Од другата страна на етиката

09.01.2016 14:08
Од другата страна на етиката

Сигурно сте сретнале написи кои почнуваат со фамозното - „научниците тврдат, научниците откриваат, научниците советуваат...“. Тоа значи дека треба слепо да му верувате на текстот кој следи по ваков почеток затоа што, ете, доаѓа од кредибилни извори. Слично на Лиљана (свекрва ми), која безрезервно му верува на Доктор Оз. Неретко се случува Лиљана да ми пренесе, независно што сум професор по градинарство, колкави се нивоата на витамин C во одредени градинарски продукти. Е да, друго е како што ќе каже доктор Оз. Да не бидам погрешно сфатена, немам ништо против споменатиот доктор, ниту против популаризацијата на здрави навики и диета. Имам многу против, најблаго кажано, непрофесионалниот однос кон научно-истражувачката работа на некои колеги од моето непосредно окружување, од мојот универзитет. Постојат црвени линии во академската етика, кои не смеат да се преминат:

1. Истражувачот не смее да лаже. Оној кој магистрирал, докторирал, кој ги совладал методите на научно-истражувачката работа, кога ќе ги стави резултатите од своите истражувања на увид на академската јавност мора да биде сигурен дека тие се точни, автентични, проверливи и повторливи. Во мојата наука, тоа подразбира повеќегодишни опити за да се избегне влијанието на климатските услови, опити на повеќе локации за да се избегне влијанието на почвата врз резултатите и секако, доволно голем број примероци и повторувања за да добиените резултати бидат валидни за целата испитувана популација. Во референтно списание нема да го погледнат трудот, ако нема барем сто генотипови, во шест повторувања. Да, истражувањата се обемни, а работата е макотрпна и скапа. Ја користам приликата да упатам поздрав до Министерството за образование и наука за ич средствата одвоени за проекти во земјоделството, во последниве шест години. Не би знаела кои се минималните прагови и принципите за примеркување во оштествените науки, меѓутоа сигурна сум дека не се „триесеттина блиски луѓе“.

2. Истражувачот има општествена одговорност. Секои пет години (за редовните професори седум), избирани сме во повисоки наставно-научни звања. Притоа, се оценува нашата наставна работа, преку број на предемети, одржани часови, менторства на дипломски, магистерски и докторски тези и така натаму. Од неодамна, во генералната оцена е вклучена и оцената од студентите. Потоа, се оценува апликативната, публицистичката и општествената дејност. Општествената дејност подразбира учество во работни тела на закони, подзаконски акти од соодветната област, учество во управни и надзорни одбори на агенции, фондации и граѓански здруженија, повторно - од соодветната област. Притоа, важно е колку може нашата експертиза, независност и критичност да помогнат на општеството, а не колкав е надоместокот за нашето учество во горенаведените активности. На пример, што би барала јас, билкарката, во управниот одбор на EVN? Или во оној на Македонски пошти?

3. Истражувачот е дел од тимот. Еден изграден и реализиран истражувач се одликува со нешто кое се нарекува научничка скромност. Ќе забележите дека во научните трудови, дури и кога има само еден автор, никогаш не се употребува прво лице еднина. Никогаш - јас. Науката не е индивидуална дисциплина, посебно не во денешно време на комуникации. „Млад научник на годината“ е можеби мотивирачка награда за млади луѓе на почетокот на истражувачката кариера. Научници ќе станат дури тогаш кога ќе имаат многу зад себе и уште толку пред себе и кога ќе имаат соработници. Тогаш, веќе нема да бидат толку млади. Настрана што е неетички за таа награда да конкурираат членовите од Комисијата за избор. Макар биле и изземени од гласањето кога дотичната апликација била на дневен ред.

4. Истражувачот има лична одговорност. Никој не спори дека, покрај индивидуалното поле на експертиза, истражувачот треба да се интересира, да проучува и да дискутира за проблематики кои се од општествен или индивидуален интерес. Напротив, еден интелектуалец треба да го формира и изрази своето мислење за разни општествени појави. Меѓутоа, во тој случај, станува збор за личен став. И тука, истражувачот треба да си ги премери своите капацитети и компетенции. Повторно ќе тргнам од себе. Ќе се сложите дека би било непримерно од моја страна да дебатирам со академик Росоклија за психијатрија, или со академик Беџети за економија. Најмногу што можам да направам е моите лични ставови да ги напишам тука. И за тоа - сносам лична одговорност. Ако не сте ја сфатиле пораката или „длабочината“ на моите текстови, одговорноста не е ваша, туку моја.

Пред некоја недела, во писанието за „спотерите“ и „катманите“, ги спомнав оние кои го имаат погазено личното достоинство и интегритет во одбрана на партиската кауза. Меѓу нив спаѓаат и квазивлијателни научници кои заради теснопартиски мотиви ја девалвираат мојата фела, мојот универзитет и мојата Татковина. Патем, ја потценуваат интелигенцијата на мојот народ, каде и да е. Убаво отворете ги очите кога нешто почнува со „научниците тврдат...“. Не е секој професор научник. Понекогаш, не е ниту човек.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња