Она што сите жени го прават, а ти не знаеш

04.12.2015 03:09
Она што сите жени го прават, а ти не знаеш

Има нешто што се случува секојпат кога зборувам или пишувам за женски работи. Работи како правила за облекување, силувачка култура и сексизам. Добивам коментари: „Нема ли поважни работи за кои би се грижела?“, „Вистина е до толку?“, „Не мислиш дека си претерано чувствителна? Или „Не мислиш дека си неразумна за ова?“.

Буквално секојпат.

И секојпат кога ќе се случи, се фрустрирам. Зошто не разбираат?

Мислам дека сфатив зошто.

Зашто не знаат.

Не знаат за намалување на интензитетот. За минимизирање. За тивко повинување.

Дури и жените го живеат, не сме секогаш свесни за тоа. Но нe сите сме го направиле.

Сите сме научиле, дали по инстинкт или по опит и грешка, да минимизираме ситуација што ни прави да се чувствуваме неудобно. Да избегнеме да разлутиме некој маж или да избегнеме да се ставиме во опасност. Во бројни ситуации, сите сме игнорирале некој навредлив коментар. Сите сме се смееле на некое непристојно пуштање. Сите сме си го голтале гневот кога нè потценувале или нè гледале одозгора.

Не е убаво чувството. Грозно е. Валкано. Но, го правиме, зашто, во спротивно, би се ставале во опасност, би заработиле отказ или би нè означиле како кучки. Така што најчесто го одбираме патот со најмалку несигурности.

Не е нешто за што зборуваме секој ден. Не им кажуваме на нашите дечковци или сопрузи или другарите секојпат кога ќе се случи. Бидејќи толку е често, толку е сеприсутно, што се има претворено во уште нешто со што едноставно треба да се справиме.

Така што можеби не знаат.

Можеби не знаат дека веќе на кревката возраст од 13 мораме да трпиме возрасни мажи да нè гледаат во гради. Можеби не знаат дека имаше мажи на возраст на нашите татковци што ни се пуштаа кога работевме како касиерки. Можеби не знаат дека момчето на часот по англиски што нè прашало да излеземе ни испраќа лути пораки само затоа што сме го одбиле. Можеби не се свесни дека нашиот претпоставен редовно нè плеска по газ. И дека сигурно не знае дека најчесто се смееме, со стиснати заби. Дека гледаме настрана или се правиме дека не забележуваме. Веројатно е дека немаат идеја колку често се случуваат овие работи. Дека се станати рутина. Толку очекувани, што веќе едвај ги забележуваме.

Толку рутински што ги игнорираме и да ги минимизираме.

Без да ги покажеме нашите потиснати гнев, страв и фрустрација. Брза насмевка или пригушено клештење, ќе ни допушти да си продолжиме со денот. Го смалуваме интензитетот. Го минимизираме проблемот. И внатрешно, и надворешно, го минимизираме. Мораме. Кога не би ги отфрлале, би се наоѓале во конфронтација многу почесто отколку што повеќето од нас би сакале.

Учиме да го правиме ова од малечки. Не му даваме име, ниту етикета. Не сме ни помислиле дека другите девојки го правеле истото. Ама самите си се учевме, усовршувајќи ја вештината на смалувањето на интензитетот. Учејќи преку набљудување и брза проценка на ризиците, какви би требало и не би требало да бидат нашите реакции.

Правиме брза ментална проверка на листата. Изгледа избувливо, луто? Има ли други луѓе наоколу? Изгледа ли како да е рационален и како само да се обидува да биде смешен, макар што нема поим? Ако речам нешто, ќе им влијае на моите студии/ мојата работа/ репутација? Во секунди одлучуваме дали ќе кажеме нешто или ќе пуштиме да помине. Дали ќе му одвратиме или ќе се свртиме на другата страна, ќе се насмевнеме учтиво и ќе правиме дека не сме чуле/виделе/почувствувале.

Се случува цело време. И не е секогаш јасно дали ситуацијата е опасна или безопасна.

Кога нашиот шеф прави или вели нешто несоодветно. Кога муштерија го држи нашиот бакшиш надвор од дофат додека не се наведнеме да го гушнеме. Кога другар ни што испил повеќе се обидува да нè притесни во агол за да бидеме „другари со дополнителни права“ иако јасно сме покажале дека не сме заинтересирани. Кога некој тип станува насилен кога ќе одбиеме да излеземе со него. Или да танцуваме со него. Или да се напиеме нешто.

Гледаме како им се случува на нашите другарки. Сме го виделе во толку сценарија и моменти што се има претворено во норма. И не мислиме ништо за тоа. Сè додека не дојде до блиску до тоа да стане опасна ситуација. Сè додека не слушнеме дека тој „другар“ што нè притеснувал во агол бил обвинет за силување следниот ден. Сè додека нашиот шеф не си го исполни ветувањето дека ќе нè бакне за Нова година, кога нè фаќа сами во кујната. Тие случаи се издвојуваат. За нив можеме да зборуваме со нашите другари, нашите дечковци, нашите сопрузи.

А што е со другите случаи? Сите случаи кога сме се чувствувале неудобно или нервозно, но не се случило ништо повеќе? Во тие случаи само си продолжуваме со тоа што сме го правеле и не помислуваме двапати на нив.

Тоа значи да си жена во овој свет.

Смеењето на сексизми, зашто чувствуваме дека немаме друга опција.

Гадењето во стомакот зашто сме морале „да ја прифаќаме играта“ за да помине.

Чувствувањето срам и каењето што не сме му одвратиле на оној тип што изгледал страшно, но што кога ќе размислиме веројатно бил безопасен. Веројатно.

Вадењето на телефонот, со прстот спремен на копчето за јавување, кога се враќаме сами дома навечер.

Сместувањето на клучот меѓу прсти, за во случај да ни затреба оружје, на излегување од кола.

Лажењето и кажувањето дека имаме дечко, само за да прифати некој тип „не“ како одговор.

Стоењето во полн бар/концерт/кој било настан со многу луѓе, и вртењето за да видиш кој бил кретенот што те фатил за газ.

Знаењето дека, иако сме го забележале, веројатно нема да речеме ништо.

Одењето низ паркингот во голем трговски центар и учтивото поздравување, кога тип со кој се разминуваме ни вели „здраво“. Преправањето дека не сме чуле како нè прекорува што не сме застанале да разговараме со него. Што? Многу си важна за да зборуваш со мене? Што ти е ма на тебе? Пффф... Кучка.

Премолчувањето пред другарите, роднините или партнерите на сето ова, зашто е нормално, дел од нашите животи.

Сеќавањето што нè прогонува, на оној пат кога нè злоставиле, кога нè нападнале или нè силувале.

Приказните што ни ги раскажуваат меѓу солзи другарките за оној пат кога ги злоставиле, ги нападнале или ги силувале.

Сфаќањето дека опасностите што ги перципираме секојпат кога треба да се соочиме со една од овие ситуации, не се наши имагинации. Зашто познаваме премногу жени што биле злоставени, нападнати или силувани.

Ми текна скоро дека е можно многу мажи да не се свесни за ова. Чуле за нешта што се случиле, веројатно некогаш ги виделе и се вмешале за да ги сопрат. Но, многу е веројатно дека немаат идеја колку често се случува. Дека одредува многу од она што го кажуваме или го правиме или начинот на кој го правиме.

Можеби е потребно да објасниме подобро. Можеби е потребно ние самите да престанеме да го игнорираме и да му одземаме важност во нашите умови.

Мажите што креваат рамена или што се исклучуваат кога некоја жена зборува за сексизмот во нашата култура? Не се лоши. Едноставно не ја живееле нашата стварност. И ние не зборуваме баш за секојдневни нешта што ги просведочуваме или ги искусуваме. Па, како да знаат?

Можеби добрите мажи во нашите животи немаат идеја дека редовно се справуваме со вакви работи.

Можеби толку ни станало нормално што дури не ни ни текнало дека би требало да им кажеме.

Ми текна дека можеби не знаат до каде има стигнато проблемот и дека не секогаш разбираат дека ова ни е реалноста. Така што не секогаш ме разбираат кога ќе се разжестам за коментар за толку тесниот фустан што го носи некоја девојка. Кога ќе се возбудам за секојдневниот сексизам што го гледам, го сведочам и го искусувам... кога слушам за работи кои ќерка ми и нејзините другарки ги искусуваат... не сфаќаат дека тоа е малечко врвче од многу поголема санта мраз.

Можеби сфаќам дека не може да се чека мажите да разберат колку е сеприсутен секојдневниот сексизам, доколку не почнеме да им кажуваме и да покажуваме кон него кога ќе се случи. Можеби почнувам да сфаќам дека мажите не се свесни дека ние жените мораме да сме на штрек дури и кога влегуваме во продавница. Мораме да сме свесни, потсвесно, за нашето опкружување и за можните закани.

Можеби почнувам да сфаќам дека да го вртиш погледот и да му одземаш важност, нема никому да му помогне.

Го намалуваме интензитетот.

Крајно сме свесни за нашата ранливост. Свесни сме дека ако сака, типот на паркингот би можел да нè совлада и да направи што сака.

Луѓе, тоа значи да си жена.

Сведени сме на сексуален објект дури и пред да разбереме што значи тоа. Стануваме жени додека умовите ни се сè уште невини. Добиваме погледи и коментари пред да смееме да возиме. Од возрасни мажи. Се чувствуваме неудобно, но не знаеме што да правиме, така што си продолжуваме со животот. Уште од малечки, учиме дека да им се спротивставиме на сите ситуации од кои ни се гади веројатно значи да се ставиме себеси во опасност. Свесни сме дека сме помалиот и физички послабиот пол. Дека момчињата и мажите се способни да нè совладаат ако одлучат. И затоа минимизираме и го намалуваме интензитетот.

Така што, следниот пат кога некоја жена ќе зборува за тоа колку ѝ е незгодно што ѝ дофрлаат на улица, не ја игнорирај. Слушај.

Следниот пат кога жена ти ќе се пожали што шефот ја вика „срце“ на работа, не ги собирај рамената апатично. Слушај.

Следниот пат кога ќе прочиташ или ќе чуеш како некоја жена зборува за сексистичкиот говор, не ја презирај. Слушај.

Следниот пат кога девојка ти ќе ти каже дека начинот на кој зборувал некој тип со неа, направил да се чувствува неудобно, не ги кревај рамената. Слушај.

Слушај, зашто твојата реалност не е иста како нејзината.

Слушај, зашто нејзините грижи се валидни, а не претерани или напумпани.

Слушај зашто реалноста е дека таа или некој што го познава, лично во некој момент бил злоставен, нападнат или силуван. И знае дека секогаш постои опасноста да ѝ се случи нејзе.

Слушај зашто дури и прост коментар од некој непознат ја стресува од страв.

Слушај зашто можеби се обидува нејзиното искуство да не биде искуството на нејзините ќерки.

Слушај, зашто нема лошо не може да излезе од слушањето.

Само слушај.

 

Извор: Huffington Post
Превод: Фросина Стојковска
Фотографии: Мелкор Боканегра

ОкоБоли главаВицФото