Речиси совршена вечер на езеро

17.04.2016 11:04

Тој викенд бевме на езеро. Само што се вративме од возењето со кану. Видовме морски нуркачи, два елена и орел. Клео се тушираше, а јас отворив шише вино. Во каминот гореше оган. Мошне се помачив за сето тоа, но сепак ми се чинеше дека сум најсреќниот човек на светот. Кога Клео најпосле ми се придружи, знаев дека е така. Беше прекрасна. „Преубав ден, душо“, рече таа, „ти благодарам.“ „Мене ми е прекрасен поради тебе и немам доволно зборови да ти заблагодарам“, одговорив. Ни наточив малку вино па го гледавме огнот. Отприлика еден час подоцна се слушна чукање на вратата. Тоа веќе само по себе беше малку вознемирувачки бидејќи на местово баш и нема многу луѓе. Ја погледнав Клео, а таа ги наведна рамениците и направи гримаса. Ја отворив вратата и здогледав ренџер. „Дали сте вие Ерик и Клео Мартин?“ запраша. „Да, господине“, реков. „Во што е проблемот?“ „Уапсени сте“, одговори тој. „Зошто, добога?“, реков, сосема збунет. „Поради премногу среќа“, одговори тој. „Околните жители вложиле неколку приговори, а постојат закони кои ги ограничуваат таквите работи на езеро. Обајцата ќе морате да тргнете со мене.“ „Ова е некаква шега?“, запрашав. „Ќе морам да проверам во книгата“, одговори тој. А потоа од јакната извади дебела книга во кожен повез и внимателно ги листаше страниците сè додека не го најде соодветниот текст. Го проучуваше околу една минута помрднувајќи го прстот низ страницата. Конечно рече: „Да, нема сомнеж, ова е некаква шега, но не сум во состојба да установам каква. Дали е тоа в ред, дали би ви пречело ако не би можел да ви кажам каков вид шега е ова?“ Ја погледнав Клео. „Не ни е гајле. Па, лека ноќ, полицаецу. Пријатна вечер.“ „А вие двајцата веднаш да сте се вратиле кон својата среќа“, одговори тој. „Лека ноќ.“

Превод: П. В.

Џемс Тејт (James Tate, 1943), американски поет, прозаист, уредник, професор по креативно пишување. За себе вели дека пишува во „традицијата на непуристите“ и ги спомнува Витмен, Вилијамс и Неруда. Вели: „Песната е човеков највозвишен напор зашто е бескорисна“. За него, поезијата истовремено е форма на протест и на прослава.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото