Фашизам во куси пантaлони

12.11.2016 14:09
Фашизам во куси пантaлони

Кога едно симпатично машко дете со бебешка фаца и куси панталони, што како да бара да го штипнеш за образ во поминување, се претвора во опасен деликвент што сред ноќ бесно вози државно џипиште со неидентификувана фатална женска на предно седиште што вриска и го размачкува карминот по шофершајбната, и со џипот удира во секое возило на својот пат, по чудо не убивајќи ги ретките пешаци во ноќта; кога овој недораснат криминалец малку подоцна го брка и го сопира целата ноќна смена од градската полиција, а тој ѝ се претставува како бивш и иден министер на македонската влада и откога купот полицајци - наместо да го легнат на земја со лисици на рацете - полни со респект го оставаат детето да ѝ се јави на мама, а тој им бега трчајќи ко во тинејџерски филмови, преку огради и дворови, за отпосле да се преоблече во костум и вратоврска, и да се појави со целата држава и мајка-партија зад себе; и, кога на крајот од бурлеската ќе излезе на виделина дека детето своето министерство всушност го добило за роденден, па сите возила и вработени и сиот имот на министерството биле негови, односно на мајката-партија ВМРО; е, кога сето тоа ќе се случи во стварноста, а не во некаква холивудска шљ продукција, знаете ли тогаш, почитувани читатели, како се вика општествено-политичкото уредување на земјата-домаќин на ова жанровско остварување?

Или, кога постарото братче на горниот малолетен деликвент, што од родителите за матура го добил на играње најголемиот кривичен суд во Македоња, на главната улица бесправно гради два ката над стара зграда, загрозувајќи ги животите на сите минувачи на пешачката аорта на престолнината, додека брачед му од Градот со јавни пари му ја прави фасадата и со завеса на скелето му го крие дивото градење; па, кога некоја градежна инспекторка од општината (што наивно мисли дека во државава уште владее правен поредок) му издава решение за рушење на криминалната градба, овој клучен заштитник на заедничката мајка родителка - злосторничкото здружување ВМРО, издава наредба од приватниот суд, ѝ ги испраќа своите мафијаши од јавното обвинителство да ја застрашат неинформираната инспекторка и да ѝ ја одземат документацијата; елем, кога оваа и вакви сцени секојдневно се продуцираат во македонската реална животна Проливуд продукција, како е можно безмалку никој да не забележи дека таа реалност не може да се нарекува капиталистичка либерална демократија, што се наоѓа во „политичка криза“, туку дека се работи за чист фашизам - една авторитарна, преродбеничка, клептократска, капиталистичка држава-партија, што во нашиов случај е во куси панталони?

Или, можеби, јас грешам чудејќи им се на другите што не прават разлика помеѓу македонскиот фашизам и либералната демократија? Можеби разликите помеѓу овие два – според денес владејачката светска политичка доктрина – спротивни општествено-политички системи и не се толку големи или, што е уште пострашно, можеби нивните системски разлики се помали одошто кој и да е верник на глобалната либерално демократска капиталистичка вера дозволува да се помисли? Конечно, да си го поставиме прашањето за генезата на груевистичкиот фашизам: што требаше да се случи за оваа одвратна разбојничка, расистичка и фашистичка диктатура да се инсталира? Не беше испукан ниту куршум, не беше запалена ниту една институција, не беше сменет или укинат Уставот; сите институции на системот на претходната – инаку, сосем пристојна уставна либерална демократија - продолжија несметано да си работат и како апарат на фашистичката диктатура. Се сменија само системите на вредности, содржината на правото, значењето на зборовите и смислата на човечките животи. Ништо цврсто и институционално - само трици. Навистина, сè изгледа толку нормално – особено во малоумното предизборие, па мораме да се запрашаме: можеби навистина никакви структурални промени и не се ни случиле? Можеби слепилото за препознавање на фашизмот не е случајно, туку обратно - тоа е неизбежно и доктринарно, зашто фашизмот и не е спротивност на капиталистичката либерална демократија, туку е само една нејзина форма, хемичарите би кажале алотропска модификација, една финесна но исклучително глупа и зла модификација на капитализмот, што тој секогаш кога е во „криза“ го создава за заштитата на неговиот присвоен народ и држава?

Ако ѝ се вратиме на мојата омилена студија на случај, на Хитлеровата Германија, ќе забележиме дека горното еретичко прашање е очиотворачко: на Хитлер му беа потребни само неколку месеци, од Вајмарската Република - една од најугледните уставни либерални демократии на светот – да ја направи најубиствената фашистичка диктатура на злото во историјата. И, за тие неколку месеци инсталација на диктатурата, Хитлер се служеше само со уставните институции на Вајмарската либерална демократија! Да го повторам општопознатото: Нецел месец откога е назначен за канцелар на Германија на 30 јануари 1933, по релативната победа на демократски избори и формирањето на коалициска влада, Хитлер побарал од претседателот на Германија Пол фон Хинденбург да го распушти Рајхстагот и да закаже нови избори за 5 март, на кои Хитлер имал намера да го добие апсолутното мнозинство пратеници во парламентот. Но, нетрпелив, тој веќе на 27 февруари го запалил Рајхстагот, за палежот ги обвинил германските комунисти и од Хинденбург го изнудил – како лек за измислената опасност од комунистички терор - Претседателскиот декрет за заштита на народот и државата. Додека декретот ги суспендирал најголемиот дел од граѓанските слободи и права што постоеле со Вајмарскиот устав, неполн месец подоцна, на 24 март, откога насилно биле избркани комунистичките пратеници од Рајхстагот, била изгласана „законска“ измена на уставот со „Законот за заштита на народот и државата“, во кој на Адолф Хитлер му се овозможува да владее со декрети со сила на закони, без какво и да е мешање од страна на парламентот. Оваа апсолутна власт, според законот, можела да трае четири години и за да продолжи, морало повторно да биде изгласана, што парламентот го направил уште двапати, и на тој начин практично ги „озаконил“ сите 12 години од Хитлеровата крвава диктатура. Ете така настана најмонструозното зло во историјата – како резултат на институционална политичка практика според процедурите на либерално демократскиот Вајмарски устав, а така настанале и настануваат и денешните капиталистички диктатури и тоталитаризми, кои со истата неподнослива леснотија ги злоупотребуваат формално-правните норми на либералната демократија за да инсталираат системи што ги негираат сите нејзини морални, културни и хуманистички вредности!

И, да не должам. Ако глобалната капиталистичка либерална демократија е структурално толку слична на капиталистичкиот тоталитаризам со фашистичка идеологија и клептократска практика, па непрепознавањето на фашизмот како смртоносна закана на либерално демократските вредности е генетски одредено, зашто капиталистичкиот имуносистем го препознава фашизмот како свое ткиво - како своја алотропска модификација во „политичка криза“ - е, тогаш, почитувани читатели, како да очекуваме од либералната демократија да ја препознае својата смрт, кога таа се појавува во пародично мрсулав детски лик, облечен во куси панталони?

Извор: Слободен печат
Скулптури на сликите: Александар Николас