Без реформација на исламот, молам

11.06.2015 08:44
Без реформација на исламот, молам

Последниве месеци повторно слушаме за реформи на исламот, религија стара 14.00 години. „Потребна е муслиманска реформација“, објавува Newsweek. „На исламот му е потребна реформа одвнатре“, објаснува Хафингтон Пост. После јануарскиот масакр во Париз, и Фајненшл Тајмс се приклони на општиот став дека секуларниот претседател на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси „би можел да ја одигра улогата на Мартин Лутер во муслиманскиот свет“. (Тоа нема да биде лесно зашто Сиси, според Human Rights Watch одобрил „смртоносни напади со предумисла“ на невооружените демонстранти кои се опишуваат како „злосторства против човештвото“.)

Тука е и Ајан Хирси Али, авторка со потекло од Сомалија, атеистка и поранешна муслиманка, која ја објави книгата „Еретик: зошто на исламот му е потребна реформација“. Во честите интервјуа на телевизија и во весници, таа ги повикува сите муслимани, либерални и конзервативни, да ги напуштат своите темелни верски принципи и да го поддржат муслиманскиот Лутер. Како тие ќе одговорат на тој повик од жена која ја опишува нивната вера како „деструктивен, нихилистички култ кон смртта“ која треба „да се уништи“ и која Бенјамин Нетанјаху ја предлага за Нобелова награда за мир, е сосема друго прашање.

Овој наратив не е нов. Колумнистот на Њујорк Тајмс Томас Фрридман повика на исламска реформација уште во 2002 година. Американските професори Чарлс Курзер и Мајкл Броерс ги открија зачетоците на оваа „реформаторска аналогија“ уште на почетокот на XX век и забележаа дека „конзервативните новинари и либералните интелектуалци се тркале во потрага по муслимански лутеровци“.

Создадена е атмосфера во која секој што е против насилниот екстремизам и сака да ја спаси душата на исламот, а особено веќе еднаш да ги реши проблемите на заостанатиот Блиски Исток, треба да го поддржи овој процес. Често се слуша аргументот дека и христијанството имало своја реформација, после која дошле просветителството, секуларизмот, либерализмот и модерната европска демократија. Зошто и исламот не би одел по истиот пат? Дали за тоа му е потребна помош од запад?

Но, реформацијата на исламот по христијанскиот пример е невозможна. Ајде да размислиме за „муслиманскиот Лутер“. Лутер во 1517 не само што ги заковал своите 95 тези на вратата на црквата во Витенберг осудувајќи ги злоупотребите на католичката црква. Тој исто така побрал „да се убијат“ германските селани кои се бунеле против феудалните господари, споредувајќи ги со „бесни кучиња“, а во 1543 го напишал списот „За Евреите и нивните лаги“, во кој ги нарекува Евреите „ѓаволски народ“ и повикува на палење на нивните куќи и синагоги. Како што американскиот социолог и стручњак за холокаустот Роналд Бергер забележува, Лутер одиграл значајна улога во воспоставувањето на антисемитизмот како „клучен дел од германската култура и идентитет“. Тешко дека би можеле да го земеме него како идеален пример за реформа и модернитет за муслиманите во 2015 година.

Една од последиците на протестантската реформација била и огромното крвопролевање кое го зафатило целиот европски континент. Дали ги заборавивме француските верски војни? Или англиската граѓанска војна? Во Европа тогаш се убиени десетици милиони невини луѓе. Се проценува дека само во Германија во текот на триесетгодишната војна се убиени 40% од нејзиното население. Дали навистина им го посакуваме ова на муслиманските општества, веќе доволно разорени од секташки судири, странски окупации и горчливото наследство од колонијализмот - сè во име на реформите, напредокот и либерализмот?

Исламот не е христијанство. Помеѓу овие две религии нема директни аналогии и длабоко е погрешно, да не речам срамно, да се тврди спротивното, то ест да се наметнува прикладното евроцентристичко сфаќање на историјата на многу различни мнозински муслимански земји во Азија и Африка. Секоја религија има своја традиција и списи и следбениците на сите религии минуваат низ специфични геополитички и социо-економски процеси. Исламската и христијанската теологија припаѓаат на различни светови. Исламот никогаш немал свештеничка класа која, како христијанскиот клер на папата, се покорувала на врховниот поглавар поставен од бога. Против кого тогаш е насочена „исламската реформација“? На чија врата ќе се заковаат 95 фатви?

Исламот веќе имал некој вид реформација во процесот на наводно „прочистување“ од натрупаните културолошки наслаги. Но, последицата од неа не била толерантна, плуралистичка, мултиконфесионална утопија - Скандинавија на Еуфрат. Наместо тоа, го добивме кралството Саудиска Арабија.

Мухамед Ибн Абдул Вахаб, патувачкиот проповедник од XVIII век кој се здружил со куќата на Сауд, ја понудил својата реформа: соголен ислам, исчистен од новините, кој ги отфрла вековите учење и авторитет на традиционалните улеми, то ест верските власти. Ако некој бил муслимански Лутер, тогаш тоа е Ибн Абдул Вахаб, кој, како што велат неговите критичари, ги споил Лутеровиот пуританизам со неговиот антисемитизам. Контроверзниот однос на Ибн Абдул Вахаб кон муслиманската теологија, пишува неговиот биограф Мајкл Крафорд „го навел да го осуди исламот на своето време“, поради што бил прогласен за еретик и отфрлен од своето семејство.

Немојте погрешно да ме разберте. Секако дека на муслиманскиот свет кој е во политичка, социо-економска и верска криза му се потребни реформи. Муслиманите ќе мораат да се потсетат на своето наследство од плурализам, толеранција и меѓусебно почитување - отелотворено во писмото на Пророкот до монасите од манастирот Света Катарина или во „convivencia“ (соживот) во средновековна муслиманска Шпанија.

Она што не им е потребно се повиците на исламска реформација од поранешни муслимани или немуслимани, површни коментатори склони кон а-историски или анти-историски пристап, кои сложената дебата за насилниот екстремизам ја сведуваат на серија клишеа, слогани и фрази, наместо да ги испитаат историските причини за оваа појава. Полесно е да се промовираат екстремните и закоравени критичари на исламот отколку умерените претставници на муслиманските стручњаци и активисти.

Хирси Али така беше почестена со низа пофалби и лесни прашања во текот на серијата интервјуа во американските медиуми, од Њујорк Тајмс до Фокс Њуз. („Хероина на нашето време“ е насловот на текстот за неа во Политико). Само комичарот и водител на „Дејли Шоу“ Џон Стјуарт забележа дека нејзиниот реформаторски западен пример тежнее кон „прочистен облик на христијанство“ кој предизвикал „векови насилство и разорувања“.

Со извинување до Лутер, но ако некој му го посакува тоа на денешниот ислам, тогаш тоа е лидерот на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади, кој тврди дека силува и ограбува во име на „чистиот облик“ на исламот - и кој, патем, не е преголем обожавател на Евреите. Нека оние кои лесно и без размислување повикуваат на исламска реформација се запрашаат дали навистина сакаат да ја добијат.

Mehdi Hassan, The Guardian, 17.05.2015.