Очајнички разговор

16.04.2016 11:14

Го запрашав Џаспер има ли некакви мисли за надоаѓачката револуција. „Не знаев дека доаѓа некоја револуција“, вели тој. „Луѓето се мошне огорчени, можно е“, возвраќам. „Престани веќе еднаш да измислуваш. Вечно ме зафркаваш“, вели тој. „Војниците се насекаде. Тешко е да се каже на чија страна се“, забележувам. „Против нас се. Сите се против нас. Барем ти така мислиш, зарем не?“, вели тој. „Не се сите. Има уште неколку заблудени отпадници кои и понатаму во нешто веруваат“, одговарам. „Е тоа ми влева надеж“, вели тој. „Битно е да не ја загубиш верата“, возвраќам. „А кој вели дека некогаш сум ја имал?“, прашува. „Срам да ти е, Џаспер, важно е да се верува во целта“, одговарам. „Целта уште подлабоко да нè покопаш?“, прашува. „Не, туку во целта на луѓе кои заеднички се борат за своите права, слободата и сето друго“, реков. „ Е па тоа веќе одамна го нема. Немаме никакви права“, одговори тој. Следните неколку минути ги поминавме во тишина. Јас ѕурев низ прозорецот, во еден зајак во дворот. Најпосле реков: „Сево ова го кажав за малку да те орасположам.“ „И јас исто така“, возврати. „Веруваш ли во Бога?“, прашувам. „Бог е во затвор“, рече тој. „Што згрешил?“, прашувам. „Сè“, одговори.

Превод: П. В.

Џемс Тејт (James Tate, 1943), американски поет, прозаист, уредник, професор по креативно пишување. За себе вели дека пишува во „традицијата на непуристите“ и ги спомнува Витмен, Вилијамс и Неруда. Вели: „Песната е човековиот највозвишен напор бидејќи е бескорисна“. За него, поезијата истовремено е форма на протест и на прослава.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото