Зафрлени кошеви (фотографии)

19.02.2021 18:16
Зафрлени кошеви (фотографии)

 

Претставуваме дваесет фотографии на„зафрлени кошеви“, од Небојша Гелевски, фотографирани приближно од 2009 до 2018, главно во Скопје.

Фотографиите зрачат со лиричност, со хумор и со снажно чувство за јавен простор и за потребите на луѓето и децата во јавниот простор.

Повеќето од фотографираните кошеви се направени од чист ентузијазам, од потребата да се создаде јавен простор за игра, па макар и со рудиментарни и импровизирани средства.

Дотолку овие „направи“ се потрогателни, особено во контекст на нивното пропаѓање со текот на времето. Оти времето ги дроби работите. Особено ги дроби занемарените, неодржуваните, заборавените работи.

„Зафрлените кошеви“, меѓу другото, зборуваат и за нашата слаба комунална култура и за сиромаштијата. Но, зборуваат и за човечкиот дух кој наоѓа начини слободно да го користи јавниот простор, за игра.

Локациите на овие кошеви често се апсурдни и несоодветни, што исто така придонесува за нивната „артифициелност“. Некои од нив сеуште се користат, дури и во својата руинирана форма. Тоа им дава дополнителна чудна димензија.

Сето тоа кај гледачот создава чувство на лиричност, на меланхолија, можеби и носталгија спрема некои времиња во кои и игрите и чувството за јавен простор се сфаќаа поинаку.

Од друга страна, во овие фотографии постои и друга, поведра порака: импровизираните „играчки“ и слободните интервенции на луѓето во јавниот простор - се бесмртни и незапирливи. И секогаш одново ќе се појавуваат, колку и да се „играчките“ евтини, кревки, апсурдни и привремени. Така што, фотографиите на Небојша Гелевски се и пофалба на човечката имагинација, нескротливост и друштвеност.

Никола Гелевски 

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија
Јавни простори / Фотографија / Живот
Фотографија / Око
Фотографија / Книжевност / Настан
Фотографија / Книжевност / Настан / Фото / Око

ОкоБоли главаВицФото