Поддршка за Сандерс

09.02.2016 13:45
Поддршка за Сандерс

Кога бев дете велеа дека овие мнозински протестантски земји никогаш нема да изберат католик за претседател. А потоа е избран Џон Ф. Кенеди.

Следните децении велеа дека Америка никогаш повеќе нема да избере претседател од јужните држави. Единствен претседател од југ дотогаш беше Захари Тејлор, избран 1849. А потоа го избравме Џими Картер.

Во осумдесеттите рекоа дека гласачите никогаш нема да изберат претседател кој се развел па повторно се ожени. Велеа дека сме премногу религиозни за такво нешто. Потоа го избравме Роналд Реган.

Рекоа дека никој што не служел војска не може да стане претседател, а особено некој што признал дека имал искуства со дроги. Тогаш претседател стана Бил Клинтон.

На крајот рекоа дека нема никакви шанси за победа на демократите, ако за претседател номинираат Афроамериканец чие средно име е Хусеин. Америка е премногу расистичка за тоа. „Немојте да го правите тоа“, тивко предупредуваа.

Бум!

Дали некогаш се прашувате зошто коментаторите и политичката класа секогаш се толку убедени дека Американците „просто не се спремни“ за нешто - за да се покаже на крајот дека грешат? Тие зборуваат така бидејќи сакаат да го сочуваат статусот кво. Не сакаат промени и се обидуваат да ги исплашат граѓаните и да ги натераат да гласаат против своите интереси.

Истите луѓе сега тврдат дека нема никакви шанси „демократски социјалист“ да стане претседател на САД. Ова е главниот адут на кампањата на Хилари Клинтон.

Но, сите анкети покажуваат дека Берни Сандерс би го победил Доналд Трамп двапати поубедливо од Хилари Клинтон.

Иако анкетите на демократите покажуваат дека Хилари Клинтон би го победила Берни Сандерс, анкетите кои ги вклучуваат и независните гласачи покажуваат дека Сандерс би го победил Трамп двапати поубедливо од Хилари Клинтон.

Начинот на кој кампањата на Хилари Клинтон го обвинува Сандерс за социјализам е поразителен и лишен од чувството за стварност. Според вестите на NBC, 43% од демократите во Ајова повеќе се идентификуваат со социјализмот („помагање на другите и споделување со другите“) отколку со капитализмот (алчност, нееднаквост). Повеќето анкети покажуваат дека младите (18-35) ширум Америка му даваат предност на социјализмот (чесноста) над капитализмот (себичноста).

Тогаш, што е демократски социјализам? Тоа е вистинска демократија каде сите одлучуваат, а не само богатите.

Речникот Меријам-Вебстер објави дека најпребаруван збор во нивниот онлајн речник во 2015 бил „социјализам“. Ако имате помалку од 49 години (најголем дел од гласачкото тело), деновите на студената војна, комуњарите (пинко) и црвената закана ви се далечни како пропагандиот филм против дрогата од четириесеттите години на минатиот век, „Reefer Madness“.

Ако најголемиот адут на Хилари Клинтон е тоа што „Берни е социјалист“, и дека „социјалист не може да победи“, тогаш таа е изгубена.

Њујорк Тајмс, кој призна дека ја измислил приказната за оружјето за масовно уништување во Ирак и нè втурна во војна, официјално ја поддржа Хилари Клинтон за претседател, кандидатка која гласаше за инвазијата врз Ирак. Мислев дека Тајмс се покаја и се реформираше. Што се случува овде?

Тајмс сака кога неговите кандидати се реални и практични. За нив тоа е Хилари Клинтон. Таа не сака реформа на банкарскиот систем, не сака да го врати Глас-Стигаловиот закон за нивното уредување, не сака да ја зголеми минималната надница на 15 долари од час или да воведе универзален здравствен систем по данскиот модел. Претпоставувам дека сето тоа изгледа нереално.

Секако, некогаш медиумите велеа дека е „нереално“ да се очекува да се донесе уставен амандман кој на жените ќе им даде право на глас, зашто сите членови на Конгресот и Сенатот се мажи. Погрешија.

Велеа дека е „нереално“ усвојувањето на Законот за граѓански права и Законот за право на глас: Америка просто „не е спремна“. И двата закона се усвоени, во 1964 и 1965.

Пред десет години ни велеа дека никогаш нема да биде донесен закон за геј бракови. Добро е што не ги слушавме оние кои ни велеа да бидеме „практични“.

Хилари вели дека плановите на Берни се „нереални“ и „непрактични“. Минатата недела рече дека „универзалното здравствено осигурување е НЕВОЗМОЖНО“. Невозможно? Леле! Тогаш, зошто просто не се откажеме?

Хилари исто така вели дека е непрактично и бесплатното универзитетско образование за сите кои сакаат да студираат. Никој не е попрактичен од Германците, а кај нив тоа веќе одамна е случај. Како и во многу други земји.

Хилари Клинтон секогаш наоѓа начин да се финансираат војните или да се намалат даноците за богатите. Таа гласаше ЗА војната во Ирак, а ПРОТИВ геј браковите, ЗА патриотскиот закон, ЗА Нафта-договорот за слободна трговија помеѓу САД, Канада и Мексико, и сака да го уапси Едвард Сноуден. Тоа е доволно човек да се замисли, особено кога алтернативата е Берни Сандерс. Тој е целосна спротивност.

Хилари поддржува и некои добри работи, но таа е десно од Обама и гласањето за неа би било враќање назад, наместо да одиме напред. Тоа би било тажно. Многу тажно.

81% од гласачите се жени, од друга раса или млади. Републиканците изгубија ГОЛЕМ дел од земјата, дури 81%. Кој и да победи од демократите, ќе победи и во ноември на општите избори. Никој не треба да гласа од страв. Би требало да гласате затоа што сметате дека некој најдобро ги застапува вашите уверувања. Ве плашат дека ќе изгубиме ако гласаме за Сандерс. Фактите и анкетите го кажуваат спротивното: нашите шанси РАСТАТ со Берни.

Трамп е гласен и страшен, а либералите плашливи. Но либералите ги сакаат и фактите. Еве еден: помалку од 19% од Американците се белци постари од 35 години. Затоа, смирете се.

На крајот, погледнете ја оваа табела која зборува самата за себе. (Напомена: Хилари го промени својот став за Транспацифичкото трговско партнерство.)

Првпат го поддржав Берни Сандерс во 1990 година. Тогаш беше градоначалник на Барлингтон во Вермонт. Ме замоли да зборувам на собирот по повод неговата кандидатура за Конгресот. Претпоставувам дека тогаш многумина не беа спремни да поддржат демократски социјалист. Веројатно некој во неговата канцеларија преполна со хипици рекол: „Се обложувам дека тоа би можел да го направи Мајкл Мур!“ Беа во право. Отидов во Недојдија и дадов сè од себе за да објаснам зошто Берни Сандерс ни е потребен во Конгресот. Победивме и останав негов поддржувач сите овие години, а тој не ми даде причина да го променам мислењето. И признавам, не верував дека ќе осамне ден кога ќе речам: „Ве молам гласајте сенаторот Берни Сандерс да стане нов претседател на САД“.

Не би ве замолил за ова, да не верувам дека тој навистина ни е потребен. А потребен ни е. Повеќе отколку што мислиме.

Искрено ваш

Мајкл Мур

 

Извор: Michalel Moore.com, 31.01.2016.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото