност да ја потиснат ХДП од парламентот. Крајните десничари од партијата МХП тешко го поднесуваат фактот дека ХДП освои речиси исто толку гласови колку и тие. За курдската партија би било фатално со политичко тактизирање да се обиде да издејствува пуштање на слобода на шефот на ПКК Абдула Оџалан, кој е во затвор веќе 16 години.

Колку и да е горчлива пилулата која сега Ердоган мора да ја голтне, толку би било опасно досегашната опозиција да ја прецени својата сила. Таа профитираше од ароганцијата на Ердоган и неговата партија, на кои овој пат гласачите им одржаа лекција.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

Свет

ОкоБоли главаВицФото