Грчев пред 30 години: За бирократијата, со љубов

12.01.2016 02:43
Грчев пред 30 години: За бирократијата, со љубов

Од мода и тренд, фрлањето лепешки по бирократијата сè повеќе прераснува во насушна потреба. Веќе не е возможно, човек што држи до својот углед, да отвори уста а да не плукне (макар патем) по бирократијата. Портретот на бирократот е тема на денот. Како омилена домашна задача оваа тема страсно ја обработуваат и политичките раководители, и комунистите, и децата од повисоките одделенија на осмолетка. Со еден збор, сите прогресивни сили во општеството...

Оваа бучна кампања, меѓутоа, како да не остава видни негативни последици по здравјето и расположението на крепкото тело на бирократијата. Спротивно на тоа, на антибирократските борци оваа кампања очигледно им погодува. Се добива впечаток дека единствениот ефект од оваа жестока борба против бирократијата е од психотерапевтска природа, и тоа како вентил за издишување на исфрустрираната армија активни субјекти во општеството. Овој релаксивен ефект од антибирократската кампања, иако неочекуван, треба да се поздрави како несомнено корисен. Особено за бирократијата.

Иако се сите задоволни, нешто сепак не е в ред. Ако се води „борба“, зошто нема ,,повредени“?

Се чини дека решението на проблемот е во неговото формулирање. На антибирократските сили очигледно им недостасува конкретен и препознатлив непријател. Затоа тие луто се напрегаат да го замислат неговиот омразен лик. И тука е грешката. Колку повеќе се индивидуализира и конкретизира Ликот на Бирократот, толку повеќе тој се потиснува во анонимност. Тоа е сосем јасно ако се сфати дека таков и не постои, зашто бирократијата како појава не може да се изведе од поединецот. Тој, (бирократот) како индивидуа, додуша, постои, но сосем е ирелевантен за објаснувањето на бирократијата како феномен.

Бирократијата не е класа или секта, не е идеологија или убедување, а не е ниту психолошко својство или атрибут. Бирократијата е системска карактеристика. Таа е својство, но својство на системот. Поради тоа, нејзиното персонифицирање и психологизирање е методолошки ќорсокак - сигурна формула за нејзиното банализирање.

Бирократијата, значи, не треба да се бара во оние што ја спроведуваат, зашто таа нема врска со луѓето туку со 'правилата на играта' според кои тие функционираат. Таа постои онолку колку што ѝ дозволуваат правилата на играта. Следствено, бирократијата не настанува сама од себе - неа ја генерира системот. Како таква, таа е афирмација на системот, а не негова девијација и негација, како што многумина сакаат да докажат. Според сето ова, борбата против бирократијата треба да биде борба против погрешните претпоставки во системот, а не против неговите погрешни реализации.

Од овој агол гледано, да се пишуваат филипики против бирократијата значи однапред да се прифати улогата на куче што лае по карванот. Однапред да се знае дека лавежот е автотерапија, макар за подмирување на сопствената совест. Однапред да се прифати поделбата на улогата во која кучињата имаат иста вредност како и карванот, зашто само здружно ја чинат таа темна бајка, тоа општо место.

Од овој агол гледано, неблагодарно е паметен човек да пишува против бирократијата. Но искушението навреме да се запишам во плејадата бескомпромисни борци и (макар патем) да плукнам по бирократијата, беше сепак преголемо.

Комунист, 23 октомври 1987

ОкоБоли главаВицФото