1012 hPa
78 %
20 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:59
Издавачката куќа ТЕМПЛУМ по единаесетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.
Ракописите кои се испраќаат по електронска пошта треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.
Спонзор на наградата е Комерцијална банка.
Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски...
Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2016 година.
Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.
Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.
Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. 90.000 компјутерски знаци.
Ракописите можете да ни ги испраќате до 8 декември 2016 година на следнава електронска адреса: konkurs.novite@gmail.com
Ракописите можат да се остават и во ГЕМ клубот (над кафеаната Менада) во Стара чаршија (улица Караорманска ББ, Скопје).
За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.
Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски и Сања Михајловиќ Костадиновска.
Во продолжение, претставуваме извадок од романот „517“, минатогодишната победничка на конкурсот.
Скали
Студентскиот дом беше огромен комплекс во кој беа сместени сите надежни умови од градот и неговата периферија кои студираа на Единствениот Сегашистички Универзитет, не зашто тој ќе им овозможи подобра иднина, бидејќи таа не постои, односно е само бледа проекција на сегашноста, туку затоа што беше задолжителна активност. Таму младите ги стекнуваа потребните вештини пред да бидат уфрлени во системот на работни места кои често беа променливи, непостојани, лесно заменливи едни со други. Работните задачи на сегашистичката машинерија работници главно се состоеја во внесување некакви бројки во компјутер или во случајот со повисоките функции – рецитирање говори. Имаше еден единствен шеф за сè, а тоа беше главниот и врховен сегашист, кого не сите имаа прилика да го запознаат во живо, но се зборуваше дека е многу строг, не трпи грешки, сака работите да течат глатко, без прекин и без многу прашување. Многумина го величаа зашто после Него и Револуцијата живееја во еден сосема безбеден и предвидлив свет, та не им беше ни потребно да го видат, ниту запознаат. Едноставно имаа толкава доверба во оправданоста на сè што сегашизмот ќе осмислеше и спроведеше, што нивната одушевеност се граничеше со рамнодушност.
Во студентскиот дом се живееше прилично мирно, во работна рецитаторска атмосфера, со позитивен натпреварувачки набој и во потполн сексуален слободарски дух кој честопати се манифестираше со завршување на студиите од страна на женскиот дел од студентската популација кои мораа да се вратат во своите домови во улога на посветени мајки. Чепкало беше вистински љубовник, односно умееше да чепне и во женските срца, иако досега по некаква случајност ниедна од неговите девојки не се имаше вратено кај родителите по негова вина. Трескало немаше многу среќа со жените, но тоа како и да не го загрижуваше многу бидејќи беше по малку детинест и повеќе уживаше во друштвото на Чепкало или на други колеги. Со Чепкало речиси секој ден се среќаваа на скалите што водат кон задниот дел кој беше привремено затворен и зборуваа за сè и сешто. Често скитаа и по улиците после часовите или се качуваа во автобусите и се возеа бесконечно додека не им здосадеше, па потоа се симнуваа во некој непознат кварт. Им беше предизвик да бараат скратени патчиња, да се губат по слепи улички, и потоа повторно да го најдат вистинскиот пат кон студентскиот дом и да чекорат доцна во ноќта.
Вечерта кога требаше да се најдат со Упорната дојде и Трескало. Кога таа се појави, отпрвин се збуни, застана, погледна лево-десно, но Чепкало ѝ даде знак да дојде, па таа зачекори малку посигурно:
- Кој ти е овој? Да не ти држи страв?
- Најдобриот другар. Немаме што да криеме од него.
- Ако така велиш...
Упорната седна до нив на скалите и се загледа во небото.
- И?
- Што и?
- Па ти ми рече да се најдеме тука!
- Што знаете за 517?
- Не многу освен она што го најдов напишано на едно ливче скриено во едно дупче во ѕидот, и она што ми го кажа мајка ти една вечер.
- Зошто не си ми кажал за ливчето? Што пишуваше на него? – срипа Трескало.
- „Легендата за 517 сè уште живее.“
- Кој е тој?
- 517 е херојот кој треба да го најдеме за да нè спаси од ова лудило – објасни Упорната.
- Ха, ха, ха – гласно се насмеа Трескало, но веднаш си ја покри устата за да не го чујат. – Мора да сте луди, кој ќе нè спаси, некаков број?
- 517 е само псевдоним, назив искривен од сегашистите, но зад него се крие вистинско име, вистински херој, единствената надеж да го вратиме времето назад. Мајка ми ми има кажувано за него. Пред Револуцијата тој бил сеприсутен, сите го почитувале и обожувале бидејќи без него времето ќе запрело... како денес сега...
- Добро, но кој е тој?
- Никој не знае.
- И јас имам слушано за него. Дедо ми, пред да исчезне, ми зборуваше за него како за некој бог – рече Чепкало.
- Тој е повеќе од бог! – рече Упорната.
- Добро, и сега што ќе правиме со овој ваш бог-херој-број?
- Ќе го бараме! – возбудено прошепоти Упорната.
- Предлагам да формираме кружок. Ќе се состануваме тајно и ќе разговараме за сè што ќе дознаеме за него. Ќе го прошириме на луѓе од доверба, луѓе кои ќе ни помогнат, ќе придонесат да се открие вистината, да се откопа минатото еднаш засекогаш! – рече Чепкало.
- Сметајте на мене! – рече Упорната.
- Ајде, и онака само скитаме по улиците, вака ќе имаме некаква цел. Но каде ќе се среќаваме? Во домов е премногу ризично?
- Кај мајка ми дома. Живее на периферијата на градот, местото е тивко, а и таа ме поддржува во сè.
- Одлично! Кога?
- Секој понеделник во 5:17.
- Што? Зошто толку рано? А одморот? – се побуни Трескало.
- Ќе мора да се жртвуваш малку. Мораме да го повикаме на некој начин, а како, ако не преку времето и изгубената цикличност?
- Другар, ме будиш, нема шанси да станам.
- До понеделник.
- Морам да одам, се гледаме.
Упорната стана со скок од скалите и се оддалечи со лесен од. Кога стигна зад аголот, се сврте уште еднаш и исчезна како сенка.
Слики: Џангхо Ли