1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
„Ние сме сосема нов тип жени“
Отсекогаш се подразбираше дека Ана и Ричард не се поднесуваат. И порано Ана секогаш си заминувала кога требало да дојде Ричард. Сега Моли рече: „Јас мислам дека ти всушност мошне му се допаѓаш. Работата е во тоа што тој себе се обврзал дека јас му се свиѓам, од принцип ‒ тој е таква будала што секогаш мора некого да сака или мрази, а целата омраза што ја чувствува кон мене, тој не сака да ја признае, туку ја префрлува кон тебе.“
„Тоа е прекрасно“, рече Ана. „Но, знаеш што? Имам забележано дека, кога ти не си тука, луѓето речиси по правило ме мешаат мене со тебе.“
„Ти само тоа си го сфатила?“, рече Моли, ликувајќи како секогаш кога Ана би изнесувала ‒ барем според Моли ‒ факти сами по себе јасни.
Во овој однос рамнотежата одамна беше нарушена: Моли беше неспоредливо поснаодлива во светот од Ана, која, од своја страна, ја имаше супериорноста на талентот.
Ана држеше до своите лични погледи. Сега се насмеа, признавајќи дека ова бавно го сконтала.
„Чудно е“, рече Моли, „како сме различни во секој поглед. Претпоставувам дека тоа е така оти обете живееме на ист начин ‒ не се мажиме и не го правиме сето она што оди со тоа. А другите само тоа го гледаат.“
„Слободни жени“, рече Ана кисело. Па додаде со сосема нов тон на лутење, поради кој Моли уште еднаш прашално ја погледна: „Тие секогаш нè одредуваат според нашите врски со мажите, дури и најдобрите од нив тоа го прават.“
„Ха, па и ние тоа го правиме, зарем не?“, рече Моли сосема зајадливо. „Бидејќи е мошне тешко да се постапува поинаку“, брзо се дополни, реагирајќи на изненадениот поглед на Ана. Настана куса пауза, во текот на која обете жени не се гледаа туку секоја размислуваше дека една година раздвоеност е мошне долг период, дури и кога станува збор за старо пријателство.
На крајот Моли, воздивнувајќи, рече: „Слободни жени. Знаеш ли дека, додека бев далеку, размислував за нас и дојдов до заклучок дека ние сме сосема нов тип жени. Белки мора да биде така?“
„Ме интересира да слушнам како ти гледаш на тие работи“
Моли прва прекина и нестрпливо рече: „По ѓаволите, Ричард, зошто зборуваш ко будала? Не правиш ништо друго освен што се сожалуваш самиот себе бидејќи Мерион ти е Ахилова петица, па уште ме прашуваш зошто одам толку далеку?“ Таа потоа го впери прстот во него и, смртно сериозна, со обвинувачки глас, рече: „Кога Мерион замина на породување?“
„Има тринаесет години“, тажно рече Ричард.
„А ти тогаш дојде право кај мене. Мислеше дека веднаш ќе легнам во кревет со тебе, дури и ти беше повредена машката гордост бидејќи не го сакав тоа. Се сеќаваш? Ние слободните жени знаеме дека, штом сопругите на нашите пријатели заминат на пораѓање, веднаш драгите Том и Дик и Хари доаѓаат право кај нас; тие секогаш сакаат да спијат со некоја од пријателките на жената, само господ знае зошто, тоа е чуден психолошки факт, покрај толкуте други, но е факт. Јас тогаш немав никого, но не знам зошто дојде...“
„Како ти знаеш дека сум одел каде било?“
„Бидејќи и Мерион тоа го знае. Баш е штета што таквите работи се разгласуваат. И од тогаш имаше успех кај девојките, а Мерион знаеше за сите нив, оти ти мораш да ги исповедаш своите гревови. Сето тоа не би било доволно забавно кога ти не би ѝ се исповедал, зарем не?“
Ричард направи движење како да ќе стане и замине ‒ Ана пак виде дека му треперат бутините. Но, тој ја промени одлуката и остана да седи. Устата ја напрчи во загадочна насмевка. Изгледаше како човек кој решил да се смешка додека го камшикуваат.
„Во меѓувреме Мерион одгледа три деца. Беше мошне несреќна. Од време на време ти би ѝ зборувал дека можеби не би било лошо да си најде љубовник ‒ работите малку да се изедначат. Дури и ѝ зборуваше дека е типична жена од средната класа, дека е толку конвенционална...“ Моли тука застана потсмевнувајќи му се на Ричард. „Ти стварно си надуен малецок лицемер“, рече таа со речиси пријателски глас. Пријателски, со одредена доза презир. И одново Ричард нелагодно ги помрдна своите нозе и рече како хипнотизиран: „Продолжи.“ Потоа, сфаќајќи дека тоа од него и го очекуваа, жустро рече: „Ме интересира да слушнам како ти гледаш на тие работи.“
Одбиваше да му помогне
Одбиваше да му помогне, не само зашто не го сакаше, туку затоа што не се сакаше ни себе ‒ бидејќи седи тука и студено, критичарски суди за него, додека тој изгледа толку несреќно. И понатаму таа седеше на прозорската даска и пушеше.
„Мене ми е страв да не бидам осамена во она што го чувствувам“
Сега, додека седи и разговара со Моли, како што тоа го правеле стотици пати, Ана си зборуваше самата на себе: Зошто секогаш ја имам таа страшна потреба да ги наведувам другите да ги гледаат работите онакви какви што јас ги гледам? Тоа е детинесто, зошто тие тоа би морале да го прават? На крајот сè се сведува на фактот дека мене ми е страв да не бидам осамена во она што го чувствувам.
Сексуалноста на жената зависи од мажот
Тогаш таа согледува дека паѓа во лага за себеси, за жените, и дека треба да се држи до следново сознание: кога беше со Пол, ја чувствуваше само онаа сексуална глад која тој ја поттикнуваше; кога беа раздвоени неколку дена, желбата ѝ се успиваше, сè додека тој не би се вратил; нејзината сегашна разуздана сексуална глад не е поради сексот, туку поради емотивната глад по живот. Кога повторно ќе засака некој маж, ќе се врати во нормалната состојба ‒ односно, ќе стане жена чија сексуалност како плима и осека ја следи неговата. Сексуалноста на жената зависи од мажот, ако е тој вистински маж; тој тогаш нејзе, во одредена смисла, ја успива, така што и не размислува за секс.
Американските жени
Почнувам да ја препознавам таа особина кај американските жени ‒ способност и сигурност на површина. А под неа, несигурност. Нервозно и исплашено гледаат во своите рамења. Се плашат. Изгледаат како да излегле во космос, правејќи се дека не се сами. Имаат израз на осамени, изолирани луѓе, кои се преправаат дека не се изолирани. Ме плашат.
(продолжува)
Фотографии: Nan Goldin
Избор и превод: П. В.