домати

12.03.2016 15:06

Кога ќе се разбудам
покрај коматозната нога на нечиј туѓ љубовник
врз мојата рака,
оладен на перницата крај мене
како отфрлено хируршко шило -

кога ќе се разбудам
со цела низа придавки
што го опишуваат моето прекрасно лице -

кога ќе се разбудам
со несигурен трепет
што го вознемирува слаткиот воздух во Џорџија:
крај лустерот што почнува да паѓа,
и под балконот што се руши
дури бегам куцкајќи -

кога ќе се разбудам
покрај некој љубовник, или некој облечен како љубовник,
подробно опишувајќи го неговиот сон -

кога моите реченици,
наместо да летаат како ластовици
кон далечни земји,
лежат заплеткани небаре
во игра со ашици
под темната качулка
од меко перје со боја на слива од нејзиниот љубен -

небаре ќе бидам обљубена за првпат;
небаре ќе бидам здробена
како кеса прашливи бисквити
под сукало.

Ќе станам,
ќе земам едно парче чоколадо
од купот во дното од фрижидерот,
и ќе излезам во запустениот двор.

Нема да ја забележам
простирката за бришење чевли од скапоцени камења,
ниту пак малата кукумјавка,
ниту пак молбите
што ми штракотат в глава како зрна чист град.

Сè што ќе видам е бетон
и спокојни дремливи зебри
по чии риги фрлаат со домати.

Сè што ќе чујам е зоолошката градина
и звуците што идат оттаму:
животни во кафез што неприродно
гребат и јачат.

Превод: Благородна Богеска

Селима Хил е родена во Лондон 1945 година, но пораснала во селски средини во Англија и Велс. Студирала етика на универзитетот Кембриџ и постојано соработувала со уметници кои се занимавале со мултимедијални проекти, како и со Кралскиот балет, Националната опера и Би-Би-Си Бристол. Работела како предавач по поезија во Лондон, а предавала креативно пишување и во разни болници и затвори во Велика Британија. Има добиено голем број награди за својата поезија, меѓу кои позначајни се наградата на фондацијата „Арвон“ (1988), меѓународната награда за долга поема на весникот „Опсервер“ за поемата „Таложење на ситни љубезни дела“ (1997). Во повеќе наврати била во најтесниот избор за престижните национални поетски награди „Витбред“ и „Т.С. Елиот“, за конечно во 2001 за нејзината збирка „Зајко“ да ја добие наградата „Витбред“. Живее и работи во Дорсет.

Повеќе песни од Хил

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото