Масовно ширење на депресија поради отсуството на ГДОМ од јавната сцена

01.10.2015 13:33
Масовно ширење на депресија поради отсуството на ГДОМ од јавната сцена

Скопје, 1 октомври 2015

Сè повеќе македонски граѓани бараат помош од психолог, психијатар или бајач, а некои се обидуваат без рецепт, на своја рака, да набават антидепресиви за да се справат со депресијата која ги зафатила по исчезнувањето на ГДОМ од јавната сцена.

Само во текот на септември поради празнината што ја остави ГДОМ во културно-забавниот живот на македонските граѓани, лекарска помош побарале 1.038 лица, соопштуваат од Министерството за здравство. Но, експертите стравуваат дека вистинскиот број на граѓани депримирани поради отсуството на ГДОМ е далеку поголем.

„Дел од пациентите се жалат дека им е здодевно без жестоките патриотски говори кои ги смееле до солзи, додека други се чувствуваат загрозени и уплашени пред наездата на странските служби од кои требало да ги брани Граѓанското движење за одбрана на Македонија“, вели д-р Веселко Улавчев од Клиниката за психијатрија „Античка Македонија“.

Тој предлага повеќе решенија кои можат да се реализираат исклучиво во согласност со членовите на ГДОМ и владата.

„Наглото прекинување на следењето на настапите на ГДОМ може да доведе до страшни последици. Затоа, сметам дека тие треба да продолжат со своите трибини и јавни дебати, а потоа постепено да ги оретчат пред сосема да престанат со нив. Така, нашите пациенти ќе имаат доволно време да се одвикнат и да си најдат други содржини кои ќе ги забавуваат и смеат, а тие бездруго постојат“, вели доктор Улавчев.

 

Тој додава дека за пациентите кои се плашат од наездата на странски служби е потребна помош од владата, која внимателно ќе им објасни дека ГДОМ е нејзин проект, а приказната за странските служби не треба да биде сфатена сериозно.

Новинарите на Пара вести се обидоа да стапат во контакт со повеќе членови на славното движење за одбрана на Македонија и да дознаат на што се должи прекинот на нивните активности, но без успех.

Нашите извори блиски до ГДОМ имаат различни верзии за престанокот на нивниот ангажман во јавноста. Според едни, ГДОМ-овци сметаат дека успешно ја одбраниле Македонија, додека други велат дека тие продолжиле да ја бранат татковината, но институционално, преку новите функции што ги добиле благодарение на активноста во ГДОМ.

Парапсихологот што ја опслужува редакцијата на Пара вести препорача дека депресивците што жалат по ГДОМ, повремено можат да се развеселат со некои парчиња од трибините на движењето кои се дотапни на Јутјуб, но да не претеруваат со минутажата, поради можни контраиндикации.

Подолу го приложуваме настапот на бранителот Петар Темелковски во салата „Расадник“ од 9 март 2015, препорачан од нашиот парапсихолог, но нагласуваме дека читателите на Пара вести го гледаат на своја одговорност.

Слики: Странски служби