Бронзениот Аце и скаменетиот Самоил

17.12.2015 11:03
Бронзениот Аце и скаменетиот Самоил

Седел така Царот Самоил со години во сенка на Големиот Александар. Еден ден му здодеало да го гледа огромниот бронзен газ на Букефал и свикал:

-Слушај ти! Тргни ми се! Ми го сокриваш сонцето!

Но, Александар не се збунил, оти ова го нема слушнато првпат: истото, пред многу години, во времето кога тој бил човек а не споменик, му го има речено Диоген. А од друга страна, зарем се сомневате дека тој кој најголемите загатки, како што е „Гордиевиот јазол“, ги решавал со остар замав на главосечачки меч, нема да најде одговор на оваа проста „старословенска“ провокација?

Се свртел Големиот Аце кон седнатиот Самоил, и од таа триесетметарска дистанца во височина му рекол:

-А што ќе ти е тебе сонце, твоите војници и онака се редум ќори, та за нив и сонцето е темница!

Од овие зборови Самоил побелел и се скаменил, станал бел мермер. А бронзениот Александар, за да го дотолчи противникот и да го понижи до крај, слично на неговиот татко Филип, кој по победата на Атињаните три дена пијан танцувал врз нивната крвта, коски и месо, врз мртвите тела на загинатите Атињани, кои се дуеле и усмрдувале... танцувал тој и пеел: „Јас сум Филип Варваринот! Филип Варваринот“... та така и синот Аце, полн со злоба и цинизам, на Самоил му го рекол и ова:

-Тендерот за мене вредеше милиони и милиони евра повеќе! Плус тоа - јас сум на коњ, а тебе те чучнале како на веце шолја. Затоа, молчи, глас да не сум ти слушнал веќе!

Овој ораторска победа можеби е и најголем подвиг на Големиот Александар откако е споменик. И од тој ден, од денот на оваа негова победа, сите ние ноќта заспавме како Словени, а со утрото, се разбудивме како Антички Македонци. Се разбудивме и запеавме – Алелуја!!!

Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото