Објавен романот „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска

05.08.2016 12:13
Објавен романот „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојаноска

Неодамна издавачката куќа Блесок од Скопје го објави романот „Јас и Лин, отпосле“ на македонската писателка Ана Стојаноска. Се работи за еден колажен роман, што се базира на две приказни: љубовната приказна на една млада писателка, од една, и дел од романот што самата го пишува, од друга страна. Клучна одредница на романот е цитатноста, односно, воспоставените интертекстуални и интермедијални релации со многубројни песни од современата музика, како и со реплики од познати драмски остварувања. Во прилог на хибридноста на жанрот се и писмата и неколкуте дневнички записи суптилно вметнати во структурата на романот.

Романот прикажува класичен љубовен триаголник, но мора да се нагласи дека воопшто нема патетика во третманот на љубовта, напротив! Љубовта е грчевита, драматична, впрочем, како и во животот. Интровертниот свет на главната хероина се темели на сеќавања и реминисценции, на реални и фиктивни доживувања, на емоции и музика…

Во продолжение, пренесуваме краток извадок од книгата.

 


54. ПРЕД РАБОТНАТА МАСА НА САША

- Здраво, јас сум фотографијата на работната маса на Саша. Ова се Саша и Лин. Саша има долга коса и насмевка која ја измил ветрот. Лин е многу повисок од неа, но доволно љубовен за да го препо­знаете. Позадината, иако малку нејасна, е всушност една клупа во паркот. Снимена сум на најнов модел на фотоапарат, со техничко име GPR-856. Ме фотографираше Павел додека едно попладне сите четворица шетаа во паркот. Четвртиот член на веселата дру­жина беше дечкото на Павел - Антони, кој не сакаше да се сли­ка. Овде, како што забележувате, Саша и Лин се многу среќни. И двајцата изгледаат како да избегале од некој филм. Како што има обичај да каже Саша – како од филм... Само што јас не знам од кој филм. Затоа што јас, ете, не гледам филмови. Јас сум само обич­на фотографија. На мене има бои и лица. Насмеани лица. Боите се црвена, сина и жолта. Распоредени според некои математички правила. И според законите на физиката. Ама јас не го знам тоа. Јас сум само...

ОкоБоли главаВицФото