Грчев пред 30 години: Како да се преживее?

09.02.2016 14:48
Грчев пред 30 години: Како да се преживее?

Клучниот камен на сложената градба на човековиот мотивациски апарат е, бездруго, длабокото убедување во постоењето на Божје Сценарио или Природен Закон според кој процесите во природата и општеството мораат да се развиваат со позитивен предзнак. Вербата во подоброто утре, со други зборови, е услов за секоја наша акција, и основа на целото наше свесно и волно живеење. Дека тоа е така, јасно е и без да се бараат крунски докази: оваа Надеж очевидно е вградена не само во секој детаљ од нашата секојдневна бит, туку и во сите мотиви, легенди, обичаи, религии и идеологии што човекот ги создал. Надежта во прогресот, која ја условува смислата на животот, како основна претпоставка е вградена и во најбитните филозофски и научни референцијални системи како што се, на пример, марксистичкиот историски материјализам и Дарвиновата теорија за еволуцијата.

Од друга страна, на образованиот човек веќе му е сосем јасно дека - строго научно - оваа Насушна Надеж е не само неоснована, туку и многу малку веројатна. Не постои ниту еден природен закон или принцип кој го гарантира прогресивниот развој на материјата. Исто е и со живиот свет и со културата: прогресивната структурираност на еволуцијата и на историјата се ретроспективни нужности, и тоа само во потесен смисол, зашто кога се зборува за нивната прогресивност се мисли само на „успесите“, а не и на „неуспесите“ на овие процеси. Илјадниците исчезнати видови, популации и цели биолошки светови, како и држави, народи и цивилизации, се непобитна индиција за оваа теза.

Тоа значи дека надежта во подоброто утре не се темели на сите релевантни факти од развојот на природата и општеството, туку само на оние позитивните што ѝ одат во прилог. Понатаму, тоа значи дека надежта не е плод на човековите рационални сознанија, туку на неговите ирационални потреби. Тоа, на крај, може да значи дека надежта повеќе му припаѓа на светиот отколку на профаниот свет.

Како ова сознание му помага на современиот човек во тешки ситуации? Се чини, никако. Што да прави оној што живее во време кога неговата средина се развива со негативен предзнак, во време на општествено опаѓање, на економска и културна инволуција? Што да чини човекот кој гледа како, пред негови очи, еродираат и исчезнуваат долго градените придобивки, критериуми и норми, со коишто единствено била замислива неговата иднина? Како да преживее образованиот човек кој знае дека не постои нужност, ниту природна ниту цивилизациска, поради која една рецесија која трае деценија не би траела пет или педесет децении?!

Тешко оному кому знаењето му ја поткопува вербата. Човековата способност да преживее се темели прво на неговата неразнишана надеж, а потоа на неговите знаења и способности. Вербата, значи, а не реалните шанси, е она што пресудува во секоја тешка животна ситуација. Според тоа, во негативните развојни процеси, знаењето може да стане бреме кое ги намалува шансите за преживување. Во инволутивните процеси, надежта на оној што не знае и не гледа во далечина е поцврста отколку на оној кому увидот во црната иднина му ги потсекува нозете. Цивилизациските рецесии, се чини, секогаш ја воздигаат Вербата пред Знаењето. Во беда и несреќа, Светото го заменува Профаното.

Како, значи, интелектуалецот да ја преживее кризата?

Изгледа, тешко.

 

Комунист, 20 ноември 1987

ОкоБоли главаВицФото