Светла иднина (Лето)

18.06.2015 14:11
Светла иднина (Лето)

(продолжение на текстот „Пролет“)

 

Дали се дејствува доволно конструктивно?

Се прашувам дали веќе се исцрпија сите конструктивни методи и средства, дали се екстрахира внатрешна кохезија на отпорот во Идеал, дали доволно се работи на градење здраво ткиво, па евентуално радикалното дејствување да се прифати како логичен следен чекор, за да изврши дополнителен притисок на исходот во преговорите?

На пример, зашто албанското движење Беса не ја искористи истата бина од пред Владата како место за обраќање пред јавноста? Мислам дека ако го побараа тоа, сите што кампуваат пред Владата со задоволство ќе им ја отстапеа. Па нели и едните и другите се за оставка на Груевски и Ахмети?

Но, тогаш, во тој ексклузивно албански протест ќе мораше да се направи еден „широк гест“ и барем едно македонско знаме да се врзe со албанското!

Многу бавно се преземаат чекори за обединување! Зошто? Имаме ли уште време за чекање? Каде и зошто се закочуваме? (Заради ирационалните стравови, ропскиот менталитет и предрасудите? Заради незнаењето, недоволното и несоодветно образование кое од нас креира не индивидуи со отворен ум туку полтрони и поданици на лажни авторитети?) Бидејќи, акции кои разединуваат сега нè движат во негативна насока и се во корист само на силите на кои им се спротивставуваме.

Неспорно е дека сите страни (во отпорот) мораат да вложат голем дополнителен напор за да ја надминеме тесноградоста и во следната етапа, во т.н. второ полувреме, да се обединиме во ПОВИСОК ИДЕАЛ.

Почнаа да се објавуваат аудио снимките кои се однесуваат на политичарите од албанските партии. Ќе се објават и снимките со кои ќе се расветли вистината за убиствата во случајот „Монструм“ и другите судски неправди. Мислите дека кога ќе се објават тие докази, наеднаш ќе има пресврт во албанскиот блок? Ајде да видиме!

Или граѓаните од движењето #Протестирам ќе протестираат по едни улици различни од тие на коалицијата Граѓаните за Македонија, а Албанците од Беса по трети маршрути? Ќе се спојат, ако се сретнат, случајно? Па луѓе мои, жртвувајте го егото за повисока, заедничка цел!

Албанските интелектуалци, докажани како присебни и рационални во најбезизлезните ситуации, знаат дека јакнењето на национализмот (како процес на индивидуација со движење кон внатре, згуснување на сопственото јадро, затоа себеодвојување и отцепување од другото) не е пожелна појава во ова време. Сега движењето е кон надвор, здружување во космополитизам.

Сите ние, граѓаните на оваа земја, сега сме притиснати до ѕид, немаме простор за друго маневрирање освен прогресивно здружување. Сега сме пред големо искушение: или ќе се воздигнеме културолошки, ќе ја кренеме свеста, критичната маса, или паѓаме во уште подлабок амбис!

Од друга страна, слободното чекорење под црвено-црните знамиња имаше тераписки ефект, бидејќи потиснатата неправда напластувала гнев и револт во НИВ исто како и во НАС. Веројатно, мораше тоа така да се случи. Но, зошто се ограничија на тесен простор, зошто си ставаат капак кој им го сокрива небото, просторот кој вистински ослободува?

(Патем да кажам, црвено-црните комбинации на бои не ослободуваат.

Ослободува небеско сината боја, ослободува и длабоко сината боја. Ослободува белата боја. Дури, би рекла, сите други комбинации на бои се подобри (за ослободување) од (оваа) комбинација со црната. Ако македонските Албанци прифатат бел орел на црвена позадина, тој ќе ги ослободува. Воедно тој симбол ќе се разликува од симболот на државата Албанија. Или тие се „исто“, „едно“ со Албанците во Албанија и Косово?)


ВМРО и ДПМНЕ исто така историски се врзани за оваа комбинација на бои. Тие, пак, се опседнати со идејата дека токму тие се СУДБИНАТА на македонскиот народ и Македонија, тие го претставуваат фаталниот историски континуитет на нацијата. Повторно ексклузивитет, изразит нагон да се исклучува другото, „не нивното“. И верност (кон таа комбинација на бои) „до смрт“. Еднострана, парцијална, црвено-црна перцепција на стварноста. Црвено-црната комбинација тишти оти извира од нашето несреќно минато, а црвено-белата е спој кој стимулира напредок! (пример е Полска, земјата во која е силен пробивот на напредните, духовни сили). Симболите (боите) како што се израз на одреден ментален склоп кој се формирал во подолг временски период така и може силно да влијаат тој да се промени.

Уметниците преку симболите се обидуваат да интервенираат да се демифистицираат обрасците на наследени навики кои изгледаат длабоко всадени и проклето непроменливи. Таа привилегирана позиција на уметникот пак ќе ја искористам сега за да изложам уште еден смел предлог. Еве во што се состои мојот предлог: бидејќи студентите пленумци се вистинските прогресивни сили денес во Македонија, со натпартиски, надетнички, наднационални, надидеолошки, надрелигиски мотиви во својот активизам, предлагам нивната кауза да биде столб во обединувањето на сите страни на отпорот во следната фаза, во „второто полувреме“. Уште повеќе, бидејќи тие млади сили имаат отворен, проникнувачки и бистар ум и ретка способност да го разлачат битното од небитното! Овој предлог најмогу е поддржан и од фактот дека се ослободени од балканските стереотипи, што е суштински услов за надминување на нашата криза!

Затоа се препорачува ние повозрасните да ги жртвуваме нашите суети, предрасуди и апетити и да се заложиме за слоганот „Нивна е иднината, ќе направиме сè таа да биде светла…“

Во меѓувреме, исто така предлагам, да ја исчистиме земјата од шутот и ѓубрето во кои сме затрупани, да го подобриме квалитетот на воздухот за дишење, да развиеме сочувство и емпатија посебно кон луѓето кои имаат мака, да не го тероризираме мирољубивото население во Куманово, да не малтретираме луѓе кои се во неповолна положба и да не се изживуваме врз нивната несреќа. Откако ќе ги развиеме овие чувства и особини, значи откако ќе развиеме грижа за општото добро, грижа за другиот и за нашата заедничка земја, тогаш ќе дојде на ред „склучување нов договор“, што и да значи тоа. Можеби и академиците ќе ја објават толку очекуваната повеќеслоевита студија во и со која од разни аналитички агли и гледишта ќе се разбијат сите недоразбирања околу комплексните и сеопфатни категории како ИДЕНТИТЕТ и НАЦИЈА.

До тогаш, предлагам позитивните сили (во секој од нас) да нè водат прво да се извлечеме од калта во која се валкаме заради себичноста, нехуманоста и криминалот.
Дури потоа, сè друго по ред.

Мислам на СВЕТЛА ИДНИНА, УБАВИНА и така натаму.

Цртежи со етно мотиви, Татјана Миљовска, 2014.

ОкоБоли главаВицФото