Живот во две едноумија

10.11.2016 11:16
Живот во две едноумија

Роден во Кралството Југославија, раното детство поминато во окупацијата, а целокупното школување, од основно до високо образование, го поминав во новата држава, Република Македонија, создадена по победоносната Народно ослободителна војна, на свој, мајчин јазик, македонскиот. Најголемиот дел од својот работен век го поминав во таканареченото еднопартиско едноумие, а дел поминав во периодот на транзицијата и конечно своите пензионерски денови ги поминувам во повеќепартиското едноумие. Сето тоа ми дава можност да ги споредам двете едноумија, еднопартиското и повеќепартиското, во кое ги живееме последните десет години. Со паѓањето на еднопартискиот сисем, надежта беше дека ќе се воведе систем на демократија и полни слободи, како и целосно почитување на човековите права. Но, тоа евидентно, не се случи. За сите зла кои му се случиле на нашиот народ, новопечените и недоволно образовани раководители, го обвинуваат еднопартискиот систем и водечката партија, комунистите. Без никаква сериозна и објективна процена, сè што е создадено во периодот од 45 години од постоењето на Република Македонија, се омаловажува, потценува и брише, еден вид културна антиреволуција.

Меѓутоа, тоа апсолутно не е така. Во првата сопствена држава која ја создаде македонскиот народ, Република Македонија, наполно се реализираа вековните желби на нашиот народ, за кои во текот на историјата беа дадени големи жртви. Со формирањето на првите национални институции во новата држава, од областа на образованието, културата и науката и со кодифицирање на својот мајчин јазик и писмо, наполно се потврди идентитетот на нашиот народ и неговото потекло. Во сегашново повеќепартиско едноумие, токму тој идентитет се негира и се калеми некој нов идентитет настанат негде по персиските и месопотамски пустини во разорните походи кон многу древни цивилизации. Еднопартиското едноумие ги создаде системите за образование, научни дејности, социјална заштита, кои денес, во сегашново едноумие, се тотално девастирани. Секоја година се прогласуваат нови реформи во образованието, социјалната и здравствена заштита. Меѓутоа, состојбите се сè полоши.

Непосредно по ослободувањето и создавањето на новата држава, се формира и првиот универзитет во Македонија, кој сега го носи името на словенските просветители, Кирил и Методиј, и за кратко време застана во редот на постарите универзитети од другите републики на заедничката држава, стана респектирана високообразовна и научна институција, на која студираа и многу студенти од другите републики и странство. Тој,истиот универзитет, денес во ова едноумие е цел на тотална девастација и уништување. Со таканаречените реформи и таканареченото дисперзирано студирање и отворање на факултети во повеќе градови во државата, како и со премногу универзитети кои постојат и уште се отвараат, зададен му е сериозен удар.

Во еднопартиското едноумие постоеше максимална заштита на работниците, преку синдикалното организирање и со законските одредби. Денес, работникот е апсолутно незаштитен и од ден на ден, со нови законски решенија, се скратуваат работничките права. Секој ден сме сведоци на трагични настани, во кои многу работници ги губат и своите животи.

Работните оганизации во еднопартиското едноумие, покрај обезбедување на основната егзистенција на вработените, имаа и многу значајна социјална компонента, со доделување стипендии на деца на вработените, нивно вработување, обезбедување на услови за годишен одмор и друго.

Многу од работните организации во тој период своите услуги ги продаваа и на странските пазари, особено тоа беше карактеристично за градежните претпријатија, кои изведуваа работи во повеќе земји, Сојузна Република Германија, СССР, Чехословачка, Ирак, Либија, Алжир и други земји.

Претпријатијата својата печалба ја носеа дома, во земјата, и тоа беше значаен придонес во обезбедувањето на девизни средства. Денешниве, едноумни раководители, ги носат странските фирми кај нас со огромни поволности, а тие својот профит го враќаат во матичните земји, тука скоро не останува ништо, а работниците се просто продадени за срамно ниски примања и катастрофални услови на работа и без никакви права.

Во еднопартиското едноумие голема грижа се посветуваше за правилниот развој на младите генерации и нивното воспитување. Преку голем број организации за деца и младинци, младите луѓе беа комлетно ангажирани и не беа препуштени на улицата. Денешново едноумие не посветува никакво внимание на правилниот развој на младите луѓе, главно сè е комерцијализирано, децата се препуштени на улицата, секојдневни се инцидентите меѓу нив, а употребата на дрогата е во постојан пораст.

Едноумната држава, Југославија, кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години ги отвори границите за своите граѓани и секој можеше да излезе легално од државата, а со тоа се спречи нелегалното преминување на границите, кога имаше и многу трагични случаи. При така отворени граници, според некои проценки, околу еден милион државјани својата егзистенција ја обезбедија со вработување во повеќе западноевропски земји. Тоа беше помалку од 5% од вкупниот број од околу 22 милиони жители на Југославија. Во денешна самостојна и суверена држава Македонија не е обезбедена егзистенција на сите
нејзини граѓани. Според проценките од релевантни западноевропски институции, повеќе од 400.000 наши сограѓани ја имаат напуштено земјата, во потрага по егзистенција, а тој број во однос на вкупниот број на жители од околу 2 милиони во Македонија, претставува повеќе од 20%. Тоа е резултатот од повеќепартиското
едноумие.

Пред распадот 1989 година, Југославија беше во редот на средно развиени земји, а тоа важеше и за нашат Република. По осамостојувањето земјата во својот развој тргна надолу и денес Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, пак според релевантни светски показатели. Повеќе од една третина од  населението живее во сиромаштија.

Вакви споредби може да се направат уште многу, во повеќе области од нашето живеење. Но тоа е секако работа на стручњаците. И ако ме прашаат еден ден моите внуки и внук, кое едноумие било подобро, без двоумење ќе им кажам дека еднопартиското едноумие било подобро.

Да завршам со една мисла на големиот српски писател и академик, Матија Беќковиќ, искажана во едно интервју: „...Ветената иднина ја нема, ама настанува ново минато, во кое не го препознавам времето во кое сум живеел.“ Оваа мисла се однесува, секако, за Србија, но апсолутно е адекватна и за нашето живеење во ова повеќепартиско едноумие.

Слики: ШкАрт