Милион долари!

12.08.2016 09:44
Милион долари!

Во Чикаго, сосема случајно, додека пазарував во една „грчка“ продавница, го запознав Коста Деменеску. Впечатлив по својот изглед и однос, ме натера да поразговарам со него. Во првото обраќање, ми се претстави како Коста од Грција. Всушност, ме излажа и малку подоцна, кога веќе се замубаетивме и направивме неколку фотографии, ми кажа дека потекнува од Романија. Во Чикаго е веќе педесетина години и работи како градежен работник. Кога ја преминавме улицата, стигнавме до неговата кола. Колата беше испишана со разни религиски и христијански ознаки. Во секој наш дијалог ја искажуваше вербата во бога. Беше воодушевен што сме се сретнале, нагласувајќи ми дека во Америка ништо не е случајно, и дека Бог е виновен за нашата средба. За момент се чувствував како да сум се сретнал со Роберто Бенини и со неговиот англиски акцент од „Coffeе and Cigarettes“ на Џим Џармуш. И, оп, сценарио. Кога му напоменав дека сум фотограф кој работи документарна фотографија, тој ми намигна и за момент отиде до багажот од колата.

Од таму извади многу лични фотографии, скрипти и сценарио за филм. Ми зборуваше дека, всушност, и покрај тоа што е градежен работник, е и филмски режисер. „Необичен град“ е неговиот најнов филм кој има желба да го сними во Чикаго.

Ми ги подари речиси сите фотографии кои беа во багажот, каде што имаше разни скрипти, негови лични информации и телефон. Ми зборуваше дека ќе ми го подари и сценариото, доколку се решам да го снимаме „Необичен град“. Му возвратив дека јас, сепак, сум фотограф, а не некој од филмската индустрија. Но не го одбив. Му напоменав дека ќе го побарам додека сум во Чикаго. И разменивме број. За крај, тој ми истакна дека ова сценарио вреди еден милион долари.

Да бидам искрен, никогаш потоа не му се јавив. Но постојано ми се вртеше во глава неговата појава и идејата за „милион долари“.

Некогаш „случајните“ средби остануваат само случајни. Иако за мене делуваше инспиративно, не се вовлеков во целата приказна. Но имав доволно муабет и фотографии за да раскажам една друга кратка приказна. Тоа не значи крај на поголемата приказна. Можеби некогаш повторно ќе се сретнам со мојот познаник Коста Деменеску. Ако бог даде.

Слични содржини

Јавни Простори / Фотографија / Живот
Фотографија / Психологија / Живот / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија
Фотографија / Живот

ОкоБоли главаВицФото