Гласот на недовербата

02.12.2016 03:00
Гласот на недовербата

Доналд Трамп е толку необична и единствена појава што новинарите добро се измачија да пронајдат историски примери на слично однесување. Беа извлечени неколку познати демагози од американското минато: свештеникот Чарлс Кофлин, Џозеф Мекарти и Џорџ Волис. Некои го споредија Трамп и со Хитлер и Мусолини, но тоа е несмасно. Тој не убил милиони луѓе – не ги начнал ни првите илјада.

Споредбата со познатите демагози од американското минато, исто така не е фер – спрема демагозите. Тие имале јасно дефинирани мети и избор на лудилото. На Кофлин му пречеле Евреите, Мекарти ги прогонувал „комунистичките симпатизери“, а Волис им се спротивставувал на црните луѓе кои барале право на глас и право на образование. Во споредба со нив, метите на Трамп се необично широко расфрлани. А темата му е она што тој ден го изнервирало. Неговите фиксации ја немаат длабочината типична за неговите претходници, но нивната широчина е непрегледна.

Многумина сметаат дека успешните демагози поседуваат еден вид лична харизма. Може да се каже дека луѓето што ги споменав се посебни, секој на свој одбивен начин. Кофлин бил проповедник со пријатен радиски глас. Мекарти бил лукав и мислел дека е Големиот инквизитор од романот на Достоевски, иако не бил доволно писмен да го прочита. Волис бил надмено човече кое на крајот го проголтала плимата на историјата. Трамп личи на презрела ѕвезда од матурска вечер, машка верзија на Норма Дезмонд од Булеварот на самракот, уверен дека е прекрасен (да го направиме Холивуд повторно голем). Но, ниеден од овие луѓе, впрочем не е харизматична личност.

Постојат тврдења дека демагозите се психички нарушени луѓе, но ни потрагата во тој правец нема да нè однесе далеку. Следбениците ги создаваат водачите. Впрочем, вистинското прашање е: што веруваат следбениците дека водачот може да им пружи? Демагозите умеат да ја пронајдат и да ја искористат слабата точка на своите следбеници, но таа слаба точка мора првин да ја создаде некоја криза. Секој од овие мажи (сите се мажи) го искористил бранот конфузија предизвикан од некој претходен развој на настаните. Големата депресија била кризата што Кофлин ја решил со тоа што за сè ги обвинил Евреите. Студената војна создаде црвена опасност благодарение на која Мекарти добил дозвола за лов на црвените. Движењето за граѓански права го претворило Волис во витез од стариот југ. Која криза го создаде паразитскиот организам на телото на Републиканската партија со име Доналд Трамп?

Од што бараат спас следбениците во рацете на овој не баш инспиративен спасител? Како можно објаснување имаме две кризи. Првата е шокот што го доживеаја некои белци кога во Белата куќа видоа црн човек кој со својата положба е супериорен во однос на нив. Втората криза е растечката приходна нееднаквост. Парите кои сè уште се создаваат главно завршуваат во рацете на оние кои се веќе богати. Нема сомнеж дека тоа се стравовите што ги измачуваат следбениците на Трамп. Но, верувам дека под тоа се крие подлабока криза, која не ги потиснува споменатите кризи на маргината туку дополнително ги шири и зајакнува.

Станува збор за застрашувачки степен на недовреба во сите облици на власта – презир кон целиот политички систем, неговиот „естаблишмент“, конгресот, институциите (како што се Федералните резерви), неговите водечки медиуми и склучените меѓународни договори (не само трговски, туку и воени). Во јавниот дискурс е вбризгана инјекција на жолчката. Никој не нуди одговор и не го поставува прашањето: каков поредок е одржлив во општество кое не ја признава легитимноста на ниедна државна функција?

Што ја предизвика таа огорченост? Сеприсутната и незапирлива инфекција од последиците од војната во Ирак – најдолгата во американската историја, војната која продолжува да го нарушува поредокот во светот и во земјата. Високата цена на оваа војна – не само во изгубените животи и парите, туку и во форма на претрпените психички и политички оштетувања – и понатаму е само делумно видлива во Америка. Таа останува скриена, како и сандаците со мртви тела кои се враќаат во земјата, кои со години не смееја да се фотографираат. Еден од начините да се процени реалната штета од оваа војна е испитувањето на нејзините учиноци на помалиот, британски примерок. Последиците од војната во Британија се воочливи зашто се документирани преку повеќе државни истраги – извештајот на Хатон (2004), извештајот на Батлер (2004) и истрагата на Чилкот (2016). Заради нив некогаш популарниот Тони Блер стана предмет на презир. За да ја вовлече земјата во војната во Ирак, тој фалсификуваше разузнавачки податоци, ја лажеше сопствената партија, ги игнорираше разумните совети и слепо се поврза со Џорџ Буш.

Заради постапките на Блер, бискупот Дезмонд Туту одби да присуствува на една меѓународна конференција на која требаше да седи до него. Туту изјави дека и на Блер и на Буш треба да им се суди за воени злосторства пред судот во Хаг. Зборувајќи за нечесноста и неспособноста на Блер, Џефри Виткрофт изјави: „Не би било претерано ако брегзитот, расцепот во Лабуристичката партија и подемот на Доналд Трамп го протолкуваме... како последица на загаденоста на западниот свет пред елитите и естаблишментот кои се дискредитираа во Ирак.“

Ако тоа важи за Британија како спореден учесник во војната, што да се каже да тимот на Буш кој ја измисли таа војна, успешно ја продаде и го сокри нејзиното вистинско лице – за шпионирањето на американските граѓани, за тајните локации за тортура ширум светот? Мачења има во секоја војна, но Буш е првиот претседател (веројатно не и последниот) кој официјално ги оправдуваше. Само тоа е доволно да биде прогласен за најлошиот претседател во историјата, да не ги споменуваме другите мерки што ги одобруваше. За да измериме колку длабоко сме заразени со недоверба, треба да се присетиме и со колкав елан ја поддржувавме оваа војна на почетокот. Конгресот гласаше за неа и доби поддршка од медиумите (Џудит Милер објавуваше во Њујорк Тајмс, но пишуваше како да работи за Пентагон). Војната се славеше и со бројни симболи – срушената фигура на Садам, драматичното спуштање на носачот на авиони со голем натпис „Мисијата е извршена“, виолетовите прсти на гласачите на првите слободни ирачки избори. Денешната недоверба е резултат на сознанието дека сето тоа беше голема лага. Зошто воопшто би им верувале на агенциите како што се ЦИА, ФБИ и НСА, медиумите, претседателот, експертите, елитите? Со изговорот за ширење на демократијата на Блискиот исток се здружија во заедничката измама и го забрзаа тероризмот, на Блискиот исток и пошироко.

Барак Обама ветуваше дека ќе ја извлече земјата од хаосот. Рече дека војната во Ирак беше грешка. Требаше да запреме со војната во Авганистан, која беше исправна. А, потоа повторно влезе во Авганистан и од старата исправна војна направи нова погрешна војна. Годините од неговиот мандат ги поминавме тетеравејќи се низ воените конфликти кои и натаму се тука, спакувани за неговиот наследник. Обама со години ги сокриваше размерите на егзекуциите со дронови што ги одобруваше лично. Не треба да нè зачудува што се противи на повикувањето на одговорност за луѓето кои ја организираа тортурата во времето на Буш и Чејни.

На следбениците на Трамп им се чини дека тој „ја зборува вистината“, зашто му дава глас на нивното незадовлство. Неговите навреди покажуваат дека тој не се придржува до љубезното одбегнување на „политичката коректност“. Одбива да се обврзе на практиката на новата глобална економија. Тој не би го молел блокираниот конгрес за ништо. Би го укинал Обамакер и уште многу други нешта. На меѓународната сцена, би ги „бомбардирал непријателите до истребување“ и не би се осврнувал на обврските кон сојузниците. На конвенцијата на својата партија рече: „Само јас можам да го решам тоа“. А неговите следбеници веруваат дека тие дејствуваат преку него. Така повторно ја стекнуваат моќта која наводно ја поседувале во некое минато време. Тие ќе водат војни без сојузници. Ќе ги запрат терористите со средства подрастични од тортурата. Ќе ги убиваат нивните деца. Повторно ќе ја направат Америка кобно голема.

Извор: http://www.nybooks.com