Дали те повредив? (Златната бележница 4)

15.08.2015 10:39
Дали те повредив?  (Златната бележница 4)


„Нашата голема љубов се ближи кон крајот, така?“

Синоќа Мајкл рече (го немав видено една недела): „Значи, Ана, нашата голема љубов се ближи кон крајот, така?“ Оваа прашална интонација е карактеристична за него ‒ тој ја привршува врската, но зборува како јас тоа да го правам. Се насмеав и, против своја волја, иронично реков: „Добро, барем признаваш дека тоа беше голема љубов“. Потоа тој рече: „Ана, ти измислуваш приказни за животот и си ги раскажуваш самата, така што не знаеш што е вистина, а што не е“. „Значи, немавме голема љубов?“ Ова го реков во еден здив, молежливо, иако не сакав така. Осетив ужасна тескоба и студенило во неговите зборови, како да го порекнува моето постоење. Зајадливо рече: „Добро, ако ти така велиш, тогаш беше голема. Ако кажеш не, тогаш не била“. „Значи, она што ти го чувствуваш не се смета?“ „Она што јас го чувствувам? Но, Ана, зошто јас би се сметал?“ (Го рече тоа огорчено и подбивно, но со љубов.) Подоцна се борев со чувството кое секогаш ми доаѓа после вакви закачки: со чувството на непостоење, како материјата од која сум сочинета да се изветвила и распрснала. Тогаш помислив како е иронично што, поради поправање, морам да се послужам токму со онаа Ана која на Мајкл му е најодбивна: Ана која критикува и размислува. Добро; тој вели дека за нашиот заеднички живот измислувам приказни. Ќе ги напишам, највистинито што можам, сите периоди на еден ден. На утрешниот ден. И кога ќе помине утрешниот ден, ќе седнам и ќе запишам сè.

„Тогаш околу себе го гледам виорот...“

Заминувам да видам дали Џенет спие ‒ знам дека спие, но морам да погледнам. Тогаш околу себе го гледам виорот, ужасниот хаос на мракот, кој чека да се пресели во мене. Морам брзо на спиење, пред да станам тој хаос. Треперам од јад и умор. Сипам голема чаша вино, до врв, ја испивам набрзина. Заминувам во кревет. Во главата ми се врти од виното. Утре, утре ќе се однесувам одговорно, ќе се соочам со иднината, ќе ја одбијам улогата на бедница. Полека паѓам во сон, но пред да заспијам, се слушам себе како плачам, како плачам во сон, овојпат од болка, без ималку уживање.

Дали те повредив?

Тој рече: „Ана, баш ми падна на ум ‒ сигурно не можам да бидам толку лош ако можам да замислам каков човек би требало да биде, како би требало да сака, стварно да се грижи за другиот... ако имам некој план за иднината, зарем не?“

Зборовиве стварно ме трогнаа, оти ми се чини дека пола од она што го работиме или се обидуваме да бидеме има врска со плановите за иднината што се обидуваме да ја замислиме; така се заврши нашиот разговор, божем другарски.

Но јас седев, опкружена со некаков вид студена магла, и размислував што им се случило на мажите кога тие на овој начин почнуваат да разговараат со жените? Нелсон веќе цела недела ме вовлекува во себе ‒ ги користеше целиот свој шарм, топлината, искуството со други жени, посебно кога бев бесна, или кога ќе знаеше дека рекол нешто од што ќе се исплашев. И потоа лежерно ќе се свртеше и ќе прашаше: Дали те повредив? Мене тоа тогаш ми изгледаше како поништување на сè што мажот е и, кога ќе размислував што значи тоа, чувствував мачнина и изгубеност (како да сум некаде во студена магла), стварите ги губеа значењата, дури и зборовите што ги користам се истенчуваа, стануваа како одгласи, пародија на значење.

Дури после тој период ‒ кога ме повика и праша: Дали те повредив? ‒ повторно го сонував сонот кој го препознав под името радост на уништувањето. Сонот се состоеше од мојот телефонски разговор со Нелсон. Сепак, тој седеше во истата соба. Однадвор изгледаше како одговорен, чувствителен маж. Но кога проговори, насмевката му се промени и јас ја препознав ненадејната немотивирана пакост. Осетив како нож ми се забодува во месото, меѓу ребрата, остриците на ножот стругаа по коските. Не можев да зборувам, бидејќи опасноста, разорувањето, потекнуваше од блиска личност, од некого што ми се допаѓа. Потоа проговорив во слушалката и осетив како лицето ми се развлекува во насмевка, насмевка на весела пакост. Направив дури и неколку танцови чекори, главата ми се стресе, наликував на крута кукла во танц на оживеана вазна. Се сеќавам како размислував во сонот: Сега сум вазна што оживеала; потоа ќе станам старо џуџе; потоа згрбавена старица. Потоа што? Тогаш во увото ми светна гласот на Нелсон: Вештица, па млада вештица. Се разбудив, во ушите ми одекнуваа зборовите, со пакосно ликување. „Вештица, па млада вештица!“

Бев многу потресена. Мошне бев зависна од личноста на мајката на Џенет. Постојано се прашувам ‒ како тоа, колку и да сум нервозна, исцрпена, мртва, кога ќе се вратам во станот, за Џенет секогаш можам да бидам сталожена, одговорна, жива?

Од тогаш тоа не го сонував. Пред два дена кај Моли запознав еден маж. Од Цејлон. Се обиде да ми се додворува, а јас го одбив. Се плашев од уште една грешка, дека ќе бидам отфрлена. Сега ми е срам. Станувам кукавица. Исплашена сум зашто првото на што помислувам кога ќе ми пријде маж со сексуални намери, е да избегам, каде било, што подалеку од болката.

„Водам живот каков што жените пред мене никогаш немале“

На лицето веќе ѝ се раѓаше ситна насмевка ‒ тоа беше „насмевка на наведувањето“ за време на нашите разговори, и повторно бевме во улогите на психоаналитичар и пациент.

Реков: „Не, немојте да се смеете. Јас верувам дека водам живот каков што жените пред мене никогаш немале.“

„Никогаш?“, рече таа, а низ нејзиниот глас ги слушав звуците кои во нејзе секогаш се будеа во такви моменти ‒ море кое заплискува стари брегови, гласови на луѓе мртви со векови. Имаше способност со насмевка или со тонот на гласот да го разбуди чувството за огромни временски пространства, што ме восхитуваше, одмораше, исполнуваше со радост ‒ иако тоа не го сакав во тој момент.

„Никогаш“, реков.
„Деталите се менуваат, но формата останува иста“, рече таа.
„Не“, бев упорна.

„На кој начин вие сте различни? Сакате да речете дека порано немало жени уметници? Дека немало жени кои не зависеле од никого? Дека немало жени кои инсистирале на сексуалната слобода? Ви велам, зад вас во минатото се протега долга редица жени и вие морате да ги побарате во себе, да бидете свесни за нив.“

„Тие не се набљудувале себеси како што јас тоа го правам. Не го чувствувале она што јас го чувствувам. И како би можеле? Не сакам да ми кажат, кога ќе се разбудам, исплашена од ноќните мори со заканата од тотално уништување со хидрогенска бомба, дека истото чувство кај луѓето го предизвикувал самострелот. Тоа не е точно. Во светот има нешто ново. А јас не сакам да слушнам ‒ после средбата со некој могул од филмската индустрија кој има моќ над умовите на луѓето како ниеден цар пред него, кога дома ќе се вратам целата згазена ‒ дека и Сапфо исто се чувствувала после средбата со некој трговец со вино. И не сакам да ми кажат, кога ненадејно ќе ме обземе визија на живот (а Господ ми е сведок дека тоа тешко го постигнувам) кој не е исполнет со омраза и страв, со завист и деноноќен натпревар, дека е тоа само прастар сон од златното доба, пренесен во модерно време...“

„Зарем не е?“, запраша таа, насмеана.
„Не е, зашто сонот од златното доба е милион пати посилен оти е можен, баш како што е можно потполното уништување. Веројатно затоа што е можно и едното, и другото.“
„Што тогаш сакате да ви речам?“
„Би сакала во себе да го раздвојам она што е старо и циклично, митот и историјата која се повторува од она што е ново, што чувствувам и мислам дека е ново...“ Го видов изразот на нејзиното лице и реков: „Вие мислите дека ништо што чувствувам или размислувам не е ново?“
„Никогаш не сум рекла...“, заусти таа, а потоа се префрли на кралското ние, „никогаш не сме рекле, ниту навеле на помислата дека развојот на човечката раса не е можен. Не ме обвинувате, белки, за тоа? Бидејќи јас работите ги гледам токму спротивно од тоа.“
„Ве обвинувам бидејќи се однесувавте како во тоа да не верувате. Видете, попладнево да ви речев: Сношти на забавата запознав еден маж и во него препознав волк, или витез, или монах, вие ќе кимневте со главата и ќе се насмеевте. Обете ќе ја осетевме радоста на препознавањето. Но да речев: Сношти на забавата запознав еден маж и кога тој одеднаш нешто рече, си помислив, да, тука има навестување на нешто, има во неговата личност некоја пукнатина, како во напрсната брана, низ која иднината би можела да бувне во разни форми ‒ можеби ужасни, можеби блескави, во секој случај, нови ‒ тоа да го кажам, вие би се намуртиле.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Фотографии: Nan Goldin
Избор и превод: П. В.