„Новите!“ 2016: четирите најдобри ракописи

20.12.2016 14:10
„Новите!“ 2016:четирите најдобри ракописи

Годинава жирито на наградата „Новите“ (состав: Калина Малеска, Давор Стојановски, Иван Шопов) како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве четири автор(к)и: Јагода Василевска, Ѕвездан Георгиевски, Еписторијановни и Ана Михајлоска. Денес објавуваме извадоци, почетните страници од нивните ракописи.

Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 29 декември во 12:00 часот во Клубот ГЕМ.

 

Јагода Василевска, Кукличка од глина и други раскази

Кукличка од глина

Кога Павел ја зеде Катерина за рака и ја одведе во болница, да побара мислење од најпознатиот доктор, срцето силно ѝ тупкаше под памучниот темносин фустан со ситни силнорозови цветчиња, нешто од црното претчувство што ја имаше обземено, а нешто од почит спрема господинот со уредна брада и со огромен авторитет. Тој уште беше млад, ама веќе беше надалеку познат, па таа се чувствуваше како зрно ориз фрлено пред човек од повисок ред. Штом докторот го изусти првиот збор, нејзините долгнавести очи, со боја на лешник, широко се отворија и тркалезнето лице доби израз на страв и исчекување. Таму се решаваше дали некогаш ќе добие дете.

Длабок и сериозен беше неговиот глас додека наведнат над медицинската документација ги изнесуваше причините за нејзината неплодност, а Катерина цело време потврдно кимнуваше со главата. Таа, всушност, голем дел од она што ѝ беше кажано не разбра и се преправаше дека ги познава зборовите од медицинскиот речник, но, сепак, не му ги прекинуваше речениците. Не смееше да прашува што и да е. Не сакаше да прашува што и да е. Во сопствените мисли веќе ја имаше здогледано лошата вест.

Докторот беше мошне внимателен човек. Не ги штедеше напорите овие луѓе да не ги повреди, па со огромна претпазливост го одбираше секој збор. И како што привршуваше со монологот, така гласот му смекнуваше и стануваше сè понажален. Најсетне, настапи пауза. Просторијата ја исполни длабок и непријатен молк.

Докторот го одвои погледот од хартиите и се загледа во лицето на триесет и осум годишната жена. Катерина зад тркалезните стакла забележа сочувствителен поглед. Посака пријателски расположениот доктор да ги тргне очите од неа. Под неговиот сожалителен поглед, Катерина стануваше навредена. Го имаше почувствувано како тиха негација на нејзината женскост.

Докторот се накашла, а потем со благ тон отворено им рече дека најдобро ќе биде да заборават на можноста таа жена да забремени и да се зафатат со нешто што би можело сериозно да ја оттргне мислата за дете.

„Гледам како се мачите и тоа го велам за ваше добро“, искрено и добродушно рече докторот, „а вие сами решете како понатаму.“

На Катерина ѝ затрепери вилицата, па таа ги стисна забите за да не заплаче. Го спушти погледот и се загледа во венчалниот прстен што долги години го носеше на раката. Низ густите трепки, скапо платеното злато се изменуваше во обичен камен. Прстенот беше точен, но таа почувствува засекување и стегање во месото како да беше претесен. Го извади од прстот и вртејќи го помеѓу палецот и показалецот, со него почна да си игра.

Катерина го почувствува погледот на Павел на себе, но не ја сврте главата накај него. Го почувствува и топлиот допир на неговата дланка врз нејзината, но таа раката брзо ја истргна. Од она што го направи, високиот и впечатлив маж седнат до неа ги подви рамената. Изгледаше како сосем да се смали, онака стуткан.

Катерина длабоко вдиша со затворени очи.

За прв пат во својот живот, таа се обидуваше да го оддалечи од себе нејзиниот сопруг и да му овозможи да се спаси од неа. Катерина, во тој миг, се имаше почувствувано како негов голем товар. Освен тоа, се имаше јавено огромна доза беспредметна вина во неа, па таа си префрлуваше сама на себе што тој ќе остане бездетен токму заради неа.

Ѕвездан Георгиевски, Недела дена во животот и смртта на Гроздан (роман во слики за машкото стареење)

ПАРОВИ

И нему и на Буба им се чини дека некогаш порано, иако можеби многу одамна, а можеби и не толку одамна, веќе се возеле крај едноличните куќи во викенд-населбата Добар Дол. Иако знаат дека за првпат се тука и дека нема никакви шанси кога било и како било да поминале низ оваа, токму и толку нова викенд-населба.
„Во некои паралелни светови“, му го објаснува Гроздан своето чувство на Бошко, кој ги чека на малото скверче во населбата.
„Во некоја дамнешна реинкарнација“, се потсмева Буба.
Гроздан и Буба, всушност, и немаат некоја особена волја таа вечер да ја поминат во викендичката на Бошко.
„Земи ја Буба и доаѓајте вечер во викендичката. Да ја видиш. Ќе дојдат и Изет и Мерсиха и ќе играме реми и ќе го гледаме метеорскиот дожд“, му се јави сабајлето Бошко. И уште додаде дека Марија ќе замеси зелник, мислејќи дека така го користи својот најсилен адут.
„Секако, само што не можам. Знаеш дека морам да се јавам во редакција“, мрзоволно се правдаше Гроздан.
„Ах, да. Не носи со себе мобилен. Никој нема да носи. Играме карти, ебаго. Ќе се јавиш од мојот мобилен, или од мојот лаптоп. Знаеш дека имам интернет.“
Бошко рече уште нешто, дека ќе ги чека на плоштатчето, дека супер ќе си поминат, дека од кај него најдобро ќе се гледа метеорскиот дожд, дека Гроздан е глупав и самобендисан педер...
Сега ги гледаме Гроздан и Буба на големата трпезариска маса во не толку големата викендичка на Бошко и Марија. Изет ги меша картите, Марија носи ракија и вино, Бошко од некаде вади тетратка и хемиски молив и се обидува да ги запише имињата на играчите на лист хартија.
„Не пишува проклетово пенкало. Гроздан, ти сигурно имаш некое кај тебе.“
Гроздан му подава хемиско пенкало.
„Штета. Моето беше црвено. Посилен впечаток ќе оставеше на конечниот резултат, кога до коска ќе ве раскантам.“
Не им е смешно. Молчат и играат. Денар – бројче.
Бошко хантира. Само Марија има отворени карти. Бошко офнува, а другите не знаат дали навистина од болка или само сака да ги понижи. Бошко веќе со години страда од реума, а го болат и нозете. Често добива грчеви на мускулот под коленото од левата нога и тогаш скока како попарен и делува како да танцува некаков опскурен индијански танц.
„Наместено е“, вели Мерсиха. Буба молчи и ѝ ги брои поените на Марија.
„Не ви се стори дека некој чука на врата“, вели Гроздан.
Не им се стори. Продолжуваат да играат. Гроздан пие ракија.
„Доста пиеш, возиш“, вели Буба.
„Спас во алкохолот“, Бошко упорно се обидува да биде саркастичен.
„Ете, пак. Некој чука на врата“, вели Гроздан. Сите замолчуваат извесен период. И продолжуваат да играат.
„Тебе ти чукаат тапани во главата“, вели Бошко.
„Не знам, можеби навистина некој чука“, се јавува дотогаш молчаливиот Изет.
„Дај ми го мобилниот. Време е да се јавам во редакција“.
Бошко зачудено гледа во штотуку извадениот телефон.
„Скршен е. Да ти го ебам творецот, да ти го ебам, скршен е.“
„Како скршен?“
„Не знам, мониторот му е пукнат“, вели Бошко и го става телефонот на уво. „И нема ни мрежа. Или не работи воопшто. Да, воопшто не работи.“
„Како нема мрежа?“, Гроздан е веќе нервозен. „Кај ти е лаптопот?“. Во тој момент се слуша чукање на прозорецот. Настанува молк. Просто можете да ја слушнете тишината. И повторно чукање на прозорецот.
Бошко оди кон прозорецот. „Нема ништо. Или е ветер или некоја мачка.“
Гроздан се упатува во собата каде што мисли дека се лаптопот, а останатите продолжуваат да играат карти. Како ништо да не се случило и како да не отсуствува еден од играчите.
„И кога ќе биде тој метеорски дожд? Ќе почувствуваме ли некако?“, прашува Буба.
„Тука дожд кога паѓа, глава пука од тропањето по ламарината на покривот, а замисли како ќе
се слуша кога ќе паѓаат метеори“, се смее Бошко.
Гроздан, додека чека да се отвори системот на лаптопот, го слуша разговорот од другата соба. Секогаш му е непријатно кога разговараат Буба и Бошко. Буба му беше девојка на Бошко пред да влезе во врска со него. Колку време помина. Следната година правиме 30 години брак. Па, сигурно има 35 години, можеби и повеќе. Интернетот не реагира.
„Немаш мрежа ни за интернет. Да ти го ебам операторот“, влегува Гроздан во собата каде што останатите играат карти. „Морам некако да се јавам.“
Повторно се слуша некој звук од пред влезната врата. Како некој да се сопнал и паднал.

 

Еписторијановни, Фобија од конкурс


From:
Epistorija Glagolaevna <epistorija_glagolaevna@gmail.com>
To:
Epistorie Nikiforoven <epistorie.nikiforoven@gmail.com>
Date:
02. september 2012 23:34
Subject: Re: bez naslov, no so povod :)


Драг Еписторие Никифоровен,

Сакам да те известам дека денес мојот авион слета во Градот на иднината. Патувањето беше безбедно и мирно. Бидејќи не можев да заспијам, постојано размислував за возбудливите прошетки низ градот. Во овој момент седам во едно кафуле спроти една огромна Стоковна куќа, на која не ѝ го запаметив името, и додека ти ја пишувам оваа порака, ги читам паролите што самите се вртат на сите страни. Можеби има некаков штрајк, бидејќи на нив со големи букви некој напишал:
Добредојдовте во градот на иднината!
Добредојдовте во највозбудливиот град на Светот!
Добредојдовте во Метрополата на младината, овде и само овде:
Младоста е Револуционерна!
Револуционерна е Младината!
Напред Младино!
Бидејќи паролите сами се движат, зедов една парола на којашто пишуваше Добредојдовте во највозбудливиот град на Светот! и ја закачив на ѕидот над креветот на кој спијам.
„Ќе се најде за нешто“, гласно си помислив, се покрив со ќебето и заспав.
Утредента се разбудив во сосема друг град. Нов и модерен. Каде што паролите не постоеја. Ниту пак сами се движеа.

Добра ноќ,
Еписторија


From:
Epistorie Nikiforoven <epistorie.nikiforoven@gmail.com >
To:
Epistorija Glagolaevna <epistorija_glagolaevna@gmail.com >
Date:
02. september 2012 00:34
Subject: Re: mafijaski film..

Драга Еписторија Глаголаевна,

Го читам твоето писмо и наслонот на двоседот почнува да ми крцка, додека на телевизија пуштаат мафијашки филм. Играат тенис и се договараат да убијат некого. Одеднаш една кола застанува до нив. Тие се качуваат, се возат во тишина и се паркираат пред мојата зграда. Кучето молчи, се прави дека спие. Една смрдливка, зуејќи како луда, се сместува во подножјето на лустерот и го деактивира смрдежот. Ѕидовите се бели и исфлекани од незаминатите сенки, кои ми намигнуваат. „Доаѓам, момци!“, им довикнувам и почнувам да се облекувам. Ако преживеам, ќе те известам како се одвиваше вечерва.

Добра ноќ,
Еписторие

From:
Epistorija Glagolaevna <epistorija_glagolaevna@gmail.com>
To:
Epistorie Nikiforoven <epistorie.nikiforoven@gmail.com>
Date:
03. september 2012 14:34
Subject: Re: zeleznicka stanica

Драг Еписторие,

Влегувам на железничката станица, низ која повеќе со години не поминуваат никакви возови. На самиот влез пред чекалницата пишува: „Живеј го животот како денес да е твојот последен ден“. Се прашувам на кого му текнало да го закачи овој афоризам на место каде што нема жив човек. Кој знае каков ќе биде последниот ден. Патетично! Стварно имам видено некои луѓе во нивниот последен ден од животот, но никој од нив не сакал да му биде животот како последниот ден. Иако никој од нив ниту знаел дека тоа е судниот и последен ден. Каков е овој свет на видливото и оној свет на невидливото што лебди над нашите глави?, се прашувам. Исплашено излегувам од железничката станица. Ако едно нешто е надвор од нашето поле на делување, тогаш не вреди да се занимаваме со тоа и уште помалку да живееме во страв, се досетувам. Со насмевка на лицето и олеснување во душата влегувам во првата бурекџилница и заборавам на натписот што го прочитав пред само неколку минути.
Со нетрпение го чекам твоето известување за минатата вечер.

До следната авантура од овој необичен град,
Еписторија

 

Ана Михајлоска, Ресторанот на Кормораните

1

„Добредојдовте на првиот ден од дводневната ориентација за нашиот ресторан. Јас сум Цанко, главниот менаџер на човечки ресурси и воедно ваш водич во нашиот мал, но удобен свет. Прво ќе ве замолам сите да ги оставите мобилните телефони на масата зад мене, за да не ви одвлекуваат внимание. Ви благодарам. Кај мене ќе се обратите ако имате некаков проблем од социјална, економска или техничка природа. Не верувам дека има потреба да навлегувам во тоа што значат овие три термини кои ги наведов бидејќи вие сте исклучителните ликови што ги вработивме во нашиот ексклузивен ресторан, од очигледни причини. Како што знаете, нашиот ресторан има долгогодишно реноме и треба да ви претставува огромна чест што сте одбрани да работите овде. Сепак, од илјадниците што се пријавија, вие сте тие што се издвоија, да не речам, вие сте шлагот на тортата.

Луѓето се оние што му го даваат името на ресторанов, па со таа цел е и оваа обука: да ве научиме што треба и што не треба да правите, како да се однесувате со гости, како да се однесувате кон вашите колеги и претпоставени, и, секако, кон Главниот. Нашите гости резервираат маси во ресторанот години однапред за да добијат убаво место, затоа и се грижиме сè да биде совршено. Знаете дека сме зависни од добра критика и во никој случај не прифаќаме лоша. Затоа основното правило на нашиот ресторан е:

Лошата критика е вашиот еднонасочен отказен билет.

Но, не грижете се, затоа и секоја година ја одржуваме оваа дводневна ориентација: за да не добиете таков еднонасочен билет.

Сигурно се прашувате зошто сме отворени само една вечер во годината – вечерта на 15 септември – и зошто постојано сме во потрага по нови вработени. А сега ќе ви ги објаснам причините. Причината зошто отвораме секој 15 септември е едноставна: на тој датум му е роденден на Главниот; а како сопственик на ресторанов, тој решава сè, па така и ова. Нека не ве залажува поврзаноста со светскиот ден на демократијата, тоа е само интересна случајност. Секако, ние многу ја цениме демократијата во нашиот ресторан, за тоа нема збор. Но, за тоа во друга пригода. Што се однесува, пак, до нашата постојана потрага по нови вработени: осврнете се на нашето основно правило и сè ќе ви стане јасно. Имајте предвид и дека имаме исклучително долга листа на чекање на потенцијални работници. Нема потреба да ви објаснувам што е тоа, нели? Повеќето од присутните денес се новодојденци, но има и такви кои успеале да си го задржат работното место со години. Ако се потрудите (вие, новите), ќе добиете можност да се приклучите кон таа елитна група на извонредни поединци.

Верувам сте чуле за неколкуте случаи на луѓе што убиле со надеж дека ќе работат во нашиот ресторан. Нека не ве заплашува тоа. По неколку такви случки го зајакнавме обезбедувањето, така што воопшто нема за што да се грижите: овде сте безбедни. Згора на тоа, придобивките што ние ги нудиме не се нудат на ниедно друго место од ваков калибар. Претпоставувам свесни сте колкава среќа имате што сте наши вработени. Затоа мора да дадете сè од себе за вечерта на 15 септември да помине беспрекорно. Нашето мото за оваа година е:

Посовршени од совршенството.

Ваша работа ќе биде да го надминете совршенството. А што значи тоа? Ако гостите очекуваат 100%, вие да дадете 200%. А ќе дознаете како да го постигнете тоа после оваа дводневна ориентација. Всушност, полесно е одошто мислите. Ќе видите за кратко.

А сега, неколку зборови за Главниот, нашиот најдобар газда, основачот на Ресторанот на Кормораните: господинот Павел Корморан. Имено, господинот Павел Корморан е син на славните Корморани Јована и Мики. Јована е пионерот во преточувањето на љубовта кон птиците од родот корморани во меѓувидна љубов. Така, нашиот директор е половина човек, половина корморан, што му дава слобода постојано да лета над ресторанот и сите да нè надгледува. Затоа, знајте дека цело време ве набљудуваме. Ако се обидете да направите некоја далавера, ќе знаеме. И ќе добиете еднонасочен билет. На пример, ако некој направи грешка во нарачката и се обиде да го прикрие тоа, ќе знаеме. Ако некој друг му помогне во тоа, ние ќе знаеме. Ако некој се обиде да проба јадење што не е за него, ќе знаеме. Но, не плашете се. Ако добро си ја завршите работата ќе бидете наградени. Нашиот ресторан дејствува на принципот:

Ако си сработил како што треба, ќе си добиеш награда.

Слики: Jungho Lee

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото